Дезинформации, навреди и поттикнување омраза од водителот на „Јади Бурек“

Новинарот и водител на емисијата „Јади Бурек“ Јанко Илковски, на својата ФБ страница со над 59 илјади следбеници, на 29.08.2022 сподели скриншот од објава во која се тврди дека „Педофилијата е сега легална во Калифорнија“.

 

 

Станува збор за дезинформација, која е дебанкирана од страна на влијателни проверувачи на факти ширум светот, кои докажуваат дека во Калифорнија не е легализирана педофилијата, како што погрешно се тврди:

 

На 30.08.2022, Илковски на неговата Фејсбук страница сподели друг скриншот, тврдејќи дека Фејсбук му го ограничил неговиот акаунт, затоа што, како што вели, „ги навредил педофилите“.

Иако Илковски јавно не споделува зошто Фејсбук го ограничил неговиот акаунт, тој продолжува да шири не само дезинформации, туку и навреди кон „маусдонските факт чекери“ и „слични сороспии“.

Ваквиот однос кон јавноста нема ништо заедничко со новинарската професија, затоа што Кодексот на новинарите на Македонија јасно укажува дека „Новинарот треба да објавува точни, проверени информации…“ и дека „точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“.

Во случајов, Илковски не само што објавил неточна информација, туку прекршува и повеќе други одредби од Кодексот на новинари со „непримерната комуникација со јавноста“, со поттикнувањето дискриминација и омраза,  и употреба на својот медиум „за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги“.