Телевизијата Канал 5 јавно соопшти дека подолг период е мета на напади со говор на омраза Закани и тежок говор на омраза од Бугарија спрема Канал 5 ТВ но и други лица. Во соопштението се истакнува дека „Канал 5 ТВ подолг период е постојано место каде се пласира сериозен говор на омраза кој доаѓа од Бугарија. Но овие закани, омраза насочени спрема Македонците, Власите, Ромите ги надмина сите граници на толеранција“. Исто така, Канал 5 ги повикува надлежните институции во Македонија „конечно да преземат соодветни правни но и дипломатски активности“ за да не се случи телевизијата да го прекине емитувањето на политичките емисии“.

 

Но, говорот на омраза во коментарите на страницата на ТВ Канал 5 не доаѓа само од Бугарија. Канал 5 не е само мета на недолични и „хејтерски“ коментари, туку и медиум чии страници на социјалните мрежи се злоупотребуваат за коментари со непроверени информации, навреди, пцовки, закани, вклучително и коментари кои поттикнуваат омраза и насилство кон политичари, јавни личности, па дури и гости на емисијата „Само вистина“.

 

Дел од таквите коментари одат и во етер додека оди во живо емисијата „Само вистина“, и покрај тоа што медиумот има обврска според саморегулаторните практики и правила да спречи објавување на говор на омраза согласно професионалните стандарди.

 

Професионалните стандарди се содржани и во Кодексот на новинарите и во Насоките за етичко известување во онлајн медиумите, коишто ги подготви Советот за етика во медиумите во Македонија во широка консултација со медиумската заедница и со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, за уредување на говорот на омраза во онлајн сферата). Канал 5 е членка на СЕММ и треба да се придржува кон овие правила донесени од самите медиуми и нивното саморегулаторно тело.

 

Посебно ги издвојуваме следниве насоки:

 

„10.3. Онлајн медиумите ќе се трудат да ја зголемуваат свесноста за негативните последици од говорот на омраза, да го идентификуваат и разобличуваат таквиот говор, како и да ги посочуваат актерите што го продуцираат и се служат со него. Онлајн медиумите ќе создаваат содржини со коишто ќе се спротивставуваат на говорот на омраза и на дискриминацијата по различни основи.

10.4. Онлајн медиумите се одговорни за редовно прегледување и брзо отстранување на коментарите на корисниците што се објавуваат под новинарските содржини на вебстраниците или на социјалните мрежи, а коишто содржат говор на омраза и имаат потенцијал да предизвикаат штетни последици во општеството.

Член 20 – Одговорност за објавувањето коментари од читатели

20.1. Онлајн медиумот е одговорен и за содржината на објавените коментари од своите читатели, објавени на веб-страницата на онлајн медиумот во просторот за коментари, под новинарските содржини.

20.2. Онлајн медиумот ќе ги отстрани сите коментари кои содржат: повикување на насилство или други кривични дела, говор на омраза, дискриминација, закани и други облици на загрозување на правата и безбедноста на поединци, групи, институции, без оглед дали се директно или индиректно поврзани со текстот или темата што се обработува во него.

 

ИМА смета дека ако доследно ги применува овие насоки, ги модерира коментарите и не дозволува коментари кои ги кршат етичките и законските одредби, ТВ Канал 5 ќе спречи ем да биде злоупотребена како средство за ширење омраза, ем да биде жртва на говор на омраза.

 

Воедно, ИМА уште еднаш упатува повик до надлежните институции на земјата да го санкционираат ригорозно говорот на омраза кој е кривично дело и на социјалните мрежи, и до медиумските организации да ја интензивираат меѓусебната соработка и соработката со надлежните институции за да го спречат говорот на омраза и да ја минимизираат штетата од неговата употреба, како и злоупотребата на медиумските платформи за ширење на говорот на омраза.