Американскиот Стејт Департмент, по повод 31-годишнината од независноста на Украина објави анализа под наслов „Војната на Русија против Украина: Шест месеци лаги, Спроведено“ (Russia’s War on Ukraine: Six Months of Lies, Implemented), во која се потенцираат дезинформациите и пропагандата како поддршка на воените дејствија за „делегитимација на Украина како нација и држава во очите на украинската и руската јавност и меѓународната заедница“.

Во делот на анализата поднасловен како „Откривање на игротеката на претседателот Путин“, се укажува на систематското користење на лажните вести на руската дезинформативна и пропагандна машинерија во кампања кои имаат за цел да го ускратат правото на Украина на независност, па дури и постоење, којашто ги користи лажните тврдења на Путин дека Русите и Украинците се „еден народ“ и дека „вистинскиот суверенитет на Украина е можен само во партнерство со Русија“.

Во анализата на американскиот Стејт Департмент се наведува дака руската историска и културна пропаганда сака да го избрише украинскиот културен идентитет со користење на јавните настапи на Путин којшто постојано се обидува да ја прикаже Украина како „целосно создадена од Русија“ на руските „историски територии“, тврдејќи дека Украина е „неотуѓив дел од сопствената историја, култура и духовен простор… [на Русија]“.

Путин, се наведува во анализата, го обвини првиот советски лидер Владимир Ленин за „создавањето на Ленинова Украина“ и го нарече „полошо од грешка“, и само неколку дена подоцна ја започна војната во Украина во обид да ја прецрта картата на оваа суверена земја според сопствената искривена верзија на историјата.

Анализата посебно се задржува на дехуманизирачкиот јазик, негирањето и заканите и ги наведува телевизиските продукции, во кои, во пропагандна програма во ударно време како што е „Соловјов во живо“, се употребува метафора што ги споредува Украинците со црви, кои ветеринарот ги извадил од мачка во „специјална операција“.

Анализата под наслов „Руската војна во Украина: Шест месеци лаги, Спроведено“ (Russia’s War on Ukraine: Six Months of Lies, Implemented), ги разобличува и лажните тврдења на руската пропаганда дека Украинците посакуваат победа на Русија и дејствувањето на државните пропагандни медиуми како Спутник, кои во таа насока „прикажуваат жители кои бараат руски пасоши и коишто нашироко објавија дека референдумот со прашање „Дали сте за тоа Украина да се приклучи на Русија или не“ ќе се одржи во првата половина на септември.

Наспроти оваа пропаганда, анализата ги пренесува податоците од анкетите, кои покажуваат дека на слободен референдум во окупираните области само 3% од Украинците би сакале Украина да се приклучи на Евроазиската царинска унија предводена од Русија.