Цивилмедиа: Лажна вест е дека на мировниот фестивал кај „Скендербег“ беше поставено огромно албанско знаме

Со стара фотографија од митинг на ДУИ во 2013 година, националистите и партиските ботови и пропагандни машинерии шират лажна вест во обид да создадат етничка нетрпеливост и поделби. На социјалните мрежи се објави фотографија на поставено огромно албанско знаме на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, дека наводно е поставено по повод мировниот фестивал од одбележувањето на 21-годишнината од потпишување на Охридскиот рамковен договор – пишува авторот Дехран Муратов за Цивилмедиа.

Една од тие што ја ширеше лагата е и секретарката на опозициската Левица, Јована Мојсоска.

Заслепени од национализам и омраза, националистите веројатно „не можеле“ да ги забележат граѓаните кои се на фотографијата дека се со дебели јакни и џемпери, што веднаш укажува дека не се работи за летен период.

Фотографијата ја презеле од текстот на Нова Македонија „Само граѓаните ли треба да го стегаат ременот?!“, пришто медиумот не наведе дека се работи за стара (архивска) фотографија.

Која е вистината?

На 20 март 2013 година за време на централниот митинг на ДУИ, за локалните избори во 2013 година, беше поставено огромно албанско знаме кај плоштадот „Скендербег“ во Скопје.

За џиновско албанско знаме на плоштадот „Скендербег“ во Скопје кој беше поставен по повод централниот митинг на ДУИ во 2013 година, пишуваа и медиумите.

Ваквите дезинформации и лаги со цел добивање на ситни политички поени, се краткотрајни и брзо се разобличуваат. Колку и да се обидуваат одредени политички центри да прават етнички поделби, сепак граѓаните од сите етнички заедници се сплотени и живеат едни со други, а не едни покрај други.

Извор: Цивилмедиа