Фејсбук пост од страницата „Трета политика“, во кој се поттикнува омраза и нетрпеливост кон политички неистомисленици, се пренесува во написите Палчо: Како замислувате од 280 илјади гласови да стигнете до цензусот од 900 илјади?! на порталот Инфомакс , и „Замисливте дека од 280 илјади гласови ќе стигнете до цензусот од 900 гласови?“ на Tинк.мк.
Во написот се навредуваат и се етикетираат политички неситомисленици како „душмани“, „предавници“, „врховистички копилиња“, „анахрони џукели“ итн.
Под објавата на Фејбук страницата на infomax.mk има над 180 коментари, од кои повеќето поттикнуваат омраза и дискриминација, вклучително и кон авторот.
ИМА веќе укажа дека неретко жртви на патриотскиот говор на омраза, препознатлив по прогласување на „предавници“, се и оние што го негуваат таквиот политички говор на омраза.
Неодамна, и лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, кој во повеќе наврати прогласуваше „предавници“, поттикнувајќи омраза кон неистомислениците, и самиот стана жртва на говор на омраза од страна на политички неистомисленици и противници, што е видливо и сега, по обелоденувањето на референдумското прашање.
ИМА уште еднаш укажува дека професионалните стандарди содржани во Кодексот на новинарите и во Насоките за етичко известување во онлајн медиумите (за уредување на говорот на омраза во онлајн сферата) налагаат дека „онлајн медиумите нема никогаш да поттикнуваат омраза или нетрпеливост…“.
Според овие правила, онлајн медиумите исто така имаат обврска да ги отстрануваат коментарите, кои содржат говор на омраза и повикување на насилство или други кривични дела:
„Онлајн медиумот ќе ги отстрани сите коментари кои содржат: повикување на насилство или други кривични дела, говор на омраза, дискриминација, закани и други облици на загрозување на правата и безбедноста на поединци, групи, институции, без оглед дали се директно или индиректно поврзани со текстот или темата што се обработува во него“.