Во прилогот на ТВ Алфа од 18.08.2022 „За 240 илјади евра продадена македонската историја- жестоки реакции за хонорарите на историската комисија“ е содржана и етикетата „предавник“, која е дополнително акцентирана во втората најава на централните вести на Алфа со изразот „предавници“.

 

Доказ дека етикетите „предавник“ и „предавници“ предизвикуваат омраза, нетрпеливост и повици за насилство и линч се бројните коментари со говор на омраза под објавата со прилогот на Фејсбук страницата на ТВ Алфа.

 

Во повеќе коментари се спомнува зборот „бесилка“, што е класичен показател дека прилогот предизвикал омраза која повикува на линч. Во други коментари се повикува на затвор, протерување или се повикува на други облици на екстремно насилство.

 

ИМА укажува дека поделбите и етикетирањата на „патриоти” и „предавници” со списоци за „отстрел” се примери на говор на омраза, кој е непримерен за професионалното новинарство.

 

ИМА уште еднаш ги повикува медиумите да ги спроведуваат целосно професионалните стандарди содржани во Кодексот на новинарите и во Насоките за етичко известување во онлајн медиумите, дел од кои се однесуваат на односот кон говорот на омраза во онлајн сферата.

 

Посебно ги издвојуваме следниве насоки:

 

„10.3. Онлајн медиумите ќе се трудат да ја зголемуваат свесноста за негативните последици од говорот на омраза, да го идентификуваат и разобличуваат таквиот говор, како и да ги посочуваат актерите што го продуцираат и се служат со него. Онлајн медиумите ќе создаваат содржини со коишто ќе се спротивставуваат на говорот на омраза и на дискриминацијата по различни основи.

 

10.4. Онлајн медиумите се одговорни за редовно прегледување и брзо отстранување на коментарите на корисниците што се објавуваат под новинарските содржини на вебстраниците или на социјалните мрежи, а коишто содржат говор на омраза и имаат потенцијал да предизвикаат штетни последици во општеството.“

Член 20 – Одговорност за објавувањето коментари од читатели

20.1. Онлајн медиумот е одговорен и за содржината на објавените коментари од своите читатели, објавени на веб-страницата на онлајн медиумот во просторот за коментари, под новинарските содржини.

20.2. Онлајн медиумот ќе ги отстрани сите коментари кои содржат: повикување на насилство или други кривични дела, говор на омраза, дискриминација, закани и други облици на загрозување на правата и безбедноста на поединци, групи, институции, без оглед дали се директно или индиректно поврзани со текстот или темата што се обработува во него.

 

ИМА повторно апелира до Јавното обвинителство да преземе кривични мерки против лицата, кои ги злоупотребуваат медиумите за ширење говор на омраза, вклучувајќи и повици за насилство и линч.