Во насловот на порталот Инфомакс: „И Израелците влегуваат во Устав: За Ковачевски „МАКЕДОНИЈА Е МАЛА ЕВРОПА – НЕМА ДА ИМА ПРОБЛЕМ ДА ВЛЕЗАТ ДРУГИ ЗАЕДНИЦИ ВО УСТАВОТ“, погрешно е протолкувана изјава на премиерот Димитар Ковачевски, кој во гостувањето на ТВ Сител не зборува за „Израелците“, туку за „деловите од израелскиот народ“.
„..Во моментот зборуваме за Бугарите, Хрватите, Црногорците, меѓутоа веќе и деловите од израелскиот народ изразија таква желба, Египќаните веќе доставија официјално барање. Ние сме мултикултурно, мултиконфесионално општество и сме докажани како такви во Европа, практично ние претставуваме општество кое што е Европа во мало, бидејќи Европа е заедница на различности и јас сметам дека не треба да има проблем во однос на тие уставни измени…”, изјави Ковачевски во гостувањето во Дневникот на ТВ Сител.
Изјавата на Ковачевски е погрешно пренесена и во прилогот Уставот ќе се отвори, но не само за Бугарите, каде што стои „мултиконвенционално општество“, наместо „мултиконфесионално општество“.
Формулација користена од премиерот „деловите од израелскиот народ“ е несоодветна според претставниците на Еврејската заедница. Во реакција на изјавата на премиерот дадена исто за ТВ Сител, претседателот на Еврејската заедница во Македонија, Пепо Леви изјави:
„Ние треба да влеземе како Евреи, а не како израелски народ во Република Македонија… Ние сме Евреи од Република Северна Македонија, ние не сме Израелци. Ние сме Евреи, не сме Израелци, така да, како Евреи би требало да влеземе, али претпоставувам дека тоа е лапсус и дека тоа ќе се искорегира“, изјави Леви.
Владини извори за ДВ, пак, соопштиле дека „идејата е Уставот да се дополни и со еврејскиот народ, затоа што еврејската заедница е веќе вградена во листа на верски заедници во Уставот, на која се застапени МПЦ, ИВЗ, Католичката, Методистичка и Еврејската заедница“. (Уставот ќе се отвори, но не само за Бугарите).
Скорешни коментари