Вистиномер: Лизгалката на овaa фотографија е сценографија за комичен филм во Канада

Оваа објава на Фејсбук шири невистини. Детската лизгалка прикажана на фотографијата во склоп на постот е поставка за снимање комичен филм во Канада и воопшто не е за употреба надвор од таа цел. Односно, детскиот реквизит е поставен исклучиво како сценографија за потребите на снимањето на филмот, по што е размонтиран, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост на социјалната мрежа Фејсбук во рамките на кој е објавена монтирана фотографија на пратеникот Александар Николоски, на која тој е прикажан како да држи во рацете илустрација од детска лизгалка со гениталии. Во самиот пост, пак, се вели:

Лизгалка за деца во Канада – заПАДНАТИ пореметености. Ова се случува насекаде на западот, Америка, Канада, посебно во ЕУ. Не е случајно ниту пак наивно инсталирањето на сексуалните реквизити во парковите за деца. Намената им е – СЕКСУАЛИЗАЦИЈА на нашите деца. СДС-ДПМНЕ-ДУИ СВЕСНО од личен интерес наметнуваат глобал сатанистичка агенда, пишува во постот кој го рецензираме.

Лизгалката која е претставена на фотографијата и за која во постот се вели дека е нормална работа во западниот свет, не постои на детските игралишта во Америка, Канада ниту во земјите од ЕУ.

Конкретната фотографија во октомври минатата година ја споделувале  и корисници на социјалните мрежи во Германија, според кои тобоганот е поставен од властите во германскиот град Дрезден, меѓутоа ова не е вистина.

Лизгалката со форма на гениталии не е дел од јавен простор. Проверувачите на факти на Агенцијата Франс-прес (АФП) утврдиле дека станува збор за опрема која била користена за сцена во комичен филм. Поточно, претставува дел од филмска сценографија во Канада и веднаш по снимањето на  комедијата, опремата е размонтирана и отстранета.

Градските власти во Дрезден, исто така, ги отфрлиле тврдењата дека сликата потекнува од детско игралиште во овој германски град.

Можам да ве уверам дека оваа лизгалка не е во Дрезден и дека нема таква или слична опрема во Дрезден, изјавила за „Франс Прес“ портпаролката на градот Анке Хофман.

Фотографијата циркулираше и на Твитер, а во Франција корисниците на оваа социјална мрежа ја препраќаа невистинито тврдејќи дека е од Париз.

Лизгалката е сценографија од филм на Сет Роген

Лизгалката е од филм на Сет Роген, канадско американски актер, комичар и режисер кој на почетоците од својата кариера беше стенд ап комичар во Ванкувер. Потоа актерот се пресели во Лос Анџелес за да учествува во серијата „Freaks and Geeks“, а потоа учествувал во ситкомот Undeclared, кој го ангажирал и како писател.

Филмот на Сет Роген е сниман во Мејпл Риџ, каде биле направени само некои времени измени во еден од локалните паркови, пишуваат проверувачите на факти на „Франс Прес“.

Фотографијата е од паркот Флечер, лоциран во канандскиот град Мејпл Риџ во јужнозападниот дел на Британска Колумбија.

И властите на Мејпл Риџ потврдиле дека фотографијата навистина била од филмски сет и дека лизгалката веднаш била отстранета откако продукцијата била комплетирана.

Стануваше збор за затворен сет, така што јавноста воопшто не беше засегната. Продукцијата на лице место работеше неколку денови и ги отстранија сите инсталации откако снимањето заврши, изјави за „Франс Прес“ портпаролот на градот, Фред Армстронг.

За конкретното снимање на филмот има и медиумски извештаи со конкретната лизгалка, меѓутоа во нив јасно е назначено дека станува збор за филмски реквизити, а не како што се наведува во постот што го рецензираме „пореметеност која се случува секаде на запад, од Америка, Канада до ЕУ”.

Медиумот „Hollywood North Buzz“, исто така, пишува дека преуредувањето на игралиштето е дел од сет за комичен филм од продуцентот Сет Роген.

Не е првпат оваа фотографија да биде злоупотребена со дезинформирање на јавноста. Во претходниот контекст во кој беше употребена од страна на корисници на социјалните мрежи, беше направен обид да се наметне како ваквата лизгалка да била дел од изборната кампања за градоначалници во Скопје на изборите на крајот од 2021 година и „Вистиномер“ тогаш го поби ваквото невистинито тврдење.

Во низата невистинити контексти во кои е претставена оваа фотографија, се приклучи и руски блогер кој лажно ја претстави сликата како да е од „игралиште во Русија”.

Playground in Russia from theyknew

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека постот што го рецензираме е невистинит. Детската лизгалка, прикажана на фотографијата во склоп на постот, е поставка за снимање комичен филм во Канада и воопшто не е за употреба надвор од таа цел. Односно, детскиот реквизит е поставен исклучиво како сценографија за потребите на снимањето на филмот, по што е размонтиран.