Во последната седмица од месец август, на агрегаторот на вести time.mk, околу една третина од највлијателните 100 твитови беа на тема „Арачиново“, откако повеќе медиуми објавија дека таму дошло до дефект поради прекумерно, неовластено, незаконско користење на струја.

 

Сомнежите дека големите загуби на електрична енергија се резултат од незаконско користење ги потврди и министерот за економија Крешник Бектеши:

 

„Ќе побарам и од МВР да постапат во сите општини каде има големи загуби на електрична енергија. Ваквите загуби се на товар на сите граѓани оти загубите се признаваат како трошак кога се прави цената на струјата“, рече министерот Бектеши.

„Крадење на електрична енергија е кривично дело, но тоа не е проблем само на една компанија туку на системот кој треба да ја реши оваа работа“, додаде Бектеши.

Забележително е дека најголем дел од триесетината „влијателни“ твитови во кои се спомнува Арачиново, како и најголем дел од бројните реакции на тие твитови, беа објавени од анонимни акаунти.

 

Исто така, може да се забележи дека поголем дел од анонимните акаунти што се најдоа меѓу влијателните твитови перманентно се обидуваат да распламтуваат етнички страсти, ширејќи дезинформации, теории на заговори или отворено поттикнувајќи меѓуетничка омраза и нетрпеливост.

 

Институтот за медиуми и аналитика ИМА укажува дека слободата на изразување секако ги вклучува критиките кон неплаќачите на струја, барањата да се преземат кривични мерки против сторителите на кражби на електрична енергија (кои не се проблем само во Арачиново), и критиката кон институциите, кои не преземале соодветни мерки.

 

Но, слободата на изразување нема ништо заедничко со предизвикувањето на омраза и нетрпеливост врз национална основа, што исто така е кривично дело. Показател за тенденција и намера да се предизвика омраза и нетрпеливост е дискриминаторската употреба на изразите „шиптари“, „шиптарски“ и „каури“ во повеќе влијателни твитови.

 

ИМА апелира до сите учесници во јавната комуникација да се воздржат од говор кој предизвикува омраза и нетрпеливост по која и да е основа. ИМА бара од МВР и Обвинителството да воспостават целосно владеење на правото и да преземат неселективни мерки, и против сторителите на кражби на електрична енергија секаде каде што тоа се случува, и против сторителите на кривичното дело предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа.