Погрешни медиумски информации за измени на кривични дела во врска со говор на омраза

Во медиумите се појавија неколку погрешни информации во врска со најавените измени на „членот за говор на омраза“ во Кривичниот законик, односно за проширување на опфатот на основите за предизвикување омраза:

„Казните за ова дело се исти како и во постојниот Кривичен законик, а станува збор само за проширување на опфатот на основи за предизвикување омраза. Имено, покрај инкриминирањето на говорот на омраза врз основа национална, расна и верска основа, се додаваат и пол, род, етничка или религиска припадност, ментална, телесна попреченост, возраст, или дискриминација врз други основи“. (Призма)

„Со новиот закон се предвидува и проширување на опфатот на говорот на омраза, каде сега покрај национална, расна и верска, како основа за говор на омраза се додаваат и пол, род, етничка, религиска припадност, ментална, телесна попреченост, возраст или дискриминација по други основи.“ (Сител)

Овие тврдења не ја поминуваат проверката на факти, затоа што проширување на опфатот на споменатите основи (но, и на повеќе други дискриминаторски основи кои не се споменати погоре) се случи уште во 2014 година. Со ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК Сл. Весник на Р. Македонија, бр.27 од 05.02.2014 година беа проширени основите за предизвикување омраза не само во чл. 319, туку и во чл. 394-г, а и во неколку други членови од КЗ каде што се споменуваат дискриминаторски основи.

 

Извадок од Службен весник од 2014, каде што се додадени повеќе дискриминаторски основи

Да направиме споредба на член 319 со предложените измени во КЗ (документ од ЕНЕР).

Може да се увиди дека има мали промени во описот на членот, но нема никакви промени во делот на споменатите дискриминаторски основи.

Оттаму, и тврдењето на новинарката на РСЕ во интервјуто со Министерот за правда, исто така не ја поминува проверката на факти: „…додаден е и делот за омраза предизвикана од која било друга основа предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор. Во претходниот член 319 го нема овој дел. Бидејќи е многу актуелна ситуацијата со протоколот кој што го потпишавме со Бугарија, што овој член ќе значи во контекст на протоколот и говорот на омраза кој што таму се споменува?“

Изразот „која било друга основа предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор“  не се воведува сега, туку е воведен уште во 2014, и тоа во чл. 137 од КЗ, во членот 144  од КЗ (закана преку информатички систем), и во член 319 и во член 394-г.

Да направиме и споредба на член 394-г со предложените измени во КЗ (документ од ЕНЕР).

Верзијата на чл. 394-г од 2009

Верзијата на чл. 394-г од 2014

Предложените измени во 2022

Забележливи се промени во насловот („Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ е заменето со „Предизвикување омраза и дискриминација по пат на информациски систем“), промена на „компјутерски систем“ со „информациски систем“, но и бришење на изразот „расистички и ксенофобичен“. Додадени се и два нови члена за казнување на организатори, водачи и припадници на групи. Но, нема никаква промена во листата на дискриминаторски основи.

ИМА ќе продолжи да ја следи јавната дебата за предложените измени во Кривичниот законик и ќе даде свој придонес во врска со измените кои се однесуваат на кривичните дела во врска со слободата на изразување и говорот на омраза.