Пишува: Зоран БОЈАРОВСКИ
Од вкупно 46 дефинирани активности за ефикасно остварување на една од трите цели на Националниот акциски план на Владата на Северна Македонија за имплементација на Истанбулската Конвенција, само 6 се целосно спроведени, со што се создадени сериозни пукнатини и празнини во институционалниот систем, кој треба да ги превенира сексизмот и родово базираното насилство. Дали борбата против сексизмот и мизогинијата во јавната и медиумската комуникација е донкихотовска борба со ветерници и дали е илузија верувањето дека во оваа борба може да се извојува победа против сите оние што ја генерираат таа дискриминација и родово насилство?
За жал, ова е реторичко прашање, колку да ја започнеме анализата за присустноста и степенот на интензитетот и на сексистичкиот и мизогиниски наратив во јавниот простор, а извештаите за овие појави од година в година не се менуваат, односно само констатираат континуитет („Извештај за напредокот на Северна Македонија при спроведувањето на Националниот акциски план за имплементација на Истанбулската конвенција“, „Годишен извештај за состојбата со човековите права во 2021 година“, Хелсиншки Комитет, „Сексуалните малцинства, родот и медиумите“ на Коалицијата Маргини од 2021 година, “Превенција на родово базирано насилство врз жени и девојки со попреченост“, ОБСЕ, 2022).
Од извештаите и од секојдневното соочување со сексизмот и мизогинијата, како и дискриминацијата и родово базираното насилство, очигледно, за жал, се констатира дека тие се хроничен проблем. Континуитетот на тој проблем предизвикува сериозна загриженост дури и за безбедноста на жените во средината во која живеат, бидејќи родовата дискриминација во јавната комуникација, предоминантно на социјалните медиуми, може да биде тригер и за насилство.
Секое понижување, навредување и опредметнување на жената и девојките, придружено со сексистички наративи и говор на омраза, само го продолжува овој тренд. Институтот за медиуми и аналитика ИМА обрнува посебно внимание на овие појави, редовно ги архивира и ќе продолжи да ги архивира и анализира.
Во текстот Сексизам и мизогинија во медиумите и на социјалните мрежи: Политичарките не се „вештерки“!, за сексистичките и други дискриминаторски напади кон политичарки во јавната сфера, како последна во низата е нападот врз министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска, која беше прогласена за „вештерка“ од позната јавна личност која се декларира за интелектуалец.
Овој сексистички напад врз министерката за култура, проширен од неколку портали што ги погазија професионалните стандарди, е само врв од ледениот брег на сексизам и мизогинија, кој изби на површина откако министерката за култура беше политички нападната заради нејзина изјава, која може да биде предмет на релевантна критика, но не и на говор на омраза врз основа на род и други дискриминаторски основи.
Честа мета на дискриминаторски говор е и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, особено на социјалните мрежи.
И градоначалничката на Скопје, како и секој друг политичар, не треба да биде имуна на критики за нејзината работа, но честите напади врз основа на изглед, пол, националност, државјанство, политичка припадност, итн., не спаѓаат во доменот на критиката, туку во доменот на дискриминацијата, па и говорот на омраза.
Сексизмот и мизогинијата кон политичарките е забележителен феномен во секоја предизборна кампања, но и кон избраните политички функционерки.
ИМА потсетува дека на оваа негативна појава, за време на локалните избори во 2021 година, укажа и амбасадорката на мисијата на ОДИХР во земјава, Тана де Зулуета, во интервју за Цивилмедиа.
Според де Зулуета, родово базираните напади, посебно на социјалните мрежи, може да ги обесхрабрат жените од учество на изборите и активното вклучување во политичкиот живот.
„Жените се многу ранливи по ова прашање. Огромна е штетата за нивниот углед, како и за општеството. Тие се многу поранливи од нивните машки противници, а нивните напаѓачи го знаат тоа, па затоа одат по нив. А тоа не е убава глетка“, изјави де Зулуета во интервјуто.
Со сексистички говор на омраза, не така одамна, беше нападната и министерката за одбрана Славјанка Петровска, а во слични ситуации беа таргетирани и претходната министерка за одбрана Радмила Шекеринска, поранешната министерка за образование Мила Царовска, екс-градоначалничката на Тетово Теута Арифи, и други политичарки.
Без разлика дали сексизмот е намерен или произлегува од небрежност и недоволно развиена свест, тој има ефект на подривање на достоинството на личноста или групата кон која е насочен, може да резултира со физичко, психолошко, сексуално и социо-економско насилство и да создаде застрашувачка, непријателска деградирачка, понижувачка и навредлива атмосфера.
Дополнително, сексистичкото однесување води кон создавање препреки за целосно остварување на човековите права и кон репродуцирање на родовите стереотипи и со тоа ја оневозможува еднаквата распределба на општествените и природните добра.
Конвенцијата за елиминација на сите облици на дискриминација врз жените и Истанбулската Конвенција за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство, кои се ратификувани од Република Северна Македонија, се референтните документи што го препознаваат сексизмот како дел од континуумот на родовите стереотипи, родовата нееднаквост и насилството врз жените (вклучително и девојчињата).
Од овие документи произлегува обврската дека сите треба да внимаваме да не шириме сексизам преку своите изјави и однесувања кои ја обезвреднуваат функцијата и улогата на жените. Но, она што се чини суштински поважно е дека сексизмот треба да се искорени и на институционално и на системско ниво.
Многу системски празнини ја попречуваат ефикасната имплементација на Истанбулската конвенција
Одговорите за тоа како стојат работите на институционално и системско рамниште во борбата против сексизмот и мизогинијата, во еден дел можат да се најдат и во документот „Извештај за напредокот на Северна Македонија при спроведувањето на Националниот акциски план за имплементација на Истанбулската конвенција“.
Како стратешки документ на Владата на Република Северна Македонија, Националниот акциски план за имплементација на Истабулската конвенција (НАП) ги дефинира активностите, одговорните институции, индикаторите и временската рамка за усогласување на одредбите на Конвенцијата со националното законодавство за периодот 2018-2023 година.
Основната цел на планот е да предвиди, да спроведе и да координира унапредување на сеопфатната национална политика за превенција и заштита од насилството врз жените и семејното насилство. Усвоениот НАП има три основни цели: 1. Усогласување на законската рамка со одредбите на Конвенцијата. 2. Воспоставување општи и специјализирани сервиси за унапредување на заштитата на жртвите на родовобазирано насилство и на жртвите на семејно насилство, и 3. Спроведување активности за превенција од родовобазирано насилство и семејно насилство.
За жал, извештајот, изработен во рамките на проектот „На пат кон ЕУ: Спречување на насилството врз жените во Република Македонија“, финансиран од Шведската фондација Квина тил Квина, констатира дека од вкупно 46 дефинирани активности (за ефикасно остварување на една од трите цели на Националниот акциски план на Владата на Северна Македонија за имплементација на Истабулската Конвенција), само 6 се целосно спроведени. Создадени се сериозни пукнатини и празнини во институционалниот систем, кој треба да ги превенира сексизмот и родово базираното насилство.
Комплетно спроведените активности во најголем дел се однесуваат на промена на законските решенија во однос на првата цел на конвенцијата за усогласување на легислативата. Од друга страна, не е спроведена ниту една активност во делот на превенцијата која што е трета цел на Конвенцијата. Извештајот констатира дека дури 20 активности од планираните 46 не се воопшто ни започнати да се спроведуваат, иако рокот на имплементација бил до крајот на 2019, односно пред почетокот на здравствената криза. Дел од активностите, вкупно 9, за кои изготвувачите на извештајот добиле одговор дека се завршени, всушност, се делумно реализирани.
Како дел од одговорите на системско и институционално рамниште се и оние кои треба да дојдат од правосуднииот систем. Во таа насока, во месечниот извештај за човековите права во Република Северна Македонија – февруари 2021, Хелсиншкиот комитет констатира дека немањето судска пракса, неказнивоста и слабиот капацитет на надлежните институции да го процесираат овој феномен, се фактори со кои се поттикнува и нормализира говор на омраза, како начин на кој се комуницира на социјалните медиуми.
Покрај ова, нагласува извештајот на Хелсиншкиот Комитет, сѐ почесто се евидентира говор полн со омраза, односно употреба на крајно мизоген, деградирачко-навредлив и хомофобичен речник во јавната комуникација, што дополнително го зголемува интензитетот на омраза.
Хелсиншкиот комитет за човекови права, по којзнае кој пат, ја повика Владата на Република Северна Македонија, особено Министерството за внатрешни работи, итно да преземат мерки што се во нивната надлежност за санкционирање на овој феномен – односно поинтензивна работа со граѓанските организации и јавна кампања за дополнителна едукација на граѓаните.
Институционалните и системски слабости во борбата против сексизмот и мизогинијата се нотирани и во Извештајот за човековите права за 2021 година на ЕУ. Во овој извештај се потенцира дека е „важно е да се подобри имплементацијата на законодавството за говор на омраза и на националниот акционен план за спроведување на одредбите од Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулска конвенција) на Советот на Европа“.
Стереотипите, погрешните интерпретации и концепти, кои ја омаложуваат улогата на девојките и жените во општеството, се присутни и во дел од наставните материјали што се користат во образованието, за што стручната јавност со години укажува дека концептот за образовните реформи мора да го вклучи и елиминирањето на спорните содржини од ваков тип, за кои со години се говори во јавноста.
Дел од препораките за овие прашања стигнаа и од Анализата која се однесува на наставните материјали на македонски јазик на Институтот за човекови права, во која се извлекува следниов заклучок: „учебниците сѐ уште рефлектираат родови стереотипи, не се тематизира нееднаквоста на жените и мажите, а критичката дискусија за поставеноста на половите останува на родовата сензитивност на наставниците/ничките и дека изостанува и интеркултурниот дијалог и покажувањето интерес за другоста, со што би се поттикнувала толерантноста кај учениците/ничките и прифаќањето на меѓусебните разлики“.
Според препораките на Институтот за човекови права што ги пренесува текстот со наслов „Борба за елиминирање на родовите стереотипи во учебниците“ (на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА), треба да се посвети внимание на создавање на наставен материјал кој е родово сензитивен и на наставно-образовен кадар кој е подготвен да ја пренесе таа родова сензитивност, бидејќи моменталната состојба со наставните материјали остава простор за развивање на родово несензитивни генерации и само дополнително ги утврдува родовите стереотипи.
Медиумите го капитализираат општественото табу околу сексот и порнографијата за пишување сензационалистички прилози
Имајќи ги предвид бројните штетни последици од говорот на омраза и дискриминацијата врз основа на пол и род, одговорност на медиумите и новинар(к)ите е не само да ја минимизираат штетата од таквиот говор, туку и да известуваат за него како општествен проблем, вклучително и постојано да бараат активирање на правните механизми за негово санкционирање.
На пример, кога се во прашање медиумите и нивната улога во борбата со сексизмот и родовото насилство, прашање е каква е целисходноста, па дури и оправданоста, да се компилираат досетки набиени со сексизам, мизогинија и говор на омраза како медиумска содржина?!? Таквите медиумски пакети не постигнуваат ништо, освен што ги шират таквите содржини, наспроти една од најчестите препораки за борба против нив, која вели – не им давајте видливост, запрете ја дистрибуцијата на тие наративи.
Бојана Јовановска од Хелсиншкиот комитет за човекови права, во сторијата „Родово базирано насилство: кривично дело кое останува толерирано“, изработена во рамки на проектот „Зајакнување на капацитетите на истражувачките новинари во областите од Поглавјето 23, а со фокус на правосудството“, ја потенцира одговорноста што ја имаат медиумите како едни од најрелевантните чинители во општеството: „Сѐ уште се соочуваме и со несоодветен пристап од страна на медиумите кога станува збор за известување за случаите на насилство… Во трката по сензационализам, медиумите континуирано демонстрираат несензибилизираност во однос на состојбата на самите жртвите и во однос на родовите стереотипи кои само ги зајакнуваат“, вели таа.
Јовановска очекува промени во овој контекст заради фактот што текстот на новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство предвидува превентивни мерки, кои ги вклучуваат и медиумите. Предвидено е преземање мерки за подигање на свеста за сите форми на насилство, како и за промовирање на родова еднаквост, имајќи предвид дека однесувањето и сензибилизацијата на новинарите може да имаат особено значајна улога во елиминирање на родовите стереотипи и насилството.
Најилустративната анализа и оценка за тоа како медиумите ја комуницираа оваа тема ја наоѓаме во извештајот „Сексуалните малцинства, родот и медиумите“ на Коалицијата Маргини од 2021 година низ студијата на случај „Јавна соба“.
Наративот дека жртвите на сексуално вознемирување и родово засновано насилство во „Јавна соба“ се, всушност, самите виновни за тоа што им се случило, е прилично присутен во медиумскиот простор во 2020 година кога беше откриен случајот, а до некој степен и во 2021 година, кога се одвиваше судскиот процес, со што се повтори виктимизацијата на жртвите, заклучува извештајот на Коалицијата Маргини.
Навистина, експлицитното обвинување на жртвите се случуваше најмногу на социјалните мрежи, а не на традиционалните медиуми и онлајн порталите, но не помала штета беше направена и од практиката на овие медиумски платформи да се пренесуваат фотографиите и видеата од жртвите без нивна согласност, констатира извештајот.
Овој случај потврди дека, како и во многу наврати претходно, девојките и жените, чии фотографии или лични податоци се злоупотребени, не се именуваат како жртви. Наместо тоа, фокусот се ставаше на содржината на фотографиите и видеата, а не на тоа дека се споделени без дозвола и дека претставуваат родово засновано насилство.
Извештајот на Коалицијата Маргини архивираше дека новинарите во нивните медиумски производи ги користеа фразите „еротски фотографии“ или „порнографската група на Телеграм“ во насловите за да го привлечат вниманието на публиката.
Од ова произлегува дека медиумите го капитализираат општественото табу околу сексот и порнографијата за пишување сензационалистички прилози, бидејќи сториите за „Јавна соба“, намерно или ненамерно, многу често беа презентирани без доволно контекст, без јасно објаснување за тоа кој е жртва, а кој насилник, и најчесто без никаква дискусија за родово заснованото насилство и системскиот сексизам.
Капитализацијата на општествените табуа и стереотипи околу сексот ги евидентира како континуитет и Билјана Михајловска во нејзината анализа ПРЕСТАНЕТЕ ДА НÈ СИЛУВАТЕ! СЛАВА УКРАЇНІ!, која ја опишува релативизацијата и банализацијата на протестниот акт на активистка на француската активистичка организација SCUM, која на црвениот тепих на филмскиот фестивал во Кан истрча жена „гола“, „полугола“, „топлес“… (како што можеше да се прочита во известувањето на странските медиуми) на чии гради беше исцртано украинското знаме и испишан текстот „Престанете да нè силувате“ (Stop raping us). Жената протестираше поради масовните силувања на украинските жени од страна на руските војници за кои во Украина веќе се водат истраги, а во европските земји кои ги прифаќаат бегалците се дадени препораки на жртвите на силување да им овозможи бесплатна здравствена помош, гинеколошки прегледи, сигурни абортуси…“.
Михајловска пишува дека настанот, за среќа, помина незабележано кај македонските твитерџии кои милуваат себеси да се сметаат за интелектуална елита, кои тие денови беа „презафатени со гаќосување на македонската твитер сфера“ откако некој „опасен фраер објави дека е*ел и ѝ ги земал гаќите на партнерката, па твитерџиите сериозно се зафатија со анализа на формата, бојата, чистотата, модерноста… на гаќите на партнерката. Секако, мораа да сликаат голем број гаќи и да напишат што се тие правеле со туѓи или свои гаќи“.
Да ги повториме препораките
Во однос на препораките за борба против против сексизмот и мизогинијата во јавната и медиумската комуникација, за таа да не остане донкихотовска борба со ветерници, оваа анализа јасно става акцент на потребата од затворање на празнините и пукнатините во институционалниот систем, кој треба да ги превенира сексистичката дискриминација и родово базираното насилство.
Се разбира, за да биде борбата сеопфатна и да даде резултати, остануваат и препораките за независните тела и оорганизации, како што е Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која што треба да да ги санкционира медиумските содржини кои вршат дискриминација или вознемирување врз основа на пол, род, сексуална ориентација и/или родов идентитет.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги треба да продолжи со својата работа во борбата за искоренување на дискриминаторскиот говор и говорот на омраза врз основа на пол, род, сексуална ориентација и/или родов идентитет со спроведување истражувања насочени кон медиумската презентација на жените, родовите и сексуалните малцинства.
Медиумските работници треба да ги почитуваат општите насоки за известување кои произлегуваат од Кодексот на новинарите на Македонија, како и да прифатат постојано да се едуцираат и сензибилизираат за известување за родовите прашања и родово базираното насилство на непристрасен начин, со избегнување на виктимизација и стигматизација на жените и жртвите на насилство.
Во училишните курикулуми значајно место треба да заземе прашањето на медиумската писменост, а во темата за сексизам и мизогинија, прашањето на деконструкција на дискриминацијата мора да има централно место. Ова долгорочно треба да обезбеди критичка публика која ќе знае да ги препознае сексистичката дискриминација и родово базираното насилство.
Скорешни коментари