Дезинформации за каменување на Ирскиот паб во Скопје од „Шверцери“: демант од МВР и пабот „Св. Патрик“

Неколку медиуми на 8 и 9 август 2022 година „известија“, односно ја дезинформираа јавноста за наводно каменување на познатиот скопски „Ајриш паб“ од страна на навивачката група на „ФК Шкупи“ – „Шверцери“, со сензационалистички наслови, користејќи ја фразата „ексклузивно дознава од свои извори“.

ИМА испрати прашања за наводниот инцидент преку е-пошта до Ирскиот паб „Св.Патрик“ од Скопје и стапи телефонски во контакт со вработените, од кои добивме информација дека Ирскиот паб „Св.Патрик“ во Скопје не бил каменуван: „Тоа се лажни вести“, ни рече еден од вработените во локалот.

ИМА испрати прашања за наводниот инцидент и до МВР, со оглед на тоа што медиумите детално известија како полицијата ги спречила навивачите: „Тие биле спречени во намерата од припадници на полицијата кои случајно се нашле на лице место по што се дале во бегство во правец кон Камениот мост. Полицајците ги изгубиле хулиганите некаде во Старата Скопска Чаршија.“

Барањето за информација од страна на ИМА, во врска со наводниот инцидент на каменување на ресторанот Ајриш паб во ГТЦ – Скопје од навивачка група „Шверцери“, беше проследено до МВР со прашање: дали се точни овие информации објавени од трите портали? Од МВР ни доставија кус одговор: „Почитувани, Ве известуваме дека во СВР Скопје не е пријавен таков настан.“

Дезинформациите за наводното каменување на познатиот паб, беа злоупотребени на социјалните мрежи во обид за потпалување на етничка омраза и нетрпеливост.  Дезинформацијата „демолиран е Irish Pub“ беше злоупотребена од „Вечер“ за кревање на паника дека „Безбедно “ИСКАЧАЊЕ“ со Скопје нема со години“.

Иако навивачката група „Шверцери“ е одговорна за повеќе случаи на говор на омраза (за два случаи на говор на омраза извести и ИМА) и за насилство (едно видео од насилен инцидент се појави и денеска), нема никакви индиции дека се случило каменување на Ирскиот паб во Скопје од страна на „Шверцери“ кога известија порталите. Нема ниту информации од МВР дека полицијата учествувала во спречување на каменувањето и во потрагата по “хулиганите“.

Станува збор за опасни дезинформации раширени од неколку портали, и за обид за злоупотреба на дезинформациите за потпалување на етнички страсти на социјалните мрежи.