Во контактната емисија „Очи в очи“ од 15.8.2022, на тема „Усвоени препораките за заедничко чествување на историски личности и забелешките за учебниците“, се јавува гледачка која прво лепи етикета „предавник“ на академици, па се заканува со насилство: „Го молам, значи, Мицкоски да не собери сите и сите да ги истераме, со стапој, со вили, со се шо можи, а и со оружје, да ни дадат оружје.“

 

Потоа, истата гледачка се заканува со употреба на оружје: „Ќе земиме и ние оружје па ќе маваме по нив, ќе видат што ќе ги најди“.

 

И досега во македонските медиуми често беа забележувани случаи кога јавувачи шират говор на омраза и создаваат состојба на линч против неистомисленици.

 

На пример, во една анализа на ЗНМ се констатира следново: „Пред 2008 година говорот на омраза се појавува камуфлирано во контактни емисии на телевизија, каде водителите не само што не се дистанцираат од таков непримерен вокабулар на гледачите туку премолчено и го толерираат“.

 

Во контактната емисија „Очи в очи“ од 15.8.2022 говорот на омраза воопшто не е камуфлиран, туку е експлицитен, со повикување на насилство.

 

И во прирачникот на ЗНМ „Етиката во новинарството“ се констатира дека „Во контактни емисии на гледачите и на слушателите им се дава простор да соопштуваат радикални ставови за припадниците на другите заедници, за политичките противници или за оние што мислат поинаку.“

 

Според истиот прирачник, поделбите и етикетирањата на „патриоти” и „предавници” со списоци за „отстрел” се примери на говор на омраза, кој е непримерен за професионалното новинарство. Во прирачникот се укажува и дека „Новинарот е одговорен и за искажаното од страна на соговорниците, бидејќи преку него тие ставови добиваат јавност, затоа е должен да ги парафразира или да се огради од навредлив јазик, промовирање на стереотипи или дискриминација“.

 

Во контактната емисија „Очи в очи“ од 15.8.2022 немаше оградување од радикални ставови и „патриотскиот“ говор на омраза кон неистомисленици, а емисијата беше злоупотребена не само за промовирање на стереотипи или дискриминација, туку и за повикување на насилство со потпалувачки говор на омраза.

 

ИМА уште еднаш ги повикува медиумите да ги спроведуваат целосно етичките и професионалните медиумски стандарди и да не дозволуваат нивните платформи да се злоупотребуваат од публиката и коментаторите за ширење говор на омраза и повици на насилство, кои се кривични дела казниви со Кривичниот законик.

 

Воедно, ИМА повторно апелира до Јавното обвинителство да преземе кривични мерки против овие лица кои ги злоупотребуваат медиумите за ширење говор на омраза и повикување на насилство.