Да ѝ дадеме шанса на полемиката, во која колку повеќе земаме од слободата, толку повеќе треба да бидеме одговорни за моќта на зборот

Пишува: ЗОРАН БОЈАРОВСКИ

Силна метафора беше искористена од еден наш почитуван колега, кога вели дека „тоа што го предлага Институтот за медиуми (пристојна дебата меѓу различни мислења) е коцка шеќер што се фрла во разбрануваниот океан на милата ни Македонија“.

Сепак, без разлика на екстремниот песимизам во неговиот Фејсбук статус дека е можна пристојна дебата, тој се согласува дека „со пристојна дебата меѓу различни мислења навистина може да се стигне до напредок на општеството“, но потенцира „само ако различни мислења има“, и поентира дека „нашиот проблем не е отсуството на дебата на различни мислења, туку вишокот дебата на мислења што ги нема“ и дека „злото и глупоста ја користат демократската платформа и го бараат и го користат тоа што Институтот го нуди“.

Кога на ваков начин категорично, „коцка шекер во океанот“, се аргументира тезата дека во нашата земја е невозможна пристојна дебата на различни мислења, можниот одговор може да биде со искористување на уште една силна метафора за „осамениот глас во пустината“, кој го најави цивилизацискиот пресврт, после кој времето почна да се одредува со „пред нашата“ и „после нашата“ ера.

Тогаш, во зората на новата цивилизација, никој не му веруваше на „осамениот глас во пустината“.

Никој тука не ја презема на себе улогата на пророк или месија, но тоа не е никаква пречка да ги поставиме прашањата, како дојдовме до тука да бидеме „сведоци на целосна радикализација, поларизација и деградација на општествената дебата во македонското општество“. Како се случи поделбите да стануваат сè подлабоки, а разговорот или дебатирањето помеѓу различните мислења и ставови да станува речиси невозможнo.

Навистина, како дојдовме до тука и има ли излез?

Се разбира дека има, и тоа токму „низ борбата за мислење, за победа на мислењето над позата, над лагата, над злобата“.

Но, за да го протераме мислењето кое тоа не е од јавниот простор и да им дадеме шанса на скрежовите од штурци и црцорци повторно да се вратат во видот, да пробаме да дебатираме со оние кои тоа не се.

Оти, ако мораме прво да ги вратиме во видот, како да го направиме тоа ако ги негираме.

Еве на пример со претседателот на МАНУ и со неговиот антураж за поддршка од потесното претседателство на академијата. Тие секако не се штурци и црцорци, односно скрежови, а редовно продуцираат националистички и шовинистички наратив, со кој сериозно ги поткопуваат темелните столбови на кои е изградено македонското општество, особено на планот на меѓуетничкото заедништво.

Се разбира, дебатата за која се залагаме е онаа соодветна за нашиот вид: хумана, достоинствена, аргументирана, дебата која се фокусира на ставовите и тезите, а не на карактерот на опонентот.

Да ја вратиме на сцена дебатата како израз на слободата на говорот и како ултимативен концепт кој ја потврдува таа слобода. Да ѝ дадеме шанса на полемиката во која колку повеќе земаме од слободата, толку повеќе треба да бидеме одговорни за моќта на зборот и за неговото влијание.

Ова е особено важно, затоа што слободата е правопропорционална со одговорноста и ако ја земаме слободата во свои раце за да пишуваме на теми, кои се особено чувствителни во одреден период, треба секогаш да си ги поставуваме овие прашања: Дали моето мислење, изразено во новинарски формат, како медиумска соржина, ги продлабочува конфликтите? Дали ги нагласува разликите и ги форсира стравовите? Дали ги стигматизира оние со спротивно мислење…? Доколку одговорот на овие прашања е потврден, тогаш нешто со нашата колумна не е во ред. Доколку, пак, немаме доблест да си ги поставиме овие прашања и доколку не нѐ интересираат одговорите, тогаш треба да знаеме дека не сме достојни да пишуваме колумни, односно медиумски содржини, кои го овозможуваат афирмирањето на личното мислење.

Дури и кога се „облекува“ во лично мислење, медиумската содржина не може да отстапува од вечните етички стандарди прифатени и во новинарството, а тоа се вистината и фактите.

Достоинствената и продуктивна дебата ќе ја истакне разликата, со помош на која ќе се препознаваат оние кои формираат мислења врз основа на докажани лаги. Едноставно, тие не веруваат во доказите, колку и да се трудите да им ги ставате пред очи. Оттука почнува создавањето медиумски содржини како мислења кои, со оглед на тоа дека тргнуваат од лаги, завршуваат како поголеми лаги.

Борбата за достоинствена дебата го има токму ова предвид.

Треба да се истакне дека тоа не е единствената последица на така формираните и изнесени лични мислења. Посериозната последица е емотивниот набој, манипулацијата со базичните, примордијалните чувства и со колективните стравови, со систематско и репетитивно нагласување на „вордингот“ во кој постојано се манипулира со зборовите и квалификациите, како што се војна, крв, изрод, надворешни и внатрешни непријатели, алчни слепци, задоени предавници, вазали, предавници, паразити, геноцид, продадени души, вие и ние….

Во ситуација кога е неопходно да се биде промислен, разумен, претпазлив, умерен…, овој тип на медиумски пласирани мислења само ги продлабочуваат конфузиите, фрустрациите и стравовите. Затоа што прашање е како да се објасни мислење кое зборува за поделби и за предавници, кога самото тоа ги продлабочува тие поделби и повикува на пресметка со „предавниците“.

Тоа е контрадикторно.

Во овие ситуации исклучително важна е и позицијата на медиумот и на уредништвото, кои мора да го имаат предвид јавниот интерес и професионалните стандарди кога се објавуваат лични мислења за да ѝ стават на публиката до знаење што е што. Ова е особено значајно, зашто од поголемиот дел од медиумската публика не можеме да очекуваме да бидат медиумски писмени за  да разликуваат секогаш факти од мислења.