И во Бугарија и во Сeверна Македонија се применуваат слични шеми за ширење дезинформации – се генерираат и шират фабрикувани, непостоечки изјави, за кои нема никаков релевантен извор.

Во Бугарија е повторно актуелна дебатата што ја предизвика познатата новинарка и публицистка Велислава Дарева (Велислава Дърева), која на својот Фејсбук профил објави текст со теза дека во Украина нема војна против оваа држава, туку дека се води војна против Русија. Наводната причина за војната против Русија на украинска територија бил воен профит за Соединетите Американски Држави, со кој Американците ќе обезбедат 14 трилиони долари за да го порамнат својот надворешен долг.

Текстот на Дарева е пренесен на порталот eurocom.bg со наслов „Велислава Дърева: Няма битка за Украйна. Има война срещу Русия“, како и на уште десеттина други портали во Бугарија. Дополнителен „буст“ постот на Дарева со неколку илјадни споредлувања на Фејсбук и Твитер.

Истиот ден, благодарение на разбивачите на митови и дезинформации, односно на проверувачите на факти, целосно е разобличена оваа „информација“ како конструкција (дополнета со уште една „причина“ за војната против Русија во Украина – дека таа е покрената за да се предизвика непријателство меѓу Русија и Европа). Целата оваа конструкција како дезинформација е изградена, внимавајте сега, врз основа на анализа на д-р Пол Кристи, извршен директор на „Институтот за глобални перспективи на Универзитетот Колумбија“ во САД и на неименуван висок службеник во Националната агенција за безбедност на Америка, објавена во списанието European Economic Journal со седиште во Бремен, СР Германија. Многу звучни референци кои што делуваат апсолутно уверливо и авторитативно, но – ниту една од овие референци не е реална – тие не постојат.

Не постои д-р Пол Кристи. Не постои Институтот за глобални перспективи на Универзитетот Колумбија во САД. Не постои European Economic Journal со седиште во Бремен, СР Германија. И, секако, последователно на сите овие непостоечки извори, не постои ниту неименуван висок службеник во Националната агенција за безбедност на САД.

Целосно разобличување на дезинформацијата ни презентира Јулијан Попов, новинар и писател, поранешен министер за животна средина во Бугарија и еден од основачите на Новиот бугарски универзитет, во неговиот текст со наслов „Чели ли сте този текст: “Няма битка за Украйна. Има война срещу Русия”? (Дали сте го читале овој текст: Нема битка за Украина. Има војна против Русија“).

Во дебанкирањето на оваа дезинформација Попов доаѓа до нејзиното извориште, внимавајте уште еднаш, до текст објавен во 2014 година во бугарскиот портал Darik.News, кој, пак, е извлечен од интервјуто со наслов „Для непонимающих, что за игра идет сейчас“ („За оние кои не разбираат каква игра се случува сега“) на имагинарниот д-р Пол Кристи. Интервјуто со имагинарниот д-р Пол Кристи е објавено на 28 апреля 2014, во екот на првата војна во Украина (кога е анектиран Крим), и Кристи бил многу популарен во Русија како директор на измислениот Институтот за глобални перспективи на Универзитетот Колумбија во САД.

За да биде конфузијата уште поголема и за да се сокрие трагот на автентичноста на веста, треба да напоменеме порталот Darik.News на 6 март оваа година го „рециклира“ текстот од 2014 година со наслов „The United States is facing the EU and Russia in Ukraine over their debts“ („САД ги соочуваат ЕУ и Русија во Украина за сметка на нивните долгови“) со напомена дека тие „немаат дефинитивен доказ за идентитетот и позицијата на авторот на студијата на која се повикуваат (д-р Пол Кристи). Сепак, тоа не им пречело да го објават текстот – ниту на Дарева, ни на стотиците други портали и фесјбук профили кои дополнително ги проширија овие конспиративни тези за војната во Украина – придонесувајќи за распространување на оваа дезинформација.

Верувале или не, непостоечката статија, на непостоечкиот доктор од Колумбија се појавува и како научна референца во научна статија за украинскиот долг кон Русија.

Да резимираме, „измислените тези“ на измислениот Кристи од 2014 за претходната војна во Украина, кој како непостоечки доктор на Универзитетот Колумбија е разоткриен уште во 2014 година, повторно се искористени денес за ширење дезинформации за војната „против Русија“ на украинска територија.

И анализата „Внимавајте: Со лажни изјави на Черчил намерно се распламтуваат националистички страсти!“ се однесува на случај на фабрикувана изјава, за која нема никаков релевантен извор, која со години се шири на интернет и е повеќекратно споделувана дури и од наградувани „научни авторитети“.

Оттаму, можеме да заклучиме дека и во Бугарија и во Македонија се променуваат слични шеми за ширење на дезинформации со фабрикувани изјави.