ПИШУВА: СЛАЃАН ПЕНЕВ

Граѓанските протести во 2016 година познати како Шарена револуција поставија, за македонски услови, високи стандарди за организираност, иновативност и инклузивност. Обидите за дискредитација на овие граѓански протести почнаа уште од нивниот прв ден и сигурно уште долго време нема да запрат, но скоро сите јавни демонстрирања на граѓанското незадоволство кои следеа по „Шарените“ ниту успеаја, ниту се потрудија да го постигнат нивото на вклученост на граѓани од сите заедници во Македонија. На протестите во тие пролетни вечери во 2016 г. можеше да се види симболично интегрирање на заедниците, преку знамињата (македонско, албанско, српско, турско итн.) поставени едно до друго, а можеа да се прочитаат слогани на јазиците на заедниците. И тоа не им пречеше на граѓаните кои протестираа, бидејќи големата цел за менување на мафијашкиот начин на владеење предводен од партиите ВМРО ДПМНЕ и ДУИ беше поголема од сите партикуларни потреби.

Теоретски, организирањето протести подразбира организирани луѓе кои знаат како да се организираат себе и оние чија поддршка ја бараат за да успеат целите заради кои се протестира. Тоа значи дека јасно сте го формулирале барањето, сте ги идентификувале институциите кои се надлежни за вашето барање, сте испланирале кои ќе ви бидат сојузниците од кои ќе ја барате поддршката и кои ќе ви бидат противниците од кои очекувате спротиставување, со цел да ги амортизирате нивните дејства и да ги подготвите своите аргументи против нивниот напад.

Секако, се навикнавме и на спонтани протести, кои доколку не се организираат од организирани луѓе, бргу водат кон хаотични состојби, по кои одговорноста за грешките тешко се лоцира и најчесто штетата ја чувствувааат неинформирани учесници на ваквите протести или случајни минувачи.

Во нашиот контекст, протестите станаа дел од секојдневието, и не е чудно тоа што често во главниот град улиците пред владините институции се полнат со гласни граѓани кои демонстрираат несогласување со некои политики. За големите национални прашања (идентитет, име, јазик, демократија, етнички прашања итн.) граѓаните помасовно се активираат, додека за поспецифични теми (работнички права, социјални прашања, еколошки проблеми, ранливи групи, полициска бруталност, родови или слични теми) потешко се постигнува посакуваната критична маса. Разликата е и во организаторите на протестите. За специфичните теми иницијаторите се активисти од формални или неформални здруженија, кои, очекувано, добиваат сојузници од опозициските политички партии, додека за националните теми најчесто самите партии се главниот иницијатори, а нивните лидери се главни носители на пораките.

Малку се примерите во поновата историја на Македонија каде што протестите на граѓаните резултираа со промена на националните политики. Но, речиси без исклучок, секоја од нив имаше една важна карактеристика: обединувањето на граѓаните од поголем број етнички потекла, особено од двете најбројни заедници.

Спротивно на ова, најголем дел од протестите кои завршуваа без успех ја немаа таа клучна состојка на заедништвото на доминантните етнички заедници, или во тие протести и се истакнуваа слогани или симболи кои се насочени против некоја од овие етнички заедници.

Последните генерации Македонци имаат прилично богато портфолио на улични демонстрации на несогласување со политичките барања на албанските претставници –  од кампови и штрајкови со глад на студенти против воведувањето албански јазик во високото образование (1997), преку протести против територијалната поделба и кампања која заврши со неуспешен референдум (2004), до протести против Тиранската платформа кои завршија со претепување пратеници во просториите на Собранието (27 април 2017). Излегувањето на улица за да се брани Македонија од Албанците веќе е дел од фолклорот, доказ за локалното јунаштво и олеснет влез во комфорната зона на националистичките партии.

И, да се вратиме во 2022 г. Многу истакнати граѓански активисти изминативе 2-3 години ја критикуваа неспособноста на Владата во справување со кризите кои веќе премногу долго трајат, новинарите постојано откриваат коруптивни афери поврзани, меѓу другото и со овие кризи, а граѓаните се се’ поапатични. И нема ништо необично што опозициските политички партии од своја страна го насочуваат незадоволството од сите лоши политики на власта кон нивната цел за предвремени избори. Во јуни организираа протести на кои истакнаа дека ќе се трудат да ги блокираат државните институции во кои учествуваат како тактика за рушење на владата. А потоа дојде францускиот предлог за симнување на бугарското вето, и дваесетината денови протести пред државните институции.

Изјавата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, од 2 јули, дека ќе има меѓуетнички конфликт како една од можните последици кои би се случиле доколку францускиот предлог не биде прифатен, за дел од протестантите беше еден од поводите да излезат на улица. Министерот тврдеше дека изјавата е спинувана и дека неговиот коментар за меѓуетнички проблеми е изваден од контекст, но имајќи предвид колку долго е тој во политиката, на какви одговорни политички функции бил претходно, и од која партија е предложен за сите тие функции, оваа изјава остава голема доза на скептицизам во однос на неговото невнимание, ноншалантност или, да речеме, наивност кога дава таква „експлозивна“ изјава.

Без оглед на тоа, или можеби токму поради тоа (и прекрстувањето на името на министеротот од Бујар Османи во „Бугар Османи“ од страна на дел од противниците на францускиот предлог), никој од лидерите на протестите не се обиде јавно да ги придобие албанските граѓански или политички авторитети за остварувањето на целта на овие протести. Веројатно искалкулирале дека таквата доблест ќе резултира со слабеењето на мотивацијата на сопартијците и политичките истомисленици кои се натпреваруваа кој потешка клетва ќе смисли за предавниците, изродите, врховистите, балистите итн.

Во случајот на инцидентот кај плоштадот Скендербег, организаторите на протестите, а и поддржувачите кои имаат големо влијание преку социјалните мрежи, не се обидоа да ја поправат штетата кај албанската заедница, туку обвинуваа за намерни провокации смислени од некои мрачни сили. Многу од јунаците дури и повикуваа на конечни пресметки со Албанците.

Организаторите на овие протести можеби не ја постигнаа главната цел за која ги мобилизираа граѓаните, но постигнаа неколку помали победи кои долгорочно ќе им бидат од корист и кои ќе ги охрабрат да продолжат со посилни притисоци кон власта. Придобија нови сојузници од граѓанскиот сектор, амнестираа понекој од редовните „белосветски“ непријатели на Македонија, како Ерван Фуере, Едвард Џозеф, Флоријан Бибер кои искажаа критика кон францускиот предлог, и изрекламираа понекоја естрадна ѕвезда кои одржаа емотивни говори или раскажаа мотивациски приказни.

Штетата за македонското општество од овие високоадреналински состојби е и во изненадувачките „аутирања“ на неколку авторитетни граѓански активисти кои своето долгогодишно позитивно влијание во промоција на европски и либерални вредности, борба за промоција и почитување на човечките права, го згазија со неколку непромислени јавни настапи во кои истакнуваа кој припадник на која етничка заедница смее да одлучува за македонските национални или идентитетски прашања. А кога такви граѓански величини смеат да чепкаат во тоа, што им останува на дежурните промотори на омразата кои и без овој повод редовно блујат отров кон мултикултурното општество.