Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

Локалните избори за градоначалник во Маврово-Ростуше и Центар Жупа, како и изборот на советници во општина Тетово, кои, освен важноста за локалната самоуправа на луѓето што живеат во овие општини, немаат речиси никаква валидност за односот на силите на главните политички субјекти од условно земено „македонскиот политички блок“ СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, прераснаа во исклучително важна тема за државата, а двете партии издадоа буквално безброј соопштенија, во кои се натпреваруваат кој повешто ќе ја изманипулира јавноста.

Уште пред да ги соопшти ДИК резултатите од изборите, Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ побара предвремени парламентарни избори, заради изборниот резултат во Тетово. „Криминалната коалиција СДСМ – ДУИ убедливо е поразена во Тетово. Ковачевски и Ахмети немаат легитимитет понатаму да продолжат да ја водат владата. Оставка од Ковачевски веднаш! Предвремени парламентарни избори час поскоро. Резултатите од Тетово ќе се пресликаат и во цела Република Македонија“, порача Ковачки.

Влатко Ѓорчев, врз основа на изборниот резултат во Тетово, влезе и во проекција на изборен резултат со конкретни цифри на ниво на цела држава, предвидувајќи 400 000 гласови за ВМРО-ДПМНЕ, наспроти 200 000 гласови за СДСМ, па дури и проекција за освоени пратенички мандати, кои, според него, би изнесувале 55 спрема 27 во полза на ВМРО–ДПМНЕ.

Секој што се занимавал со иразботка и презентација на анкети – а јас како главен уредник на Телма во соработка со М-Проспект, МЦМС и Институтот за демократија сум учествувал во изработка и презентација на анкети пред секои избори, каде што резултатите од изборите целосно ги потврдувале изборните проекции во маргината на статистичката грешка – знае дека станува збор за голема манипулација, бидејќи се работи за многу мал и нерелевантен примерок на ниво на цела држава, од кој не може да се извлече заклучок дури ни за тренд, а камо ли за проекција на изборни резултати.

Единствена колку-толку релевантна анализа може да се направи само за Тетово и за Изборната единица 6, и тоа со голема резерва, затоа што изборите се случија среде aвгуст, кога добар дел од избирачите се на годишни одмори, што доведува до понизок одѕив. И, се гласа за советници во советот на општина Тетово, каде што гласовите на избирачите се често мотивирани од решавање на локални и микропроблеми, и не може да бидат земени во предвид како релевантни, односно дека би се пресликале во ситуација на општи избори, на кои доминираат сосема поинакви теми и приоритети. Но, дури и да се влезе во една таква анализа, ВМРО ДПМНЕ на овие избори освои 3.332 гласа, односно 730 гласови помалку отколку на локалните избори во 2021, досека СДСМ, освои 1953, односно 674 гласови помалку отколку во 2021. Со оглед на фактот што на изборите во 2021 одзивот беше околу 45%, а сега околу 35%, евидентно е дека односот на силите останал ист.

Се добива впечаток дека опозицијата настапува со „рефрен“ дека власта е делегитимирана и бара предвремени избори веднаш, во секоја прилика и при секој настан, а комуникацијата со јавноста не се разликува од период на кампања, со што граѓаните непотребно се изложени на перманентна кампања.

И СДСМ грубо изманипулира со изборните резултати. Потпретседателот на партијата, Стефан Богоев порача дека резултатот од Маврово Ростуше и Центар Жупа покажал дека анкетата што ја изработи ИПСОС, а ја нарача ВМРО-ДПМНЕ, е демантирана во пракса со изборниот резултат, со што оваа анкета била целосно дискредитирана. Но, за една анкета да биде дискредитирана, треба да биде оспорена нејзината методологија, или барем релативизирана со резултат од друга анкета на територија на цела држава. Но, врз основа на изборен резултат за градоначалници на исклучително минијатурен примерок во две општини, каде што вкупно гласале 8.500 избирачи, да извлекувате заклучок за тренд на цела држава и, притоа, врз основа на тие резултати да дискредитирате анкета, е навистина несериозно. Бездруго, секоја анкета, каде што нарачател е политичка партија е сомнителна, заради мотивот на изработувачот на анкетата да испорача резултат по желба на клиентот.

За манипулацијата да биде уште поизразена, во партиското соопштение на СДСМ се наведува дека СДСМ и коалицијата имаат повеќе гласови во Центар Жупа отколку ВМРО-ДПМНЕ во општина Тетово со над 80 000 запишани избирачи. Вистината е дека во Центар Жупа кандидатот на Демократската партија на Турците поддржан од коалицијата на СДСМ немаше противкандидат, но дури и да имаше, а разликата да беше над 3000 гласови, тоа нема никаква врска со изборите во Тетово. На крајот на краиштата, и самиот СДСМ, кој се подбива со малата бројка на гласови што ја освои ВМРО-ДПМНЕ во општина со над 80 000 гласови, не освои ни 2.000 гласа (далеку помалку отколку во Жупа), пред сè затоа што станува збор за општина, каде што во мнозинство се етничките Албанци и најголемиот број гласови одат за партиите на етничките Албанци: Беса, ДУИ, Алијанса, Алтернатива и ДПА.

Заради ова, изборите во Тетово имаат реална тежина за партиите на етничките Албанци. Беса ја победи ДУИ во директно одмерување на силите и освои повеќе гласови и повеќе советници, и во однос на ДУИ, и во однос на локалните избори лани, што лидерот на ДУИ Али Ахмети отворено го призна. Причините за поразот Ахмети ги лоцираше во нискиот одѕив, што е проблематична теза, бидејќи најчесто нискиот одѕив и оди во прилог на власта, а не на опозицијата. Второ: Алијанса доживеа вистински дебакл и не успеа да освои ниту едно советничко место, што доведе до оставка на лидерот на партијата Зијадин Села. Трето: Неформалната теза што ја форсира штабот на СДСМ дека евентуална предизборна коалиција СДСМ-ДУИ би имала предност на изборите заради големата разлика што би ја остварила во однос на политичките ривали во Изборната единица 6 не делува реално – ако се земат предвид резултатите на овие избори во Тетово.

Освен жестоките манипулации на партиите со бројките, доминира и вокабулар на дисквалификација на политичкиот опонент. ВМРО-ДПМНЕ ја етикетира владејачката коалиција како „криминална“, додека СДСМ целосно ја монополизира идејата за европска Македонија, молкома прикажувајќи ги политичките опоненти како противници на оваа идеја, иако околу целта Македонија да стане членка на ЕУ, има политички консензус.

Ако се суди според манипулациите, интензитетот на лиферување партиски соопштенија, и вокабуларот во кој доминираат дискредитации и оцрнувања на политичкиот опонент, мали се надежите дека со почетокот на есента и стартот на работата на парламентот партиите и пратениците ќе работат во полза на граѓаните – пореално е да се очекува партиите и нивните експоненти да останат закопани во партиските ровови и да продолжи политичкото статус кво.

(Авторот е долгогодишен новинар и уредник)