Продолжуваат да се шират дезинформации и да се крева паника дека актуелната власт го преименувала македонскиот јазик во „мајчин јазик“

На порталот „Брегалнички“ на 11 август е објавен наслов „ИЗМИСЛИЛЕ ЗАНИМАЊЕ НАСТАВНИК ПО МАЈЧИН ЈАЗИК И ЛИТЕРАТУРА “ИНОВАТОРИТЕ” ВО ВЛАСТА“.

Во текстот се изнесени следниве дезинформации: „Актуелната власт на СДСМ и ДУИ серизозно се впуштени во мисија да го избришат ентитетот “Македонија-Македонци-Македонско”. Во категоризацијата на позицијата Наставник по Македонски јазик и литератира на која сме навиканти во минатото актуелните надлежни го промениле во Наставник по мајчин јазик и литература.“

Истата фотографија беше споделувана и на социјалните мрежи, со предупредување од една „инфлуенсерка“: „Да не ви паднало на памет, македонски јазик да се преименува во мајчин јазик во свидетелства и дипломи! Сѐ отиде у мајчину!“

Меѓутоа, ваквите дезинформации воопшто не се нови. И во 2019 година се ширеа слични дезинформации и се креваше паника дека бил „забpaнет зборот македонски и во училиштата“. Дезинформациите беа разобличени во статијата  Македонскиот јазик никој не го избркал од Свети Николе, на Сервисот за проверка на факти: „Сепак, измамата која се крие зад овој напис е релативно лесна за разоткривање. Во 2011 година Државниот завод за статистика издал публикација под наслов Национална класификација на занимања. Во неа, на страна 389, под шифра 2341.04 стои назив: Наставник по мајчин јазик.“

Сервисот за проверка на факти уште во 2019 објасни дека називот „наставник по мајчин јазик“ е официјализиран за време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ (давајќи пример за оглас за вработување од 2015 година за еден наставник по мајчин јазик и литература). Меѓутоа, на порталите и на социјалните мрежи продолжува да се шират дезинформации и да се крева паника дека актуелната власт го преименувала македонскиот јазик во „мајчин јазик“.