Пендаровски: Сите државни институции знаат дека Русија се меша во нашите внатрешни работи. Русите преку хибридни закани, преку политичката пропаганда прават обиди за влијание.

Во интервју за „Фокус“, објавено и на неговата официјална страница, претседателот Стево Пендаровски дава осврт за повеќе теми, меѓу другото, и за провокативните изјави на Лавров, за мешањето на Русија во нашите внатрешни работи, за хрибридните закани и руската пропаганда, за руските уфрлени агенти и руските инсталации, за политичките субјекти кои се во корелација со Москва, и за успесите на руската пропаганда и руските лажни вести на Западен Балкан.

 

Пендаровски за Лавров:  Сите државни институции знаат дека Русија се меша во нашите внатрешни работи

На прашање да ги искоментира изјавите на министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј Лавров, Пендаровски укажува: „Тоа се провокативни изјави кои се даваат со одредена цел. Сите државни институции знаат дека Русија се меша во нашите внатрешни работи. Последен пат со интензивно учество преку свои луѓе, свои политички субјекти, свои инсталации.“

 

Пендаровски: Русите преку хибридни закани, преку политичката пропаганда прават обиди за влијание

Пендаровски во интервјуто за „Фокус“ потврдува не само дека на протестите имало уфрлени провокатори од странство, туку и дека Русите прават обиди за влијание преку политичката пропаганда:

„Има, да. Од соседството доаѓаат луѓе кои се руски агенти, односно луѓе на руската служба. Не можам да јавно да обелоденам од каде точно доаѓаат, зашто тоа се сензитивни информации, меѓутоа Русите и преку тие, модерно речени хибридни закани, преку политичката пропаганда прават обиди за влијание. И, оваа изјава на Лавров е дел од таа политичка пропаганда. Тој споменува црква и една небулоза дека народот не мисли како неговите раководители. Дали сака да каже дека еден ден кога ќе дојдат некои луѓе што се блиски до светогледот на Кремљ ќе биде подобра соработката?

Постојат сознанија кај надлежните органи за финансирање на некои политички субјекти и за луѓе кои доаѓаат за да направат провокација на овие неодамнешни, сосема легитимни граѓански протести.“

Иако Пендаровски конкретно не посочува одредени политички субјекти, во интервјуто истакнува дека „се работи за неколку субјекти кои се во директна корелација со Москва неколку години наназад“:

„Сѐ додека тоа е политички артикулирано во институциите, тоа е во ред и тоа е демократски. Но морам да кажам дека навистина чудно е тоа што неколку дена по руската инвазија во Украина Левица го повика рускиот амбасадор во Собрание и го одликува за неговиот придонес во билатералните односи, што е без преседан. Во ниеден европски парламент тоа не се случило.“

 

Пендаровски: Ако ЕУ продолжи со оваа политика кон Западен Балкан, руската пропаганда ќе биде се посилна

Пендаровски, во интервјуто за „Фокус“ истакнува и дека Руската пропаганда постигнала одредени успеси кај населението во Западниот Балкан:

„Руската пропаганда, руските лажни вести, не само за војната во Украина, постигна одредени успеси кај населението во Западниот Балкан, пред се заради инертноста на ЕУ. Никој не оди напред, ниедна од шесте држави не напредувала, па беше оставен бришан простор за алтернативни сценарија и руската пропаганда тука наиде на плодна почва. Не е случајно што драстично паѓа поддршката за ЕУ. Ако ЕУ продолжи со оваа политика кон Западен Балкан, руската пропаганда ќе биде се посилна.“