Продолжува поларизацијата на јавниот дискурс преку ширење омраза, оцрнување на личности и групи со користење на изразите „северџани“, „северџанка“, “северџанистанец“, „северџанобулгарите“, „северџган“, „северџан“.
Во наслови на портали се оцрнува починатиот продуцент Горјан Тозија, добитник на наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ на фестивалот „Браќа Манаки“ 2022: Тозија е „северџан“ и “црвениот барон” на комуњарска филмска елита, вели режисерот Бојаџи и бара „Манаки“ да не му даде награда (ММС) / Јани Бојаџи бара „Манаки“ да ја повлече наградата за Горјан Тозија: Иако е починат, сепак е „северџан“ (Фактор). Статусот на Бојаџи е во целост пренесен и во написите Јани Бојаџи бара да се спречи признанието за Горјан Тозија, со навреди и обвинувања кон неодамна починатиот продуцент (Слободен Печат) и Директорот на Алфа удри по ВМРО: Ако ова се случи не знам каква сила ќе ме натера да споделувам каква и да е идеа со партијата која ветуваше реформи и промени (Инфомакс).
Иако етикетата „северџани“ се среќава во колумни на Јани Бојаџи, во фејсбук постот на режисерот не се среќава, освен во оцрнувачкиот израз „бугарофилскосеверџанско лоби на ДФРМ“. Додека во медиумските наслови Тозија се етикетира како „северџан“, во списокот на досегашни добитници на наградата на ДФРМ за 2021 година се споменува и актерот Бајрам Северџан.
Користењето на личното име „Северџан“ (кое се употребува во многу јазици и држави) за политичко оцрнување на лица и групи се смета за „учебникарски пример“ на говор на омраза: “…некои луѓе се обидуваат други луѓе да ги наречат на начин кој не само што омаловажува и понижува туку и им одзема одредени карактеристики. Тоа може да води било во ограничување на правата на тие луѓе во одредена ситуација, било во создавање на непријателска атмосфера и во иднина оправдување на насилно однесување кон оваа група луѓе” (Изјава на професорката Мирјана Најчевска во Терминот „северџан“ за дополнителни поделби).
Институтот за медиуми и аналитика ИМА ги потсетува медиумите и новинарите дека нивна обврска е да не говорат со јазикот на омразата и да не поттикнуваат на насилство и дискриминација по која било основа. Употребата на изразот „северџан“ (и сродните изрази), поттикнува дискриминација и омраза врз повеќе основи, не само кон таргетираните лица и групи, туку и кон луѓето кои го носат личното име Северџан.