Експлозија на говор на омраза за време на јавната дебата за „францускиот предлог“

Пишува: ЗОРАН БОЈАРОВСКИ

Дневно-политичките актуелности и развојот на преговорите со таканаречениот „француски предлог“ за надминување на спорот со Бугарија и ветото за почеток на преговорите на Северна Македонија за членство во Европската унија, повторно го разгореа говорот на омраза во јавноста, медиумите и на социјалните мрежи. Ваквите појави добија ветер во едрата токму во време кога тензиите во овој процес ја достигнуваа својата кулминација. Оваа анализа ги идентификува карактеристиките и елементите на говорот на омраза кој преовладува во јавниот дискурс и како тие се пресликуваат во актуелниот комуникациски амбиент во земјата во контекст на предложената рамка за отворање на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, односно „францускиот предлог“ како што широко беше прифатено во јавниот дискурс.

Еволуцијата на говорот на омраза

Говорот на омраза и дезинформациите, како алатки на пропагандата, го поларизираат јавното мислење, промовираат насилен екстремизам и дела од омраза, ги поткопуваат демократиите и ја намалуваат довербата во политичките лидери, институциите и демократските процеси.

Според повеќе дефиниции, говорот на омраза, како средство на пропагандата, во сите свои форми на изразување има за цел да шири, поттикнува, промовира или оправдува меѓуетничка омраза, расна омраза, ксенофобија, антисемитизам или други форми на омраза засновани на нетолеранција.

Сите овие влијанија вклучуваат нетолеранција изразена со агресивен национализам и етноцентризам, дискриминација и непријателство кон определени таргетирани групи, кон малцински групи како и кон останатите категории на маргините на општеството.

За жал, сè почесто се регистрираат случаи на насилство или на кривични дела од омраза, како резултат на дезинформациите и говорот на омраза.

Ова е глобален феномен, но праксата покажува дека нашиот регион и нашата држава се многу плодна почва за овие влијанија. Искуствата покажуваат дека македонското општество е посебно ранливо на говор на омраза и дезинформациите, при што во последните 10 години е забележан тренд на континуитет и на фокус на одредени процеси или целни групи.

Во таа насока кампањите со говор на омраза се насочени кон поттикнување на внатрешните конфликти, особено меѓу заедниците на етничките Македонци и етничките Албанци, кон наштетување на меѓународните односи на Северна Македонија, особено кон соседите Бугарија, Грција и ЕУ.

Дневно-политичките актуелности и нивната динамика диктирана од развојот на процесите кои се дел од преговарачките напори за надминување на спорот со Бугарија, околу ветото за почеток на преговорите и т.н. „Француски предлог“ повторно ги разгореа јавното мислење, медиумите и социјалните мрежи со говор на омраза. Ваквите појави добија ветер во едрата токму во време кога тензиите во овој процес ја достигнуваа својата кулминација.

Другата цел, кон која се насочени кампањите со говор на омраза, се клучните политички процеси во земјата како што беше референдумот од септември 2018 година за промена на името на државата, како резултат на Договорот од Преспа, кој исто така беше мета на организирана кампања со говор на омраза и дезинформации.

Посебно изразен интензитет и системска организираност кај кампањите со говор на омраза и дезинформации се препознава кога на мета на проблематизирање се стратешките прашања за Северна Македонија во меѓународното позиционирање на земјата како што се членството во НАТО и ЕУ.

За време на пандемијата со ковид-19, кампањата со дезинформации беше придружена и со говор на омраза.

Низ сите овие процеси, се покажа дека говорот на омраза и дезинформациите наоѓаат исклучително податлива средина во Република Северна Македонија, како прилично поларизирано општество, каде што нивото на слобода на медиуми и политичка култура сѐ уште се резултат од последиците од периодот на заробената држава и непрекинатата популистичка пропаганда за време на владеењето на Никола Груевски.

Оваа анализа тргнува од идентификувањето на типичните карактеристики и елементи на говорот на омраза кој преовладува во јавниот дискурс, медиумите и на социјалните мрежи и како тие се пресликуваат во актуелниот комуникациски амбиент во Северна Македонија во контекст на Општиот став на министерски состанок на меѓувладината конференција за завршување на отворањето на преговорите за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, односно „францускиот предлог“ како што широко беше прифатено во јавниот диксурс во земјата.

Анализата е направена врз основа на евалуацијата на медиумскиот пејзаж и конкретни примери на медиуми и комуникацијата на темата „француски предлог“ за Преговарачката рамка за Северна Македонија за почеток на преговорите со ЕУ во периодот од 4 до 16 јули кога Собранието ги прифати заклучоците на Владата. Дополнително се користени секундарни извори како што се извештаите за следење и одлуките на регулаторните органи, саморегулаторните тела, платформи за проверка на факти и претходни истражувања за медиуми за говор на омраза и дезинформации, како и со интервјуа со релевантни извори и експерти за говор на омраза и дезинформации.

 

Изворите на говор на омраза и дезинформации не се само во странство, ги имаме и дома

Како бекграунд, кога станува збор за говорот на омраза и за дезинформациите како алатки на пропагандата во случајот на Северна Македонија, треба да се има предвид студијата на Европскиот парламент објавена во 2021 година, „Mapping Fake News and Disinformation in the Western Balkans and Identifying Ways to Effectively Counter Them“. Во неа е изведен заклучок дека „иако говорот на омраза и дезинформациите се земаат во контекст на надворешните закани за функционирањето на владеењето и демократијата, оваа студија покажува дека странските актери не се најистакнатите виновници. Повеќето луѓе, медиуми и организации кои произведуваат говор на омраза и шират дезинформации се внатрешни“ (Дискриминација, нетрпеливост  и говор на омраза во „Миленко Неделковски шоу“).

Покрај тоа, оваа студија укажува дека „овие феномени се повеќе симптом отколку причина и дека се резултат на низок степен на општествена кохезија и демократското владеење“.

Овие укажувања треба да се земат како сериозна основа за да се воспостави најточна дијагноза за причините за нагласено високиот степен на говор на омраза, кој во многу случаи има екстремни и загрижувачки форми и последици (Опожарен центарот „Ванчо Михајлов“ во Битола, Сквернавење на споменикот за бугарските туристи во Охрид), и доколку, освен со анализите од овој тип, како и бројните констатации, се тргне во потрага по најсоодветниот одговор за справување со оваа појава која нанесува сериозни штети и се шири како канцер низ виталните ткива на општествениот организам.

Ова дотолку повеќе, ако се земат предвид дополнителните укажувања што произлегуваат од студијата на Европскиот парламент, кои констатираат дека интензитетот и острицата на ксенофобичните кампањи, поттикнати и од домашни и од странски актери, се особено понагласени во земјите каде што постојат поделби за одредени прашања по етничка линија, како што се Босна и Херцеговина и Северна Македонија, како и во земјите каде што има владини коалиции со тесно мнозинство, кои се особено податливи и ранливи на вмешување од одредени геополитички позиции на трети страни.

На загрижувачките последици од говорот на омраза што ги таргетира меѓуетничките состојби предупредува и претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски во интервјуто за неделникот Фокус од 28 јули 2022 година.

„Меѓуетнички судири и тензии се јавуваат кога политичките актери ќе ја засилат националистичката реторика и тоа е работа која најмногу ме загрижува. Не дека Македонија ќе се распадне ако останеме надвор од ЕУ, ниту ќе има сериозна дестабилизација заради тој факт, но не е добро да постојат политички фактори кои манипулираат со националните чувства на граѓаните“, посочува Пендаровски.

Тој укажува дека запаливата реторика кон останатите може да предизвика инциденти: „Јас се сеќавам на раните 90-ти години, кога ниту тогашното ВМРО-ДПМНЕ не одеше со таква запалива реторика кон останатите. Ние имаме реторика кон Албанците која е невидена, потоа имаме антизападна, антиамериканска, антигрчка, антибугарска реторика на невидено ниво и се плашам дека некои нови генерации поведени од реториката на политичарите можеби ќе сакаат да испровоцираат инциденти.“

Пендаровски предупредува дека се опасни обидите да се добијат политички поени со запалива реторика и ја споредува денешната со ситуацијата од 2001 година.

„…Немаше ни близу таква реторика во 2001 година, кога имавме војна. Можеш да се обидеш да добиеш поени со таква реторика, но тоа е опасно. Ние првпат во 30 години независна држава имаме пратеник актуелен да зборува за стрелање, за сечење глави. Тоа не може да биде легитимно политичко искажување. Што ако луѓето кои излегла да протестираат на улица помислат дека тоа навистина е решение за некои проблеми?“, истакнува претседателот Пендаровски во интервјуто за политичкиот магазин „Фокус“.

Бидејќи доаѓа од Европскиот парламент, студијата „Mapping Fake News and Disinformation in the Western Balkans and Identifying Ways to Effectively Counter Them“ посебно се осврнува на дејствијата на домашните и странските актери во земјите на Западен Балкан, кои користат говор на омраза и дезинформации за да го поткопаат кредибилитетот на Европската унија во регионот.

Студијата наведува дека во напорите за дискредитација на ЕУ доминира Русија, која одржува широка инфраструктура на медиумска манипулација низ целиот регион.

 

Говор на омраза и дезинформации како Ц4 експлозив за столбовите на општеството

Анализите покажуваат дека пропагандните центри, домашните и оние во странство на исток, имаат идентификувано 4 столбови, на кои се потпира и на кои функционира македонското општество. Тоа се:

  • Меѓуетничките односи;
  • Соседските односи;
  • Врските со ЕУ и НАТО и
  • Критичните политички процеси поврзани со иднината и равојот на земјата – по правило изборните процеси.

Токму тие се цели на пропагандата со говор на омраза и дезинформации.

Посебно изразен интензитет и системска организираност се препознава кај кампањите со говор на омраза и дезинформации, коишто се насочени кон проблематизирање на стратешките прашања за Северна Македонија за меѓународното позиционирање на земјата, како што се членството во НАТО и ЕУ.

Ова е сосема разбирливо, ако се има предвид дека многу од клучните прашања на политичката агенда за иднината на Република Северна Македонија зависат или произлегуваат од трајното решавање на овие две стратешки цели. Оттаму, токму тие се легитимна цел, како што изјави еден руски амбасадор, на пропагандата, која вклучува говор на омраза и дезинформации.

Употребата на говорот на омраза и дезинформациите, како дел од пропагандата против референдумот за промената на името на земјата многу прецизно и сеопфатно ги анализира Жарко Трајаноски во серијата анализи „Руската пропаганда во Македонија во 2018: „Единствена Македонија“ како „пионче“ на „Единствена Русија“, „Руската пропаганда со дезинформации во Македонија пред референдумот во 2018“ и „Руската пропаганда во Македонија по референдумот до зачленувањето во НАТО“.

Како еден од сублиматите во неговите анализи, во кои тој прецизно ги посочува протагонистите на пропагандата и содржината на говорот на омраза во овој клучен период од современата историја на Северна Македонија, Трајаноски заклучува дека „таквата застрашувачка пропаганда, несомнено поттикнуваше сомнеж и недоверба кон демократските институции и власта, која водеше позитивна кампања за референдумот. Пропагандните кампањи со хаштагот #Бојкотирам создаваа поларизација на „патриоти“ и „предавници“, го радикализираа политичкиот дискурс и поттикнуваа негативни чувства и омраза кон „предавниците“. Кампањите со дезинформации и конспирации што предизвикуваа страв, недоверба, несигурност и поттикнуваа непријателство и говор на омраза, се покажаа како моќно оружје – за пасивизација на гласачите, за поткопување на референдумот како демократски процес, и за зајакнување на недовербата кон ЕУ и НАТО во Македонија“.

Еволуција на балканскиот говор на омраза со „француски акцент“

Последната пропагандна канонада со говор на омраза се случи во контекст на „францускиот предлог“ за деблокирање на процесот за преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ. Канонадата со говор на омраза доживеа кулминација за време на собраниската расправа по заклучоците на Владата за текстот на преговарачката рамка, а веднаш потоа и за протоколот со Република Бугарија, како и за декларацијата за македонскиот јазик.

Овој текст како посебно значајни за анализа ги зема аспектите на говорот на омраза, кој од улиците за време на протестите и од социјалните мрежи, се префрли во Собранието (Улична дебата во Собранието: Пратениците од СДСМ се изроди, а тие од ВМРО-ДПМНЕ се за лекување во Демир Хисар), како и аспектите на сè поизразен говор на омраза и поделби на внатрешен план помеѓу двете најголеми етнички групи (Бесот од францускиот предлог се истура врз соживотот).

Но, пред да ја анализираме еволуцијата на балканскиот говор на омраза со „француски акцент“ на третиот слог одзади, да провериме што велат прирачниците за пропаганда за употребата на говорот на омраза и дезинформациите (Hate and propaganda models of media and communication in the Western Balkans and Turkey).

Во однос на содржината, прирачниците велат дека е препорачливо системско производство медиумски пакети со говор на омраза во „новинарски“ текстови, извештаи, коментари, наслови, визуелни содржини (фотографии, илустрации, видео), симболи, посебно креирани пораки кои поттикнуваат омраза против целни групи и поединци, клеветнички тврдења, предрасуди и дискриминаторски говор.

Звучи познато, нели?

Како познато, веќе видено и исклучително опасно го оцени и Институтот за медиуми и аналитика ИМА, кога во текстот „Се интензивира говорот на омраза по повеќе основи: Пак ечи „Клетите Шиптари“ и „Чиста Македонија“, каде се јавноста и институциите?“ предупреди дека „говорот на омраза е закана за мирот и безбедноста на општеството и дека медиумите, граѓанското општество, но пред сè надлежните институции, мора да сторат сè што е во нивна моќ за да го спречат неговото ширење и неговата употреба како метод во политичките битки“.

Се интензивира говорот на омраза по повеќе основи: Пак ечи „Клетите Шиптари“ и „Чиста Македонија“, каде се јавноста и институциите?

Сето тоа, силно дополнето со заплашување, вознемирување и дезинформации, манипулација со факти и слики, ревизионизам на историски факти, брутално негативни, клеветнички кампањи против таргетирани цели, ширење неоснован страв, доминира како наратив во овие медиумски и комуникациски платформи.

Цели на таквата содржина се поединци или групи припадници на противнички политички партии, етничките, верските и сексуалните заедници, соседните народи, малцинските заедници како мигранти, бегалци и баратели на азил, Роми, муслиманите, Евреите, политичките или идеолошките противници, критичките новинари и медиуми (ЗНМ: Зачестени напади врз новинари, надлежните итно да постапат по пријавите), критички ориентираните јавни личности и активисти на граѓанското општество, членови на академската заедница и застапници на мултикултурни општества, феминистки, бранители на човекови права, еколошки организации и активисти, Џорџ Сорос, ЕУ (Со кои пораки беше пречекана Урсула Лајен во Собранието) и другите меѓународни актери кои застапуваат критички ставови.

И ова звучи познато.

Како пример за еден таков континуиран напад со говор на омраза и закани со насилство Институтот за медиуми и аналитика опиша во текстот „Говор на омраза и непримерни напади кон професорката Колозова за објавени лични ставови“.

Откако професорката Катерина Колозова на својот Фејсбук профил објави мислење за контроверзна тема, уследи не само лавина од реакции и недолични коментари, туку и напади со екстремен говор на омраза кон неа по повеќе основи. На пример, Фејсбук страницата Infomax.mk овозможила објавување на стотици коментари под навредливата објава, од кои дел се лични навреди, дел се сексистички говор на омраза и поттикнување омраза по повеќе основи, а дел повикуваат на повреда на нејзините човекови права и загрозување на личната сигурност.

ИМА регистрираше уште една форма на екстремен говор на омраза на 26 јули 2022 година, кога на фејсбук групата Macedonian Radio Program- 3ZZZ, Melbourne е објавен статус од новинарот Ico Najdovski-Perin со фотографија (монтажа) од Пендаровски, Заев и Ковачевски, и следниве пораки со „патриотски“ говор на омраза со политичка основа кој повикува на насилство: „И мртви ќе ве гониме!!! За Илинден само стапот за овие предавници!“.

Во една комбинација од содржина и таргетирани цели за напад, мета на проблематизирање и на подривање на фактите, се и одделни историски настани од позиции на агресивен етно-национализам.

Специјалните формати и техники, вклучувајќи анонимност, употреба на алгоритми и други техники, со јазикот на силни, емотивни, вербални и визуелни решенија и сеење на страв, се алатките за привлекување публика, за влијание на јавното мислење и за манипулирање.

Говорот на омраза и дезинформациите од овој тип, засилени со медиумска поддршка и со хајки на  комуникациските платформи како што социјалните мрежи, може да доведат до инциденти, организирани акции и напади (Инциденти на протестите против „францускиот предлог“ пред влада, Полицијата спречи меѓуетнички инцидент на протестите…)

 

Говорот на омраза го презедоа политичарите и јавните личности

Во контекстот на кампањата против предложената рамка за почеток на преговорите за членство во ЕУ, лидерот и пратеник на „Левица“, Димитар Апасиев говорот на омраза го пренесе од медиумите и социјалните мрежи во јавните настапи кога прво повика на радикализација (Апасиев предлага радикализација на опозицијата со протести, блокади и парализа на Собранието), а потоа и со отворената реторика на омраза кон претседателот на државата Пендаровски (Апасиев јавно го пцуе Пендаровски), откако првиот човек на државата на на Самитот на НАТО во Мадрид изјави дека модифицираниот француски предлог „далеку подобар за нас во споредба со претходниот“.

Ова само им даде дополнителен импулс на следбениците на Апасиев на социјалните мрежи, особено откако тој „се нафрли“ со непримерен говор и врз дел од новинарите кои изразија мислење за „францускиот предлог“ (Функционери на Левица со етикети, говор на омраза и закани за ставање на „список“ кон новинарот Попетрески).

Функционери на Левица со етикети, говор на омраза и закани за ставање на „список“ кон новинарот Попетрески

Институтот за медиуми и аналитика ИМА регистрираше дека од говор на омраза не беа поштедени ниту најмалку ни високите функционери на ЕУ, кои доаѓаа во Северна Македонија со пораки дека македонскиот јазик стои без квалификација од ЕУ во изменетиот предлог на преговарачката рамка и дека иднината на Северна Македонија е во Европската Унија, дека Европа не е цела без Северна Македонија (Оркестрирани напади со говор на омраза и дезинформации кон фон дер Лајен и ЕУ).

Оркестрирани напади со говор на омраза и дезинформации кон фон дер Лајен и ЕУ

На ова реагираше и еврокомесарот за проширување и соседство Оливер Вархеји, кој во во интервју за „Еурактив“ ја повика опозицијата во Северна Македонија на отрезнување со порака дека „шалењето документи во пленарната сала, туркањето на луѓето кон насилство, и поттикнувањето омраза не носат ништо, само штета“.

Репертоарот на говор на омраза се врати на „најдобрите традиции“ од времето на владеењето на Никола Груевски и заробената држава, кога со црвени кругови беа „маркирани“ сите што изразуваа слободно и различно мислење од тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ, и кога беа составувани списоци, овој пат дополнително охрабрени со изјавите на лидерот кои во одредени случаи беа и исклучително екстремни (Зошто Апасиев сака нечии деца да плукаат крв и зошто уште не е приведен?)

Дека говорот на омраза може да се претвори во „бомба“ што е сериозна закана за меѓуетничките односи, беше една од поентите на дебатата „Етничката омраза од собраниската говорница“, што ја организираше „Цивил медиа“ во која учествуваа пратениците Љатифе Шиковска, Зеќир Рамчиловиќ и Мартин Костовски.

Хушкањето со говор на омраза потоа доби и нови форми, како што беше случајот со објавување на листата со телефонските броеви на пратениците („39 броеви на пратеници од мнозинството во парламентот објавени на Твитер – Повици со закани и говор на омраза за да не гласаат за францускиот предлог“).

Не дека службените телефони на пратениците се државна тајна, но овој пат тие беа објавени со повик „Порачајте им да не го предаваат народот“, по што следуваа закани, пцости и друг говор на омраза кон пратениците од владејачкото мнозинство, како притисок да гласаат против заклучоците на Владата за прифаќање на „францускиот предлог“.

Како ехо на токсичната медиумско-политичка јавна дебата за „францускиот предлог“ и декларацијата за македонскиот јазик, говорот на омраза и дискриминацијата се пресели на Википедија, со информациски упади на страниците на министерот за надворешни работи Бујар Османи, премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на државата Стево Пендаровски (Синхронизирани напади кон политичари на Википедија со дезинформации, поттикнување омраза и дискриминација).

Синхронизирани напади кон политичари на Википедија со дезинформации, поттикнување омраза и дискриминација

Сѐ започна со хакерската интервенција на страницата на Википедија посветена на министерот за надворешни работи Бујар Османи , кога засега непознат „администратор“, на 23 јули во попладневните часови, ја менуваше содржината на англиската страница на Wikipedia со навредливи преименувања (дел од таквите преименувања на министерот за надворешни работи беа забележливи и на транспаренти на опозициските протести против т.н. „француски предлог“). Следуваа информациски упади на страниците на премиерот и претседателот, со навреди, дискриминаторски описи, и говор како организиран пропаганден напад со јасно таргетирани цели, за синхронизирана акција со поддршка на домашни „фарми“ на ботови, кои на социјалните мрежи веднаш објавуваа принтскринови со промените на Википедија со навредлива, мразачка и дикриминаторска содржина, пред страницата да се врати на нормалната содржина.

На  ескалацијата на насилството и говорот на омраза реагираше и Хелсиншкиот комитет со „осуда на секој чин на насилство и секој говор на омраза, како и поттикнувањето и повикувањето на насилство“, како крајно штетни и спротивни на вредностите на едно демократско општество.

Хелсиншкиот комитет препозна дека говорот на омраза го презедоа политичарите и јавните личности и ги повика „да внимаваат каков говор употребуваат во своите обраќања до јавноста, а медиумите да ги пренесуваат случувања водејќи се од начелата на објективност и непристрасност при известувањето“.

Во овој контекст, и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација соопшти дека се поднесени десеттина пријави за утврдување дискриминација по основ на етничка припадност во мислења објавени на социјалните мрежи (Десетици пријави за наводен говор на омраза против Бугарите во земјава).

И кога сме кај медиумите, се покажува како неопходно да потсетиме уште еднаш на базичните принципи за тоа како треба да реагираат новинарите и уредниците на говор на омраза, затоа очигледно е дека, од некои причини, овие принципи не се почитуваат

Во едно објавено мислење на официјална веб-страница, екс-претседателката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Весна Бендевска посочува дека „Говорот на омраза е многу повеќе од „обични зборови“. Таквиот говор е со намера да повреди, да навреди, да уништи нечие достоинство и интегритет, да омаловажи, да понижи. Говорот на омраза е вистинска закана за уживањето на човековите права гарантирани со нашиот Устав и Меѓународните конвенции за човекови права што сме ги ратификувале и се дел од нашиот правен поредок.

Според КСЗД, новинарите и уредниците „треба да се способни да препознаат дискриминација, дискриминаторски практики, како и да се дистанцираат и остро да го осудат секој говор на омраза“.

Кодексот на новинарите на Здружението на новинарите на Македонија ги обврзува нив да не говорат со јазикот на омразата:

„Новинарот нема свесно да создава ниту да преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискри- минација врз која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).“

Во Прирачникот за етиката во новинарството стои дека „говорот на омразата е неспоив со новинарската етика“ и дека „Медиумот и новинарот не треба да објавуваат материјал (информација, слика, мислење, коментар) кој има за цел да шири непријателство или омраза, или ако постои голема веројатност дека објавениот материјал ќе предизвика непријателство или омраза спрема некого поради неговата раса, етничка припадност, пол, вера, политичка припадност, сексуална ориентација, физички недостаток итн.“

Новинарите и самите беа цел на напади и говор на омраза во периодот на јавната расправа за „францускиот предлог“, како и за време на усвојувањето на преговарачката рамка и почетокот на преговорите во Брисел.

Лидерот и пратеник на Левица, Апасиев продолжи со брутални напади и говор на омраза врз новинарите, кој го практикува во континуитет. Овој пат, новинарите на медиумите што известуваа од Брисел за започнатите преговори со ЕУ, Апасиев ги нарече „проститутки и црепови“ (Апасиев продолжува со брутални напади врз новинарите и ширење дезинформации) и ширеше дезинформации за „божемска политичка конференција“ и дека „преговорите ќе почнат на куково лето“, по што следуваше демант директно од настанот во Брисел.

Апасиев продолжува со брутални напади врз новинарите и ширење дезинформации

Северна Македонија VS. Бугарија: Кој прв започна?

Уште од почетокот на отворањето на идентитетските прашања, кои Бугарија успеа да ги наметне како официјална политика и како причина за ветото за почеток на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ, говорот на омраза е една од константите, на кои се повикува Бугарија.

Но, минатата година во ноември, истражувањето и студијата на Фондацијата за хуманитарни и социјални истражувања од Софија, Бугарија, покажа дека „говорот на омраза кон Бугарија кој се појави во македонските медиуми е резултат на ветото за почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. Заклучокот на софиската Фондација за хуманитарни и социјални истражувања е дека притисокот на Бугарија врз Северна Македонија за прашањата за идентитетот и јазикот не го запрел „македонизмот“, туку го засилил и го раширил неговото влијание и дека се покажал како контрапродуктивен (Контрапродуктивна политика: Софија го предизвикала говорот на омраза во Скопје, заклучува бугарска студија).

„Во 2019 година во македонските медиуми нема популизам, како што беше тогаш случај во Бугарија, но по септември 2020 година, амбиентот нагло се влоши и во моментов тој е застрашувачки“, оценува професорот по филозофија на Новиот бугарски универзитет Димитар Вацов и претседател на Управниот одбор на Фондацијата за хуманитарни и социјални истражувања која го спроведе истражувањето и ја подготви студијата.

Професор Вацов, повикувајќи се на студијата, истакнува дека медиумската ситуација ескалира во 2020 година, прво поради интервјуто на професор Денко Малески и ставот на Бугарската академија на науки дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, по што кулминацијата се постигнува по изјавата на поранешниот бугарски вицепремиер Красимир Каракачанов, кој најави дека Софија ќе стави вето за почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ (Каракачанов за ТВ 24: Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција со ЕУ ако нема напредок по историските прашања).

„Од 9 септември (2020 година, н.з.) до крајот на годината има голем подем на македонскиот дискурс. Тогаш започнува и антибугарскиот дискурс. Само за Гоце Делчев и деривати од коренот ‘бугарски’ има 3033 текстови. До изјавата на Каракачанов на 9 септември има 710 текстови кои говорат за Гоце Делчев. А за четири месеци до крајот на годината има 2.323 текстови“, објаснува Вацов.

Студијата за медиумската средина во Северна Македонија од страна на Фондацијата за хуманитарни и социјални истражувања за 2019 и 2020, покажува дека двојно повеќе пораснал и бројот на текстови во кои се зборува за „фашисти“ и „фашистички окупатори“ во однос на претходната 2019 година.

И доколку овие податоци, вака систематизирани, одат во прилог на одговорот на прашањето „Кој прв започна?“, тие секако не се одговор на поважните прашања – кога сето ова ќе заврши и дали и Софија и Скопје имаат ефикасен начин да влијаат на елиминација на говорот на омраза во двете земји.

Во Протоколот од Вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија, формирана врз основа на членот 12 од Договорот на пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија од на 17 јули 2022, двете страни се обврзаа да идентификуваат и да преземаат мерки против говор на омраза во натписи на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни програми, како и во јавниот простор како обврска на министерствата за надворешни работи на Бугарија и Северна Македонија, кои ќе ги контактираат и информираат надлежните институции за заедничко идентификување на таквите случаи.

Во Протоколот дополнително за говорот на омраза е предвидено дека државите ќе преземат ефикасни мерки за превенирање на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат активности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични активности, кои би наштетиле на нивните односи.

Она што се налага како неопходност и обврска на Владата на Северна Македонија, односно на Министерството за надворешни работи, е потребата од дополнителни објаснувања за одредбите од протоколот, кои се однесуваат на говорот на омраза, со убедливи аргументи дека спречувањето на говорот на омраза нема да биде инструмент на цензура што ќе ја негира слободата на изразување и ќе ги регулира наративите во културата и творештвото.

Исто така, неопходно е да биде јасно дека обврските за борба против говорот на омраза се целосно реципрочни и дека говорот на омраза се третира единствено од аспект на правото на ЕУ и меѓународното право подеднакво во двете земји, а не според арбитрарни опортунистички толкувања кои по правило се начин за злоупотреба.

Северна Македонија во еволуцијата на пропагандата со говор на омраза во балканскиот триаголник

За да се затвори балканскиот триаголник, во кој се најде Северна Македонија како плодна средина за говор на омраза, ќе се повикаме на неколку студии и анализи, кои наведуваат дека генератор и инспиратор на пропагандата со говор на омраза и дезинформации е Русија, имајќи ја предвид и студијата на Европскиот парламент од 2021 година, „Mapping Fake News and Disinformation in the Western Balkans and Identifying Ways to Effectively Counter Them“, која заклучува дека странските актери не се најистакнатите виновници и дека повеќето луѓе и организации, кои произведуваат говор на омраза и шират дезинформации, се внатрешни.

Како поткрепа на ова тврдење можеме да ги сметаме укажувањата на дел од  студиите во Северна Македонија, Бугарија и Босна и Херцеговина.

Во серијата анализи за руското влијание во Северна Македонија, медиумскиот аналитирач Жарко Трајаноски, можеби единствениот аналитичар кој длабински и континуирано ја следи оваа тема, тој вели дека „што се однесува до темата „руско влијание“ и „украинско сценарио“, ѓаволот веќе одамна ја имаше однесено шегата (види анализа 1 и 2), кога во декември 2017 година, руски пропагандисти објавуваа мрачни предвидувања за снемување на Македонија од картата на светот и за поделба на  Македонија помеѓу Албанија и Бугарија (Видете АНАЛИЗА НА АНДРЕЈ КОРИБКО: Ќе ја снема ли Македонија од картата на светот во 2018 година?).

Трајаноски уште додава дека „локалните руски гласноговорници ширеа  апокалиптични предвидувања дека „Македонија е избрана како место каде што ќе започне следната војна, односно светскиот конфликт помеѓу НАТО и Русија“.

Руската пропагандна офанзива против НАТО и ЕУ се засили во февруари и март 2018 година, кога веќе се навестуваа позитивните сигнали за решавање на спорот за името со Грција што беше предуслов за членството на Република Македонија во НАТО (Атина очекува напредок по средбата Заев-Ципрас во Давос).

Во таа офанзива, покрај фокусот на НАТО, како жртва на „пријателскиот оган“ се апострофираа и меѓуетничките односи во земјата со говор на омраза кон Албанците во Македонија.

Трајаноски запишува декаво тогаш најгледаната емисија „Само вистина“ на 20 февруари 2018 г., „дебатираа“ двајца проруски пропагандисти на тема „Има ли Македонија алтернатива на ЕУ и НАТО?“. Гостите беа единствени во водење негативна кампања против ЕУ и НАТО, во оцрнување на прозападната влада и во исмејување на приврзаниците за влез во НАТО и ЕУ. Во истата емисија претставникот на „Единствена Македонија“ упати експлицитни антиалбански пораки дека Албанците „ќе имаат две можности – или да почнат да го учат рускиот јазик или да се научат да пливаат, и тоа го велам ептен сериозно“.

Лидерот на „Единствена Македонија“ Бачев тврдеше дека „стратешкиот сојуз со Русија го обезбедува опстанокот и иднината на Македонија“, а гостинка на „Само вистина“ во март беше и колумнистката, професорката Билјана Ванковска, како прва потписничка на манипулативниот проглас на интелектуалци кои побараа прекинување на преговорите за името. Ванковска, автор на колумната Нобелова награда за Путин: А, зошто не? (во „Руска реч“), претходно го промовира слоганот „НЕ за НАТО, дури и под уставно име!“.

Покрај обидите за заплашување со „брутална албанизација“ пропагандистите играа на „антифашистичката“ карта, претставувајќи го „Западот“ како фашистички и на картата за политичка алтернатива во Евроазиската унија и „словенското братство“ (Пропагандистот Дугин, сатанизацијата на Западот и апологијата на рускиот империјализам), која во Македонија ја промовираше рускиот пропагандист и геополитичар Александар Дугин кој нашата јавност го запозна уште во 2015 година кога му гостуваше на Миленко Неделковски.

Интересно е што таа иста година, во 2015, ЕУ и НАТО и официјално ги прифатија како исклучително сериозни и како цел за соодветен одговор заканите од руската пропаганда, веднаш по руската анексија на Крим и војната во Украина кога интензитетот на кампањите со дезинформации, вклучувајќи и говор на омраза, доби загрижувачки размери.

Во студијата Russia’s Strategic Interests and Tools of Influence in the Western Balkans на Центарот за извонредност за стратешки комуникации на НАТО (Strategic Communications Centre of Excellence), авторот Димитар Бечев констатира дека „главната цел на Русија на Западен Балкан не е да го ревидира статус квото, туку да го замрзне. Таа би сакала да го спречи ширењето на НАТО и да го забави проширувањето на ЕУ. Сегашната ситуација е во согласност со стратешките интереси на Русија. Западен Балкан е неформално интегриран на Запад, но тоа не се претвори во демократска консолидација на домашно ниво или во целосно решавање на конфликтите меѓу државите. Москва има корист од внатрешните проблеми во регионот, а не од неговото создавање: отворени спорови кои датираат од војната во 1990-тите, односот љубов-омраза со Западот, слабите институции, компромитираниот владеење на правото, заробените медиуми, слабите економии и општиот недостаток на транспарентност и отчетност“.

Бечев заклучува дека „со таквата политичка клима (на Западен Балкан, н.з.) Русија го проектира своето влијание, зајакнувајќи ја својата позиција во европската политика и, во помала мера, на глобално ниво. За Москва, Западен Балкан е ниско висечко овошје. Русија претпочита да влијае без многу ресурси и главно со помош на локалните соработници. Затоа руската политика во регионот е фокусирана главно на кооптација и субверзија наместо на воени или невоени форми на принуда. Наместо да распоредува војници во поранешна Југославија за да ја наруши локалната рамнотежа на силите на еден или на друг начин, Русија се потпира на политичка интервенција преку дипломатски иницијативи, мешање во внатрешната политика и информативни кампањи“.

2015 година се појавува уште еднаш како референтна точка за руската пропаганда на Балканот. Таа година, непосредно по анексијата на Крим и првата војна во Украина, Руската Федерација ја отвора Радиостаницата Спутник во Србија, која нешто подоцна е дополнета со Агенцијата Спутник. Радиото и агенцијата Спутник делуваат како хаб за регионот со информативен сервис на српски јазик достапен во регионот, дополнети со мрежа од повеќе од триесет регионални станици. Содржините на радиото и на агенцијата се шират и низ локалните печатени и онлајн медиуми, вклучувајќи ги и високотиражните таблоиди и гледаните Тв станици како што се Блиц, Курир, Информер, Вечерње новости, и Б92.

Присуството на Русија во информативниот простор на Западен Балкан, според студијата Russia’s Strategic Interests and Tools of Influence in the Western Balkans на Димитар Бечев е во средиштето на активностите на Кремљ, ако се знае дека Спутник е основан со декрет на Владимир Путин.

Зоните на влијание на Спутник, освен Србија и Босна и Херцеговина со акцент на Република Српска, се протегаат и на  Црна Гора, српското население во Косово и, во извесна смисла, Северна Македонија.

Во Северна Македонија, Спутник нема сопствени медиуми и неговото делување е главно преку „прокси“ медиуми во земјата и доминантно преку социјалните мрежи, во периоди кога во земјата се одвиваат политички процеси поврзани со стратешките цели или за време на изборните кампањи.

Делувањето на руските средства за информирање во Северна Македонија е регистрирано во повеќе наврати: Sputnik Analyst Claims Macedonians Dislike EU and NATO. Polls Show Majority Support, #ElectionWatch: Sputnik Misleading in Macedonia.

Посебен бисер во хронологијата на пропагандните активности на Спутник кон Северна Македонија е текстот со наслов „Bulgarian politician: It is a matter of time when Macedonia will ask a piece of Bulgaria”, што го пренесоа повеќе српски медиуми и кој, сепак, беше разобличен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ на Фондацијата Метаморфозис (Serbian news agency Sputnik is frightening the Bulgarians that Macedonia might have territorial appetites toward Bulgaria).

И кога сме кај Бугарија, во оваа земја руската пропаганда има сличен модел како Спутник во Србија, со тоа што улогата на дисеминатори на медиумските содржини од интерес на Кремљ овде ја преземаат повеќе агрегатори или портали како „Новини 247“, „Поглед инфо“, „Аспекто“, „News Front“… (Проф. Димитър Вацов: Лъжата не е алтернативна гледна точка и никога не е била).

Решенијата се во едукацијата и во спроведувањето на законите

Во екот на кампањата со говор на омраза што го придружуваше процесот на јавна расправа и консултација за „францускиот предлог“, за тоа што се презема за санкционирање на ова кривично дело, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на пратеничко прашање во Собранието на Северна Македонија рече дека во 2022 година нема кривично дело за предизвикување на омраза и дека се процесуира само едно дело за загрозување на сигурноста по електронски пат (Спасовски: Во 2022 нема кривично дело за предизвикување на омраза и само едно дело за загрозување на сигурноста по електронски пат).

Морачанин: Што презема МВР за говорот на омраза? Спасовски: Во 2022 нема кривично дело за предизвикување на омраза и само едно дело за загрозување на сигурноста по електронски пат

Спасовски прецизираше дека оваа статистика не покажува намалување на говорот на омраза, туку дека во овој период немало пријави.

Ова уште еднаш укажува на фактот дека препознавањето и пријавувањето на говорот на омраза и делата од омраза не е соодветно на растечкиот говор на омраза во последните две и повеќе години, во кои доминира политичкиот говор на омраза како резултат на континуираната политичка криза која ги поларизираше медиумите, но и целокупното општество.

Со политичките говори набиени со говор на омраза се делат граѓаните, политичарите, активистите и медиумите на „патриоти“ и „предавници“, а интензитетот на навредувачки содржини полни со омраза се зголемуваше и во медиумите и на социјалните мрежи.

Наспроти таа ситуација, перцепцијата во македонската јавност за борбата против говорот на омраза во земјава е дека таа е само декларативна, иако говорот на омраза е опфатен со Кривичниот законик. На пример, членот 319 од КЗ вели дека предизвикувањето омраза, раздор или нетрпеливост врз национална,расна, верска и друга дискриминаторска основа се казнува со затвор од една до пет години, а казна затвор до 10 години, според овој член, е предвидена ако поради делото дојде до безредие и насилства спрема луѓе или имот. КЗ во член 394-г го санкционира и ширењето на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.

Оваа ситуација повторно не доведува до прашањето за ефикасноста на обвинителството и независноста на судството, како и до прашањето на подготвеноста на медиумските регулаторни и саморегулаторни тела, соодветно на меѓународно признатите норми и стандарди за човекови права да го дадат својот придонес за спречување на поттикнување омраза како „гориво“ за конфликти во општеството.

Се покажува дека саморегулацијата на медиумите, онаму каде што е ефикасна, останува еден од начините за справување со говорот на омраза и за соодветен медиумски одговор на ова прашање. Преку саморегулација, медиумите ја остваруваат својата морална и општествена одговорност, вклучително и во активностите за соодветно соочување со пропагандата на омраза и дискриминација. Етичките кодекси и инструментите за саморегулирање и за корегулација треба да гарантираат дека случаите на пропаганда ќе бидат постојано разоткривани и разобличувани, и ќе бидат изложувани на внимание на јавноста.

Од друга страна, само информирани, медиумски писмени граѓани може да направат рационални, а не емотивни избори и затоа воведувањето на медиумска и дигитална писменост во образовните програми може да го запре огнот што го потпалуваат пропагандистите со говор на омраза.

Владата да не губи ниту ден во инвестирање во такви образовни програми и да го избере нaјсоодветниот модел, кој бргу треба да го надомести тоа што со години е пропуштено да се направи на овој план.