По екстремниот говор на омраза од страна на навивачите на фудбалскиот натпревар меѓу Динамо Загреб и Шкупи пред десеттина дена на стадионот „Максимир“ во Загреб, и покрај осудите, укажувањата, а и предупредувањата дека истото ќе се случи и на реванш средбата во Скопје, и на стадионот „Тоше Проески“ ечеа пароли и повици кои немаат никаква врска со спортското навивање и храбрење на екипите.

Се повторија сцените од Загреб, со особено загрижувачки говор на омраза кој содржи повици за убиство врз етничка основа.

Меѓу двата натпревари, директорот на ФК „Шкупи“, Омер Буњаку, во изјава за ЦИВИЛ Медиа на 22 јули (Директорот на ФК „Шкупи“, Буњаку со порака за фер и достоинствено навивање без говор на омраза), го осуди говорот на омраза и недоличното скандирање на трибините на натпреварот меѓу „Динамо Загреб“ и ФК „Шкупи“ на 19 јули во Загреб и ги повика навивачите да навиваат фер и достоинствено навивање без говор на омраза.

Сепак, и покрај овие апели, навивачката група „Шверцери“ на ФК „Шкупи“ од Скопје, заедно со навивачката група „Бед Блу Бојс“ на „Динамо Загреб“, извикуваа повици за убивање на припадниците на српската етничка заедница.

Гестот на играчите на „Шкупи“, кои на крајот на натпреварот им се поклонија на своите навивачи (Шкупи им се поклони на навивачите), говори дека клубовите во пракса не работат со навивачите за отстранување на говорот на омраза.

И во претходната реакција, Институтот за медиуми и аналитика ИМА предупреди и ги повика  надлежните институции и фудбалските клубови да ги преземат сите мерки за да спречат повторување на говорот на омраза од Загреб, и на реваншот во Скопје (Коалицирање на фановите на омразата: Говор на омраза со повици за убиство врз етничка основа).