Пишува ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Справувањето со говорот на омраза е еден од критериумите, според кои ќе се мери напредокот на Северна Македонија во исполнување на преговарачката рамка со ЕУ, но и во исполнување на Договорот за добрососедство и пријателство со Република Бугарија. Тоа е формалниот епилог, но амбиентот во кој се одвиваше целиот процес на преговарање и јавната дебата за т.н.р „француски предлог“ , новиот Протокол и спроведувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија, беше тензичен.
Атмосферата во која се одвиваше јавната дебата повторно беше поларизирана, полна со дезинформации и говор на омраза. Како што веќе објави ИМА во анализата на Зоран Бојаровски, во овој период кога беше актуелна оваа тема, можеше да се забележи голем пораст, или „експлозија“ на говорот на омраза.
Што содржат документите за говорот на омраза, каков ефект би можеле да имаат врз медиумите и јавната комуникација?
Во Општиот став на министерски состанок на меѓувладината конференција за завршување на отворањето на преговорите за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, односно „францускиот предлог“ како што широко беше прифатено во јавноста, во точката 35. меѓу другото се вели дека „Северна Македонија преку инклузивен процес ќе усвои Акциски план посветен на заштита на правата на припадниците на малцинствата или заедниците, вклучително, меѓу другото, на полето на недискриминација, борба против говорот на омраза, образование, воспоставување ефективни мерки, механизми за известување и идентификување на соодветните одговорни институции. Спроведувањето на овој патоказ и Акциски план постојано ќе се следи и редовно ќе се разгледува на Меѓувладините конференции во текот на целиот процес“.
Општ став на министерски состанок на меѓувладината конференција за завршување на отворањето на преговорите за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, точка 35
Северна Македонија затоа ќе биде поканета да подготви патоказ за поглавјата за владеење на правото (23 – Судство и основни права и 24 – Правда, слобода и безбедност). Овој патоказ ќе биде усвоен од властите на Северна Македонија врз основа на насоките што ќе бидат дадени во извештаите од скринингот од страна на Комисијата и по транспарентен процес на значајни консултации со сите релевантни чинители, вклучително и граѓанското општество. Патоказот треба да ги содржи клучните реформски приоритети и да ги води пристапните преговори во овие поглавја и подготовките за исполнување на барањата за членство. Северна Македонија преку инклузивен процес ќе усвои Акциски план посветен на заштита на правата на припадниците на малцинствата или заедниците, вклучително, меѓу другото, на полето на недискриминација, борба против говорот на омраза, образование, воспоставување ефективни мерки, механизми за известување и идентификување на соодветните одговорни институции. Спроведувањето на овој патоказ и Акциски план постојано ќе се следи и редовно ќе се разгледува на Меѓувладините конференции во текот на целиот процес
Говорот на омраза е споменат и во Протоколот на Заедничката меѓувладина комисија, формирана врз основа на членот 12 од Договорот на пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија (којшто првично протече во македонските медиуми кои ја пренесоа содржината од бугарската агенција БГНЕС), во третата точка на дневниот ред, поглавјето I, за Мерки кои треба да бидат преземени пред Меѓувладината конференција за комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори:
Протокол на Заедничката меѓувладина комисија, формирана врз основа на членот 12 од Договорот на пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, 17 јули 2022, Софија
Говор на омраза
Државите ја потврдуваат обврската за преземање на мерки против секој вид на говор на омраза и ги определуваат министерствата за надворешни работи за контакт и за информирање на надлежните институции за заедничко идентификување на такви случаи, во написи на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни програми, како и во јавниот простор.
Државите ќе создадат, без одложување, соодветна процедура и конкретни чекори за преземање на брзи и ефективни мерки при идентификување на такви случаи.
Двете држави ќе преземат ефикасни мерки за превенирање на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат активности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични активности, кои би наштетиле на нивните односи.
Дали е овој процес доволно транспарентен и јасен за сите на кои се однесува? Кои механизми и надлежни институции ќе постапуваат по овие критериуми? Кои дефиниции на говорот на омраза ќе се употребат, дали се доволни и дали се спроведуваат сегашните закони, ќе има ли промени? Дали може да дојде до злоупотреби на механизмите за нарушување на слободата на изразување? Каков ефект ќе има тоа врз медиумите, врз традиционалните и оние онлајн, каков ефект врз комуникацијата преку социјалните медиуми? Овие и други дилеми, беа дел од јавната дискусија во целиот овој период.
Во однос на третирањето на говорот на омраза во контекст на преговорите со ЕУ и исполнувањето на Договорот за пријателство со Бугарија, побаравме став од професионалните и експертски медиумски организации во земјава.
Нивната поддршка за борбата против говорот на омраза е со акламација. Едногласна е и поддршката за спроведување на домашната легислатива и конвенциите на Советот на Европа кои се обврзувачки за нашата земја. Но, тие изразуваат одредени резерви во однос на начинот на спроведување на таа борба, транспарентноста, ефикасноста на постојните механизми и можностите за злоупотреба за нарушување на слободата на изразување.
Синадиновска: Овие вредности се над сите дневни политики, нема транспарентност, загрижува имплементацијата
Најпрвин, на крајот на месец јуни 2022 година, кога овие прашања и преговорите беа најактуелни и во фокусот на јавноста а формулациите од документите веќе циркулираа по медиумите, ИМА побара став од Катерина Синадиновска, претседателката на Управниот одбор на Советот на етика во медиумите во Македонија СЕММ. Таа тогаш посочи дека во однос на тие најави, конкретно за тој дел, не можат да се изјаснуваат, оти тие содржини произлегоа за жал не од домашните власти, кои требаше да бидат транспарентни, туку од бугарски медиуми.
„Клучно е да се знае дека во тој процес говорот на омраза треба да биде дефиниран според една од меѓународно прифатените работни дефиниции на поимот „говор на омраза“ (ООН, Совет на Европа) оти ако нема такви рамки многу е можно да се остави простор тоа да се претвори во лов на вештерки и удар врз слободата на говор. Прашањето е посебно деликатно, оти во конкретниов случај се однесува на ситуација на отворен проблем со сосед и тоа дава апсолутна потреба, се разбира, од воведување на принципот на реципроцитет во мониторингот на оваа појава и тоа не смееме да го заборавиме“, истакнува Синадиновска.
Она што ја загрижува Синадиновска, настрана од актуелностите со европските интеграции, е имплементацијата на законската легислатива за борба против говорот на омраза кај нас воопшто, не само за Бугарија.
„Сите сме сведоци дека особено судската власт (но и МВР) мора да биде далеку поажурна, ама и посвесна за тоа дека е важно да се одржува оваа борба. Во сенката на настаните, некако се изгуби од вид дека оваа борба е универзална, цивилизациска и нема и не смее да има врска со Бугарија или заради Бугарија или ЕУ. Ова е наша обврска секако, еднакво како што е и на бугарската држава, без разлика на актуелниот спор и без разлика – или дотолку повеќе што се работи за земја членка. Овие вредности се над сите дневни политики, па дури и меѓудржавни прашања, оти се човекови“, вели Синадиновска од СЕММ во одговорите на прашањата на ИМА.
Катарина Синадиновска, СЕММ, 28.06.2022
Во однос на тие најави, конкретно за тој дел, не можеме да се изјаснуваме, оти тие содржини произлегоа за жал не од домашните власти, кои требаше да бидат транспарентни, туку од медиуми и тоа бугарски.
Клучно е да се знае дека во тој процес говорот на омраза треба да биде дефиниран според една од меѓународно прифатените работни дефиниции на поимот „говор на омраза“ (ООН, Совет на Европа) оти ако нема такви рамки многу е можно да се остави простор тоа да се претвори во лов на вештерки и удар врз слободата на говор. Прашањето е посебно деликатно, оти во конкретниов случај се однесува на ситуација на отворен проблем со сосед и тоа дава апсолутна потреба, се разбира, од воведување на принципот на реципроцитет во мониторингот на оваа појава и тоа не смееме да го заборавиме.
Она што мене ме загрижува, настрана од актуелностите со европските интеграции е имплементацијата на законската легислатива за борба против говорот на омраза кај нас воопшто, не за Бугарија. Сите сме сведоци дека особено судската власт (но и МВР) мора да биде далеку поажурна, ама и посвесна за тоа дека е важно да се одржува оваа борба. Во сенката на настаните, некако се изгуби од вид дека оваа борба е универзална, цивилизациска и нема и не смее да има врска со Бугарија или заради Бугарија или ЕУ. Ова е наша обврска секако, еднакво како што е и на бугарската држава, без разлика на актуелниот спор и без разлика – или дотолку повеќе што се работи за земја членка. Овие вредности се над сите дневни политики, па дури и меѓудржавни прашања, оти се човекови.
ЗНМ: Да не се дозволат злоупотреби, општа формулација за говорот на омраза може да предизвика цензура
Подоцна во овој период, во текот на август и почетокот на септември 2022 година, за говорот на омраза во контекст на преговорите со ЕУ и исполнувањето на Договорот за пријателство со Бугарија, ИМА побара став од уште неколку медиумски професионални и експертски организации со долгогодишно искуство во оваа област.
Во одговорите до ИМА, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) вели дека секогаш јавно и гласно реагира кога ќе препознае говор на омраза упатен кон новинарите и медиумските работници во земјава. Еден од резултатите, како што посочуваат, е и единствената правосилна пресуда во полза на ЗНМ за говор на омраза на социјални медиуми во локален контекст донесена во декември 2021 година. ЗНМ информира дека со останатите партнерски организации од медиумскиот сектор редовно иницираат јавни дебати за опасноста од говорот на омраза и последиците кога тој не се санкционира.
„Во случајот со третирањето на говорот на омраза во контекст на преговорите со ЕУ и исполнувањето на Договорот за пријателство со Бугарија, ставот на ЗНМ е дека говорот на омраза претставува кривично дело без разлика за каков контекст станува збор, кога има експлицитни примери за говор на омраза и институциите треба да покажат проактивност без разлика дали е пласиран на традиционални, дигитални или социјални медиуми. Само преку координиран и институционален одговор кон сторителите од страна на Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи ќе може да се води ефикасна и ефективна битка со говорот на омраза.
Исто така, важна улога во овој сегмент има и медиумскиот регулатор. Говорот на омраза може да предизвика тензии од етнички, религиски, партиски и други основи, посебно кога се пренесува од страна на националните телевизии и токму затоа медиумскиот регулатор има многу важна улога во превенцијата и санкцијата. Во контекст на преговорите со ЕУ, ЗНМ смета дека не би смеело да се дозволи одредени институции да ја злоупотребат својата надлежност, односно, да не се дозволи една општа формулација за говорот на омраза да влијае врз слободата на говорот и мислата, односно да не се предизвика цензура“, стои во одговорот на ЗНМ до ИМА.
Здружение на новинарите на Македонија ЗНМ, 24.08.2022
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) секогаш јавно и гласно реагира кога ќе препознае говор на омраза упатен кон новинарите и медиумските работници во земјава. Еден од резултатите е и единствената правосилна пресуда во полза на ЗНМ за говор на омраза на социјални медиуми во локален контекст која беше донесена во месец декември 2021 година. ЗНМ и останатите партнерски организации од медиумскиот сектор редовно иницираат јавни дебати за опасноста од говорот на омраза и последиците кога тој не се санкционира.
Во случајот со третирањето на говорот на омраза во контекст на преговорите со ЕУ и исполнувањето на Договорот за пријателство со Бугарија, ставот на ЗНМ е дека говорот на омраза претставува кривично дело без разлика за каков контекст станува збор кога има експлицитни примери за говор на омраза и институциите треба да покажат проактивност без разлика дали е пласиран на традиционални, дигитални или социјални медиуми. Само преку координиран и институционален одговор кон сторителите од страна на Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи ќе може да се води ефикасна и ефективна битка со говорот на омраза.
Исто така важна улога во овој сегмент има и медиумскиот регулатор. Говорот на омраза може да предизвика тензии од етнички, религиски, партиски и други основи, посебно кога е пренесува од страна на националните телевизии и токму затоа медиумскиот регулатор има многу важна улога во превенцијата и санкцијата.
Во контекст на преговорите со ЕУ ЗНМ смета дека не би смеело да се дозволи одредени институции да ја злоупотребат својата надлежност, односно да не се дозволи една општа формулација за говорот на омраза да влијае врз слободата на говорот и мислата, односно да не се предизвика цензура.
Институт РЕСИС: Проблематично е спроведувањето на Договорот, да се почитуваат постоечките обврски и правни инструменти на Советот на Европа за човековите права
Д-р Снежана Трпевска од Институтот РЕСИС смета дека како земја членка на Советот на Европа, нашата држава има преземено обврска да ги почитува и да ги применува сите правни инструменти на Советот на Европа за заштита на човековите права – пред се Европската конвенција за човекови права со одлуките на Европскиот суд за човекови права, но исто така и резолуциите, препораките и декларациите усвоени од Комитетот на министри и од Парламентарното собрание на СЕ.
„Неколку клучни документи на Советот на Европа се однесуваат токму на прашањето на говорот на омраза и во традиционалните медиуми и во онлајн сферата. Накусо, сите овие документи ја обврзуваат секоја земја да воспостави сеопфатна или холистичка регулаторна рамка за справување со говорот на омраза, која треба да се состои од различни правни, регулаторни, само-регулаторни и низа други мерки. Никаква нова обврска не треба да произлегува ниту за нас ниту за Република Бугарија, која е исто така членка на Советот на Европа, од Договорот за пријателство. Тоа значи дека следењето, идентификувањето и санкционирањето на говорот на омраза и во двете земји треба да се одвива како и досега, во рамки на воспоставениот систем од правни и други мерки“, посочува Трпевска.
Таа истакнува две проблематични ситуации во контекст на спроведувањето на Договорот за пријателство:
„Прво, внесувањето на министерствата за надворешни работи на двете земји како точки „… за контакт и за информирање на надлежните институции за заедничко идентификување на такви случаи, во написи на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни програми, како и во јавниот простор.“ Ова целосно излегува надвор од воспоставената регулаторна рамка, особено поради тоа што ниту ова, ниту кое било друго министерство не може да има надлежност за следење, пријавување или постапување во поглед на кои било случаи на говор на омраза“, велат од РЕСИС.
Како второ, РЕСИС ја посочува комплексноста на проблемот на одредувањето на „говорот на омраза“ во контекст на односите меѓу двете држави, или, како што велат, апсурдноста и неприменливоста на оваа мерка, особено ако се има предвид дефиницијата на говорот на омраза дадена во Препораката 97(20) на Советот на Европа, според која говор на омраза се: „…сите форми на изразување кои шират, поттикнуваат, промовираат или оправдуваат разна омраза, ксенофобија, антисемитизам, или други форми на омраза засновани врз нетолеранција, вклучувајќи и нетолеранција изразена преку агресивен национализам и етноцентризам, дискриминација и непријателство кон малцинства, мигранти и луѓе со мигрантско потекло.“
„На пример, дали и како е можно една држава низ воспоставената регулаторна рамка да ја санкционира системската еманација на национализам или етноцентризам што потекнува од нејзините институции и политичари и е насочена кон народ на друга држава? Натаму, дали и како е можно другата држава низ воспоставената регулаторна рамка да го санкционира масовното незадоволство, нетолеранција, вклучително и говор на омраза што е реакција на нетолеранцијата и национализмот на првата држава?“, прашува Трпевска.
Д-р Снежана Трпевска, Институт РЕСИС, 29.08.2022
Како земја членка на Советот на Европа, нашата држава има преземено обврска да ги почитува и да ги применува сите правни инструменти на Советот на Европа за заштита на човековите права – пред се Европската конвенција за човекови права со одлуките на Европскиот суд за човекови права, но исто така и резолуциите, препораките и декларациите усвоени од Комитетот на министри и од Парламентарното собрание на СЕ. Неколку клучни документи на Советот на Европа се однесуваат токму на прашањето на говорот на омраза и во традиционалните медиуми и во онлајн сферата. Накусо, сите овие документи ја обврзуваат секоја земја да воспостави сеопфатна или холистичка регулаторна рамка за справување со говорот на омраза, која треба да се состои од различни правни, регулаторни, само-регулаторни и низа други мерки. Никаква нова обврска не треба да произлегува ниту за нас ниту за Република Бугарија, која е исто така членка на Советот на Европа, од Договорот за пријателство. Тоа значи дека следењето, идентификувањето и санкционирањето на говорот на омраза и во двете земји треба да се одвива како и досега, во рамки на воспоставениот систем од правни и други мерки.
Она што е проблематично во контекст на спроведувањето на Договорот за пријателство со Република Македонија е:
(1) прво, внесувањето на министерствата за надворешни работи на двете земји како точки „… за контакт и за информирање на надлежните институции за заедничко идентификување на такви случаи, во написи на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни програми, како и во јавниот простор.“ Ова целосно излегува надвор од воспоставената регулаторна рамка, особено поради тоа што ниту ова, ниту кое било друго министерство не може да има надлежност за следење, пријавување или постапување во поглед на кои било случаи на говор на омраза;
(2) второ, комплексноста на проблемот на одредувањето на „говорот на омраза“ во контекст на односите меѓу двете држави, или апсурдноста и неприменливоста на оваа мерка, особено ако се има предвид дефиницијата на говорот на омраза дадена во Препораката 97(20) на Советот на Европа, според која говор на омраза се: „…сите форми на изразување кои шират, поттикнуваат, промовираат или оправдуваат разна омраза, ксенофобија, антисемитизам, или други форми на омраза засновани врз нетолеранција, вклучувајќи и нетолеранција изразена преку агресивен национализам и етноцентризам, дискриминација и непријателство кон малцинства, мигранти и луѓе со мигрантско потекло.“ На пример, дали и како е можно една држава низ воспоставената регулаторна рамка да ја санкционира системската еманација на национализам или етноцентризам што потекнува од нејзините институции и политичари и е насочена кон народ на друга држава? Натаму, дали и како е можно другата држава низ воспоставената регулаторна рамка да го санкционира масовното незадоволство, нетолеранција, вклучително и говор на омраза што е реакција на нетолеранцијата и национализмот на првата држава?
МИМ: Одредбите нема да ги затоплат односите, обврските се асиметрични, невозможно е да се спроведат во пракса
Ниту ќе се „затоплат“ односите меѓу двете земји, ако е тоа намерата на овие одредби од Договорот, ниту е возможно тие да се спроведат во пракса, пред сè затоа што обврските меѓу двете држави се асиметрични, а официјалните позиции на Р. Бугарија со кои се негира македонскиот јазик и нација може да се квалификуваат како говор на омраза, вели Билјана Петковска, директор на Македонскиот институт за медиуми, на прашањата упатени од ИМА:
„Исто така, примената на одредбите од договорот не треба да се толкува на начин што може да претставува цензура за минати и идни дела од уметноста, културата и книжевноста. Евентуалното неспроведување ќе биде единствено на штета на нашата држава, што може да придонесе да се пролонгира стартот на преговорите на земјава со ЕУ во недоглед“, предупредуваат од МИМ.
Билјана Петковска, Македонски институт за медиуми, 05.09.2022
Ниту ќе се „затоплат“ односите меѓу двете земји, ако е тоа намерата на овие одредби од Договорот, ниту е возможно тие да се спроведат во пракса, пред се` затоа што обврските меѓу двете држави се асиметрични, а официјалните позиции на Р.Бугарија со кои се негира македонскиот јазик и нација може да се квалификуваат како говор на омраза.
Исто така, примената на одредбите од договорот не треба да се толкува на начин што може да претставува цензура за минати и идни дела од уметноста, културата и книжевноста. Евентуалното неспроведување ќе биде единствено на штета на нашата држава, што може да придонесе да се пролонгира стартот на преговорите на земјава со ЕУ во недоглед.
Метаморфозис: Третирање според стандардите на Советот на Европа, потребна е поголема ефикасност и отчетност на одговорните државни органи
Од Фондацијата Метаморфозис потсетуваат на нивните постојани укажувања дека во јавноста има многу манипулации во врска со поимот говор на омраза како правна категорија, неговата дефиниција и надлежностите за заштита од оваа злоупотреба на слободата на изразување. Според нив, краен резултат од тие манипулации, со кои се прави магла околу значењето на самиот поим, е овозможување на неказнивост за осомничените сторители и ширење на просторот за политички злоупотреби и на локално и на национално и на меѓународно ниво.
„Како и во врска со сите други ситуации, во однос на контекстот со преговорите со ЕУ и исполнувањето на Договорот за пријателство со Бугарија, важно е јасно одредување на критериумите за третирање на ова кривично дело според стандардите на Советот на Европа, како и јасна комуникација со јавноста за критериумите и улогите на сите институции на системот при тој процес, особено оние кои се дел од судскиот систем. Потребата за зголемување на ефикасноста и отчетноста на државните органи одговорни за заштита на граѓаните во овој поглед со години е дел и од потребите искажани преку извештаите за напредокот подготвувани од Европската Комисија“, вели Филип Стојановски од Метаморфозис.
„Овој процес може да вклучува и дополнување на легислативата преку процес на широки јавни консултации и дебата со која ќе се подигне и јавната свест за вистинското правно значење на поимот, со директно вградување на судската пракса на Меѓународниот суд за човекови права од Стразбур, кој е највисоко судско тело за вакви случаи и во правниот систем на нашата земја“, посочува Стојановски.
Едновремено, според Метаморфозис, процесот треба да вклучува и едукација на сите засегнати страни за сите аспекти на проблемот, особено правните, бидејќи е детектиран недостаток на знаење и свесност на скоро сите нивоа.
Филип Стојановски, Метаморфозис, 02.09.2022
Фондацијата Метаморфозис уште од претходно постојано укажува дека во јавноста има многу манипулации во врска со поимот говор на омраза како правна категорија, неговата дефиниција и надлежностите за заштита од оваа злоупотреба на слободата на изразување. Краен резултат од тие манипулации, со кои се прави магла околу значењето на самиот поим, е овозможување на неказнивост за осомничените сторители и ширење на просторот за политички злоупотреби и на локално и на национално и на меѓународно ниво.
Како и во врска со сите други ситуации, во однос на контекстот со преговорите со ЕУ и исполнувањето на Договорот за пријателство со Бугарија, важно е јасно одредување на критериумите за третирање на ова кривично дело според стандардите на Советот на Европа, како и јасна комуникација со јавноста за критериумите и улогите на сите институции на системот при тој процес, особено оние кои се дел од судскиот систем. Потребата за зголемување на ефикасноста и отчетноста на државните органи одговорни за заштита на граѓаните во овој поглед со години е дел и од потребите искажани преку извештаите за напредокот подготвувани од Европската Комисија.
Овој процес може да вклучува и дополнување на легислативата преку процес на широки јавни консултации и дебата со која ќе се подигне и јавната свест за вистинското правно значење на поимот, со директно вградување на судската пракса на Меѓународниот суд за човекови права од Стразбур, кој е највисоко судско тело за вакви случаи и во правниот систем на нашата земја. Едновремено, процесот треба да вклучува и едукација на сите засегнати страни за сите аспекти на проблемот, особено правните, бидејќи детектираме недостаток на знаење и свесност на скоро сите нивоа.
Медиумската заедница бара повеќе транспарентност од институциите и неселективно спроведување и почитување на постоечката меѓународна и домашна легислатива и механизми
Според изнесените ставови на медиумските професионални и експертски организации, може да се заклучи дека тие се едногласни дека говорот на омраза треба да се третира во рамки на меѓународно прифатените дефиниции, документи, конвенции и механизми што земјата се обврзала дека ќе ги почитува (најмногу се посочуваат механизмите на Советот на Европа), како и на домашната постоечка легислатива.
Но, преовладува и мислењето дека правните механизми се спроведуваат недоволно и селективно, дека надлежните органи не постапуваат во доволна мера, создавајќи култура на неказнивост.
Медиумските организации и експертите упатуваат забелешки за институциите и Владата во Северна Македонија, кои се однесуваат на недостаток на транспарентност во целиот процес на дефинирање на преговарачката рамка со ЕУ и протоколот со Бугарија.
Дел од нив ја сметаат дека е спорна улогата на министерствата за надворешни работи како механизам преку кој ќе се одвива справувањето со говорот на омраза во двете држави, бидејќи за тоа се надлежни министерствата за внатрешни работи и обвинителствата, или медиумскиот регулатор.
Дел од нив пак го поставува прашањето на реципроцитетот во овие односи, посочувајќи дека во јавноста државната политика на Бугарија и изјавите на многу тамошни политичари кои го негираат македонскиот идентитет и јазик се доживуваат како говор на омраза.
Медиумските организации и стручњаци сметаат дека во целиот процес треба особено да се внимава за да не се предизвика ефект на заладување и да не се дозволи една општа формулација за говорот на омраза да влијае врз слободата на говорот и мислата, односно да не се предизвика цензура.
Дел од одговорите на овие дилеми, сугестии и забелешки на медиумската професионална и експертска фела, веројатно ќе има кога ќе се конкретизираат акциските планови, за кои се зборува општо во преговарачките документи. Тие допрва треба да се создаваат.
Двете држави досега не се покажаа особено вешти и транспарентни во комуникациите во јавноста. Со тоа, тие често оставаа простор за влијание на шпекулациите, на конфронтирачките, пропаганситичките па и дезинформирачките наративи, кои создаваат дополнителна поларизација и омраза.
Во тие конкретни акции, ќе се види дали и на кој начин политиката, дипломатијата и институциите ќе воспостават соработка со медиумите, нивните организации и граѓанскиот сектор, во двете држави. Дали државите ќе изнајдат начини да ги акомодираат нивните барања и да ги адресираат резервите и стравовите од можностите за загрозување на слободата на изразување? Дали ќе се постават механизми внатре во државите но и меѓу нив, за да се постигне вклученост и конструктивна соработка на сите засегнати страни?
Воедно, факт е дека медиумската и јавната комуникација, особено кај дел од онлајн медиумите и на социјалните мрежи, е дисторизирана од огромен наплив на говор на омраза и дезинформации. Напорите на медиумските организации да влијаат на нивно намалување преку саморегулаторните механизми, а и влијанието на државата преку постапките на надлежните институции, очигледно не вродува со повидливи резултати и има мошне ограничен ефект.
Затоа, соработката меѓу институциите, медиумите и граѓанскиот сектор внатре во двете држави но и меѓу нив, доколку се одвива како што треба, може да биде клучна за намалување на штетите од говорот на омраза. Без таа соработка, борбата со оваа деструктивна појава ќе оди многу потешко. Тоа, како што се покажа и до сега, ќе има негативно влијание и на напорите за добрососедски односи, а со тоа и на европските перспективи за земјата.