пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Години наназад, сведоци сме на целосна радикализација, поларизација и деградација на општествената дебата во македонското општество. Како што одминува времето, поделбите помеѓу граѓаните стануваат сè подлабоки, а разговорот или дебатирањето помеѓу различните мислења и ставови станува речиси невозможнo. Како дојдовме до тука, има ли излез?
Нема да речеме ништо ново доколку констатираме дека клучното влијание за продлабочување на поделбите помеѓу граѓаните се главно заслуга на политичките елити. Раководствата на политичките партии, носителите на партиски, а и државни функции, луѓето во врвните ешалони во политиката, влијателни јавни личности што се блиски до одредени политички опции, подолго време се служат со вокабулар со кој се напаѓаат жестоко политичките противници и неистомисленици, честопати и со навреди, дискриминаторски говор, па и говор на омраза.
Второто клучно влијание на овие поделби и поларизација на јавната комуникација доаѓа преку засилување на овој вокабулар и дискурс од страна на медиумите. Дел од нив се претворени во пропагандна алатка на политичките опции, а дел од нив, иако се трудат професионално и балансирано да ги пренесуваат различните мислења и ставови, честопати тоа го прават некритички и трансмисивно, станувајќи платформи за ширење на поделбите и поларизацијата произведени од политиката.
Со тоа, медиумите потфрлаат во остварувањето на една од нивните клучни улоги – да бидат филтер кој нема да дозволи злоупотреба на медиумските содржини за поттикнување на омраза, дискриминација и други видови на кршење на човековите права, и да застанат во одбрана на базичните начела на демократијата и јавниот интерес – кои подразбираат не само слобода на изразување, туку и одговорност кон јавно искажаниот збор и правата на секој граѓанин, без оглед се согласувале ли со неговото мислење или не.
Големо влијание на овие состојби има и потфрлањето на институциите. Некојпат тоа е од незнаење, некојпат од преголема внимателност да не се предизвика ефект на заладување на слободата на изразување, а некојпат поради селективно спроведување на законите во оваа сфера, мотивирано од политичките преференции или блискост до една од страните или опциите во јавната дебата. Во секој случај, ова резултира со охрабрување на оние што се служат со вербално насилство, и ги замолчува пристојните, артикулираните и аргументираните гласови во јавната дебата.
Дел од граѓаните стануваат дел од партиско-политичките војски во јавната комуникација. И, како што се оди подолу во скалата на „хиерархијата“, толку се пожестоки вербалното насилство, омразата, навредите, заканите кои честопати стигнуваат до ниво на отворени закани со убиства, стрелање, бесење, списоци за отстрел…
Крајниот резултат е поразувачки. И за политиката, и за медиумите, и за институциите, и општо за граѓаните без оглед на нивната припадност, и за општеството во целина.
Затоа, сè поголем е бројот на граѓаните што се разочарани и отуѓени од политиката, што се покажува на најреалната политичка анкета, на изборите, бидејќи сè помал број од нив излегува на избори и им ја делегира довербата на политичките партии. Бројни истражувања покажуваат и константен пад на довербата на граѓаните и во институциите, и во медиумите. Сè поголем е бројот на оние што замолчуваат и не сакаат да учествуваат во јавната дебата, избегнуваат да консумираат медиуми и не веруваат во нив.
Има ли чаре, има ли излез од оваа ситуација, која не носи никому ништо добро?
Секако дека има. Најпрво, мора да се слушаме и да се почитуваме меѓу себе, и кога не се согласуваме. Почнувајќи од политичарите кои претставуваат модели на општествено однесување. И медиумите мора да ја остваруваат нивната улога на платформи кои овозможуваат плурализам и различност на мислења, но и критички опсерватор на секој што ги крши правилата на демократско однесување и човековите права. А институциите, исто така, мора да станат структури кои активно ја штитат демократијата и човековите права, и продуцираат простор што ги акомодира потребите на различните, и на „мнозинствата“, и на „малцинствата“, правично и неселективно.
Само во таков продуктивен контекст, судирот на различните мислења и критичката аргументирана дебата може да донесе до напредок и нови и подобри решенија за иднината на сите.
Ви делува тешко, речиси невозможно? А што е алтернативата? Да се продолжи по овој пат на поделби, конфронтации, вербална, па и физичка агресија и насилство, закани со убиства и војни? За секој што е разумен, ова не би требало да биде алтернатива. Како општество, мораме да излеземе од оваа општа деградација, од овој општ и општествен пораз за сите. А што се мора, не е тешко!