Да го прифатиме предизвикот: Како да направите нешто за 8, кога не било направено за 30 години

Пишува: ЗОРАН БОЈАРОВСКИ

Денот на независноста секоја година пред нас ги исправа прашањата каде сме после 30, 31, 30 и некоја година? Дали соодветно го одиме патот што сме го избрале, дали сме посреќни од пред 30 и некоја година? Дали изградивме или дали сме барем блиску до праведно општество и општество еднакво за сите и дали можевме или можеа да сторат повеќе за подобро за сите нас, за граѓаните, за општеството, за државата?

Карма или некарма, сеедно, во голема мерка одговорите на овие прашања ги даде извештајот на УНПД за Индексот за човековиот развој за 2020 и 2021 година и тоа токму на Денот на независноста на нашата земја.

Статистиката е безмилосна и запишала: Според Индексот за човековиот развој за 2020 и 2021 година, Република Северна Македонија е на 78 место од вкупно 191, и останува во категоријата земји со „Висок човеков развој“ како и во последните 30 години, откако се изготвува овој индекс

За разлика од категоријата „Многу висок човеков развој“ во кој се наоѓаат речиси сите европски земји, во категоријата „Висок човечки развој“ од Европа се само уште Албанија на 67-то место и ја предводи лисатата земји во оваа категорија, Бугарија на 68-то и Босна и Херцеговина на 74-то место.

Не само што Босна и Херцеговина во индексот за 2020 и 2021 е пред нас, туку пред нас за цела една категорија, односно во друштвото на земји со „Многу висок човеков развој“ е и Србија, која што до 2019 година беше во нашата категорија, додека Црна Гора одамна е во друштвото на земји со Многу висок човеков развој.

Од европските земји после Македонија на оваа листа се само уште Молдавија и Ерменија, кои, како и Босна и Херцеговина, се земји кои немаат кандидатски статус за членство во ЕУ.

Кога во 1990 година, ОН/УНДП го започнаа проектот Индекс на човековиот развој, најавија дека наместо богатството на економијата и растот на БДП, кои не се исклучуваат, како суштински индикатори за степенот на унапредувањето на човековиот развој ќе ги следат трендовите кои ја определуваат благосостојбата во животот на луѓето, на можностите што им стојат на располагање и на разноличноста и еднаквиот пристап до колку што е можно поширок избор.

Токму во тоа лежи и одговорот на прашањето зошто Македонија во текот на 30-те години од ова истражување, чиј временски интервал се совпаѓа со независноста на земјата, не успеа да влезе во категоријата земји со „Многу висок човеков развој“.

Затоа што кога станува збор за народот на една земја, на луѓето како главен ресурс за развој, општеството и политичките елити на кои им е доделен мандатот токму од тие луѓе, наместо да претпоставуваат дека економскиот раст ќе доведе автоматски до поголема благосостојба за сите, треба да сфатат дека растот на приходите се смета за средство за развој, а не за цел сама по себе.

За да биде уште појасно, „ок“ е да се грижите за повисока минимална плата или пензии, но залудно е сето тоа ако народот го направите зависен од државата и од политичките елити на власт.

Поентата е развојот на државата да произлегува од среќен народ, народ во благостојба пред кого стојат можности да ги препознае и користи своите потенцијали. Да се стекне со соодветно образование во општество со здравство и социјални услуги кои ќе му обезбедат да живее долг, здрав, среќен и креативен живот. Да има еднаков пристап до ресурсите потребни за пристоен животен стандард и за достоинствено место.

И, кога станува збор за изборот, треба да имаме предвид дека зборуваме за обезбедување можности и за колку што може повеќе опции за избор, а не за инсистирање да се искористи тоа што се нуди по принципот „земи или остави, тоа ти е“.

Треба да се знае и да  се запамети засекогаш дека зад можностите за избор стои слободата на човекот, на народот. Затоа што изборот без слободна волја и благостсојба ја негира слободата.

Затоа до 2016 година бевме заробено општество.

Затоа господа од актуелната или било која идна власт, преземете ги сите неопходни, бескомромисни, па ако треба и драстични мерки за сериозна и сеопфатна имплементација на политиките кои на хартија се безвредни ако не им носат благосостојба на граѓаните .

Наместо реторика и пи-ар кампањи за уште еден мандат, да се покренат механизмите за спроведување што ќе ја сместат земјата во друштвото на државите со „Многу висок човеков развој“. Во друштво на држави коишто успешно се справуваат со корупцијата, во кои владее правото, а не самоволието, и во заедницата на општества во коишто граѓаните се еднакви секој ден, а не само на меѓународните денови на младите, на работниците, на Ромите, на жените, на сиромашните, на ЛГБТ+ припадниците…

За да ја видиме разликата. Зашто кога велиме – да, не се сите исти, логично е да си го поставиме прашањето зошто нема разлика?

Почнете и завршете со корупцијата. Корупцијата не е само причина за нефункционирање на институциите на системот и сериозен економски и политички проблем, туку е и суштинската закана за владеењето на правото, а со тоа и за човековите права во кои спаѓаат и правото на благостојба за секој, правото на еднаквост при пристапот на можностите и изборот.

За корупцијата знаевме и гласно зборувавме, но со тоа колку ништо не е направено на овој план најбрутално се соочивме додека со неверување и со нов изблик на очај го следевме распадот на Специјалното јавно обвинителство. СЈО, формирано како резултат на тешката политичка криза во 2015 година додека од улиците сѐ уште се слушаше ехото на протестниот повик на Шаренета револуција „Нема правда, нема мир“, стана големата и со децении очекуваната надеж дека и Македонија може да ја има својата Лаура Ковеси или Џовани Фалконе.

Наместо надежта да се претвори во реална и ефикасна борба со корупцијата, главната обвинителка на СЈО заврши во затвор, за разлика од Ковеси која беше избрана за главен обвинител на ЕУ, функција којашто Брисел за првпат ја воведе и ѝ ја додели токму на Ковеси.

Ете тоа е таа разлика која треба да ја добиеме кога велиме не се сите исти.

Актуелната влада си постави за цел до 2030 година да ги заврши преговорите за членство во ЕУ. Тоа ја доведува Македонија во уште една врска со УНДП/ОН. Таа година треба да заврши имплементацијата на  Милениумските цели за човековиот развој со кои треба да се стави крај на сиромаштијата во сите нејзини форми, да се обезбеди здрав живот и да се промовира благосостојба за сите од секоја возраст, квалитетно, инклузивно и еднакво образование со можностите за доживотно учење за сите, да се постигне родова еднаквост и да се охрабрат жените и девојчињата, да се обезбеди пристап до прифатлива, сигурна и обновлива енергија, одржлив економски раст, вработување и пристојна работа за сите, изградба на прилагодлива инфраструктура, промовирање на одржлива индустријализација и поттикнување на иновации…

Ако овие, и останатите цели за одржлив човеков развој бидат постигнати, граѓаните на Македонија ќе можат и да го простат евентуалното нестапување во членство во ЕУ заради волунтарситичката и архаична политика на некои од земјите членки.

Но, предизвикот е како да се остварат овие вредности на човековиот развој за неполни 8 години, ако во претходниите 30 тоа не било сторено.

Ете го предизвикот кој треба да не убеди дека има разлика, па нека биде и на прославата од 40 годишнината од независноста.