Почина новинарката Гордана Стошиќ

Почина Гордана Стошиќ (63), истакната новинарка и уредник.

Стошиќ ја започна нејзината работа како новинар во 80-тите години во Телевизија Скопје. Во нејзината богата кариера, Стошиќ извршуваше повеќе одговорни и раководечки функции во неколку македонски редакции. Во првите децении на плурализмот во средината на 90-тите години беше главна уредничка на Телевизија А1, во 2000-те години, од 2003 до 2006 година ја извршуваше функцијата генерална директорка на МРТВ, а потоа беше и директорка на скопската телевизија Скај нет.

Стошиќ беше на чело на повеќе новинарски и медиумски проекти, а беше активна и во граѓанскиот сектор. Во редакциите со кои раководеше како уредник и главен и одговорен уредник се истакнуваше со нејзината карактеристична школа, низ која поминаа и се изградија голем број македонски новинари и уредници.