Карл Орф како од „Али Експрес“: Или, како политичката пропаганда прогласи за нацистичко дело што нема врска со таа идеологија?

пишува: ЗОРАН БОЈАРОВСКИ

Многу „патриотски“ обоени небулози има во овој текст со наслов „Ремек дело кое го бендиса нацистичкиот режим – Андовска за песната изведена на Илинден на Крушево (ВИДЕО)“. Текстот е проширен и надграден врз основа на еден Фесјбук статус, но авторите не се потрудиле воопшто да истражат и да споредат пред да формираат новинарски текст, кој страда од точност и наведува на погрешен заклучок и со самото тоа создава дезинформација.

Да тргнеме по ред:

  1. Текстот е со јасна намера погрешно да наведува. И во насловот и во третиот пасус се врамува и погрешно се наведува помислата дека се работи за дело блиско до нацистичкиот режим, бидејќи во насловот е нагласено дека се работи за „Ремек дело кое го бендиса нацистичкиот режим…“, и дека е „Напишано е меѓу 1939 и 1942 година, а е објавено за време на нацистичка Германија во Втората светска војна. За многумина ова популарно и често изведувано дело на светските сцени се поврзува со нацистичка Германија на Хитлер иако авторот не бил нацист“ (го пренесувам со сите неписмени недугавости).

Последното „парче“ од овој (трет) пасус, демек, му прави безбедна зона на авторот на текстот, но штетата и погрешното наведување се веќе сериозно направени: Во главите на „патриотите“ на Македониум во Крушево било изведено „ дело(то) кое се поврзува со нацизмот е во изведба на Македонската филхармонија“ (пасус 6).

И готово. Завршена работа. Наклеветени Нациоаналната филхармонија, наклеветени изведувачите, наклеветена Владата…

И сѐ би било во ред, да не се работи за обид за прикривање на фактите со кои е мануфактурирана дезинформација.

Да биде иронијата и смешката на овој обид уште поголема, тука е „крунскиот аргумент“ во пасусот 7:

„Контроверзниот избор на ова дело е дополнително спорно и поради драматичната музика која и покрај генијалноста во музичка смисла неретко предизвикува негативни дури и вознемирувачки емоции кај слушателите“.

Ве молам: Делото било контроверзно поради тоа што драматичната музика предизвикувало вознемируачки емоции кај слушателите !?!?

  1. Инаку ова исто дело, „О Фортуна“, како дел од Кармина Бурана на Карл Орф, не било „претстава за фашистичките вредности“ (Андовска), кога во 2015 година беше изведено на отворањето на Охридско, во време кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт.

https://time.mk/c/a76dba32ab/otvoreno-55-izdanie-na-ohridsko-leto.html

Во 2015 година, ова не беше „дело кое се поврзува со нацизмот“, туку „магично-визулно беше завчеравечер во Античкиот театар во Охрид. Во вековната меморија на сцената свои визуелни одблесоци остави претставата „Kармина Бурана“ како претстава за отворање на 55. издание на меѓународниот фестивал Охридско лето“.

Инаку, Карл Орф, навистина својата творечка зрелост ја доживеал во периодот кога во Германија на власт биле нацистите, но тоа на ниту еден начин не го прави фашист или нацист.

https://holocaustmusic.ort.org/politics-and-propaganda/third-reich/orff-carl/

И уште нешто не е точно. Не е точно дека „Кармина Бурана“ ја бендисал нацистичкот режим. Напротив, во 1937, кога била прв пат изведена (а не во 1942 како што се наведува во текстот), „Кармина Бурана“ била дочекана со најостри критики од тоагш навлијателниот музиколог и наци-фан Ханас Герик, кој, меѓу другото, напишал дека делото страда од „примитивните инструментални елементи“ и од влијанието на туѓи (негермански) ритми“.

Подоцна, после Втората светска војна, за време на процесот на денацификација (или лустрација по нашки), Карл Орф бил ставен во категоријата “‘Grey C’, acceptable”, односно како уметник кој создавал за време на Третиот Рајх, но кој лично немал националсоцијалистички ставови.

И ова е сосема соодветно, ако се знае дека некои предци на Орф имале еврејско потекло и бил идеолошки многу поблизок до тогашните „левичари“ како што биле Бертолт Брехт и Курт Вејл со кој соработувал.

За волја на целосната вистина, единствениот грев со Третиот рајх, кој му се припишува на Карл Орф, е неговата педагошка дејност, како дел од неговата кариера, кога под општиот притисок на нацистичката идеологија, се свртел кон германската фолк музика како доминантна тема во програмите по музичко образование.