Само транспарентно!

Институтот за медиуми и аналитика ИМА објави неколку текстови за говор на омраза и за дезинформации што се ширени од страна на ТВ Алфа, но и за реакцијата на ЗНМ дека новинарската екипа на оваа телевизија била спречена да известува за време на чествувањето на Илинден во Крушево.
По овие текстови, ТВ Алфа до ИМА денес ги упати следниве прашања:
Од кои извори се финансира ИМА?
На кои проекти досега има работено ИМА?
Бидејќи се работи за прашања од јавен интерес, за кои се интересирале и други граѓани, ги објавуваме јавно и транспарентно одговорите за ТВ Алфа, за да бидат на увид на целата јавност:
„Институтот за медиуми и аналитика ИМА Скопје е ново здружение на граѓани, регистрирано пред три месеци (мај 2022), кое работи на исполнување на својата мисија: унапредување на демократијата и владеењето на правото, унапредување на човековите права во јавните комуникации, развој на критичкото мислење и дебатирање во медиумите, промовирање на медиумска писменост и етичко новинарство, намалување на штетите од говорот на омраза, дискриминаторскиот говор и дезинформациите во медиумите, промовирање на културен плурализам во медиумите и општеството, и подобрување на професионалните стандарди во медиумскиот мониторинг и анализата на медиумите.
Од јуни 2022, Институтот за медиуми и аналитика ИМА Скопје работи на остварување на проект поврзан со мисијата и целите на ИМА, кој е финансиран од European Endowment for Democracy“.
На ТВ Алфа ѝ благодариме за интересот и поставените прашања.
Одиме понатаму, само транспарентно!
ПЕТРИТ САРАЧИНИ
(претседател на Инситутот за медиуми и аналитика ИМА)