МВР: Дисциплински мерки за несоодветно постапување со новинарка од „Фокус“, Клинчарова се заблагодари за брзата реакција

ЗНМ: Одговорност за полициските службеници кои ја злоупотребиле положбата за да ја вознемируваат новинарката Вики Клинчарова

По реакцијата на „Фокус“ и ЗНМ од 11.08.2022 за полициското вознемирување на новинарката од Неготино Вики Клинчарова, МВР излезе со следното соопштение на 12.08.2022:

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР постапувајќи по пријава од Здружението на новинари на Македонија за непрофесионално полициско постапување на 11.08.2022 кон новинарката на Фокус В.К. од Неготино, а во врска со поплака од страна на жена од Неготино која на 08.08.2022 удрила малолетник со автомобил на улица ,,Маршал Тито” во Неготино, за што новинарката објавила текст, утврди несоодветно извршување на работните задачи од полициски службеници и поради тоа ќе бидат изречени дисциплински мерки односно ќе биде поведена дисциплинска постапка против тројца полициски службеници, согласно колективниот договор.
Министерството за внатрешни работи останува посветено на одличната соработка со новинарите и Здружението на новинари на Македонија и без никаква толеранција за вакви и слични случаи, кои ќе бидат соодветно санкционирани.“

Новинарката Вики Кличарова изрази благодарност до Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, за брзата реакција по вчерашниот настан: „Демократијата во Македонија не смее да биде загрозена од самоволието на поединци, кои од позиција на моќ свесно ги прекршија полициските овластувања.“

 

Исто така, Клинчарова информира дека униформираните полициски службеници кои дошле во нејзиниот дом само ги извршувале наредбите од своите претпоставени: „Токму кај претпоставените лица лежи одговорноста за овој немил настан и некоректно е да се ставаат во ист кош сите припадници на полицијата. Медиумите се глас на народот, на сите обесправени луѓе кои доживеале неправда, било од поединци, било од институции, и само во заробена земја може да се толерира заплашување и замолкнување на медиумските работници!“