Измени во КЗ: Затворски казни за спроведување цензура и за предизвикување омраза и дискриминација по пат на информациски систем

Најновите измени на Кривичниот законик (КЗ), објавени на владиниот сајт ЕНЕР, предвидуваат нов член 193 „Повреда на слободата на мислење и изразување“.

Во изготвувањето на законскиот текст учествувале претставници од академската заедница, од судството, јавното обвинителство, Министерството за правда, невладини организации, МВР и други засегнати страни.

Со новите предлози за измени на КЗ се пропишуваат и се квалифицирани дополнителни облици за пет кривични дела кога се во прашање новинарите: за убиство на новинар, за што е предвидена казна од 10 години или доживотен затвор; за повреда на слободата на мислење и изразување на новинар; за присилба; и за загрозување на сигурноста и спречување новинарот како службено лице во вршење на службено дејствие.

Доколку бидат усвоени овие измени и дополнувања во Кричниот законик, обвинителството за вакви случаи ќе треба да постапува по службена должност.

Според Министерството за правда, новопредложените законски одредби имаат за цел да ги инкриминираат повредата на слободата на мислење и изразување.

Има измена и на кривичното дело „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, кое сега гласи „Предизвикување омраза и дискриминација по пат на информациски систем“, и во кое се додадени два нови члена за казнување на организатори, водачи и припадници на групи.