Продолжува трендот на сексистички и други дискриминаторски напади кон политичарки во јавната сфера.
Најнова мета на сексистички напади е министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска, која беше прогласена за „вештерка“, не само од позната јавна личност која се декларира за интелектуалец, туку и од неколку медиуми што го пренесоа неговиот сексистички напад, кој ја премина линијата на критика и слободата на изразување.
Прогласување на било која жена за „вештерка“ е имплицитно поттикнување на насилство, имајќи ја предвид вековната историја на родово насилство врз жените кои биле прогонувани, мачени и погубувани со лажни обвиненија дека се „вештерки“. Овој сексистички напад врз министерката за култура, проширен од неколку портали што ги погазија професионалните стандарди, е само врв од ледениот брег на сексизам и мизогинија, кој изби на површина откако министерката за култура беше политички нападната заради нејзина изјава, која може да биде предмет на релевантна критика, но не и на говор на омраза врз основа на род и други дискриминаторски основи.
Честа мета на дискриминаторски говор е и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, особено на социјалните мрежи. И градоначалничката на Скопје, како и секој друг политичар, не треба да биде имуна на критики за нејзината работа, но честите напади врз основа на изглед, пол, националност, државјанство, политичка припадност, итн., не спаѓаат во доменот на критиката, туку во доменот на дискриминацијата, па и говорот на омраза.
Сексизмот и мизогинијата кон политичарките е феномен забележителен во секоја предизборна кампања, но и кон избраните политички функционерки. На пример, во блиското минато мета на сексистички говор на омраза врз основа на род и изглед беше и актуелната министерка за одбрана Славјанка Петровска, претходната министерка за одбрана Радмила Шекеринска, поранешната министерка за образование Мила Царовска, екс-градоначалничката на Тетово Теута Арифи, но и други политичарки.
Ваквиот сексистички и дискриминаторски говор, како и поттикнувањето на омраза врз основа на род, не претставува само повреда на индивидуалните човекови права, туку има и повеќе штетни општествени последици: обид за замолчување на политичарките, обид за нивно остранување од политичката сфера, како и за обесхрабрување на жените во остварување на нивното човеково право на еднакво учество во политичкиот живот.
На оваа негативна појава, за време на локалните избори во 2021 година, укажа и амбасадорката на мисијата на ОДИХР во земјава, Тана де Зулуета, во интервју за Цивилмедиа. Според де Зулуета, родово базираните напади, посебно на социјалните мрежи, може да ги обесхрабрат жените од учество на изборите и активното вклучување во политичкиот живот. „Жените се многу ранливи по ова прашање. Огромна е штетата за нивниот углед, како и за општеството. Тие се многу поранливи од нивните машки противници, а нивните напаѓачи го знаат тоа, па затоа одат по нив. А тоа не е убава глетка“, изјави де Зулуета во интервјуто.
Имајќи ги предвид бројните штетни последици од говор на омраза и дискриминација врз основа на пол и род, одговорност на медиумите и новинар(к)ите е не само да ја минимизираат штетата од таквиот говор, туку и да известуваат за него како општествен проблем, вклучително и да бараат активирање на правните механизми за негово санкционирање.