Бегалците од Авганистан заминаа, медиумските траги од дезинформациите, лажните вести и говорот на омраза останаа

Повеќе медиуми известија дека Успешно заврши мисијата за привремено сместување на загрозените лица од Авганистан ангажирани од НАТО, дека Заминаа сите бегалци од Авганистан, односно, дека Си замина и последното семејство од Авганистан кое беше згрижено во Македонија.

Но, пред една година, Пропагандните конспирации за кампови за бегалци и мигранти во Македонија продолжија со нов бран дезинформации и поттикнување омраза кон бегалците. „На социјалните мрежи се ширеа коментари кои беа во насока на дискриминација и ксенофобија, а кај дел од нив се забележуваше и говор на омраза, но и ширење на дезинформации“, се констатира во написот „Бегалците од Авганистан наидоа на македонската хуманост и гостопримливост, но и на нетолеранција“.

Во август 2021 Хелсиншкиот комитет за човекови права предупреди: „Изминативе години, особено за време на бегалската криза во периодот 2015-2017, дезинформациските кампањи поврзани со бегалците и мигрантите беа постојано присутни во јавниот дискурс. Иако реалноста целосно ги демантираше лажните вести за населување на стотици илјади мигранти и градење бегалски кампови, омразата продолжи да се одржува во континуитет и деновиве повторно доживува подем“ (Хелсиншки комитет повикува да не се шират дезинформации за бегалците од Авганистан)

Дезинформации за бегалците од Авганистан имаше и за време на Локалните избори 2021, каде што се водеше „рововска битка со црна пропаганда и дезинформации“. Беа забележани и документирани повеќе случаи на дезинформации, поттикнување омраза, како и ширење страв и паника.

Сепак, веројатно најголемата политичка кампања против бегалци и мигранти беше забележана пред локалните избори во 2017, кога ВМРО-ДПМНЕ ги злоупотребуваше мигрантите непосредно пред изборите, ширејќи дезинформации дека владата на СДСМ пренаменува средства „за изградба на станови за мигранти кои треба да се доселат во Македонија“.

Досега не се обистини ниту една од „прогнозите“, „плановите“, конспирациите, „вестите“ и пратеничките најави за „милион Африканци во Македонија“. Не се извини никој од низата говорници кои лиферуваа дезинформации, а не се извинија ниту медиумите кои со со своите објави, придонесоа за ширење на дезинформациите со кои се поттикнуваше дискриминација и омраза кон бегалците и мигрантите.