Како известуваа медиумите на албански јазик за „францускиот предлог“?

Пишува: СЕФЕР ​​ТАХИРИ

Медиумите на албански јазик имаа претежно афирмативно известување за „францускиот предлог“ за преговарачката рамка на ЕУ за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во Европската унија. Но, имаше случаи на сензационалистичко известување, како и случаи на дезинформации. За време на протестите организирани од македонската опозиција, медиумите на албански јазик се фокусираа на нивното антиалбанство и го потенцираа поттикнувањето на меѓуетничка омраза што се појави на овие протести.

Афирмативно известување за францускиот предлог во медиумите на албански јазик

По 90-тите, кога во земјата започна демократскиот плурализам, политичкиот дискурс е доминиран од интегративната фразеологија. Од првата партија на Албанците, Партијата за демократски просперитет до денес, во политичката дебата, покрај прашањата поврзани со уставно-правниот статус на Албанците, висок интензитет на внимание му беше посветено и на процесот на пристапување на Македонија (подоцна Северна Македонија) во Европската Унија.

Со оглед на тоа што политиката кај нас во голема мера ја обликува јавната и медиумската агенда, евроатлантскиот политички дискурс влијаеше и на медиумите.

И една површинска анализа на медиумскиот дискурс во изминатите 32 години јасно покажува дека пристапот на албанските медиуми кон евроатлантските интеграции е исклучиво позитивен. Тоа значи дека критиките за интеграцијата се претставени само како дневни информации. Политичарите, експертите или коментаторите кои ја критикуваа интеграцијата во ЕУ, не гледајќи ја како единствена алтернатива, добија минимален простор во политичките дебати, односно, тоа се случуваше поретко, само за да се исполни еден од основните новинарски стандарди, а тоа е балансирање (баланс) во известувањето, но и во другите новинарски жанрови, вклучително и телевизиски програми, како интервјуа, дебати и други формати.

Медиумите на албански јазик, политиката, но и научната мисла, по сè изгледа ја следеа филозофијата на албанските преродбеници, која вели дека „Сонцето за Албанците изгрева на Запад“.

Оваа уредувачка линија се следеше и при известувањето и дебатата за „францускиот предлог“ за решавање на споровите меѓу Скопје и Софија.

Во таа насока, во информативниот простор на албански јазик во Северна Македонија, но и во регионот, доминираа извештаи со позитивна конотација за „францускиот предлог“, додека на неговите критичари им беше отстапен мал простор, сметајќи ги тука и официјалните ставови на опозициската партија ВМРО – ДПМНЕ. Многу помалку простор и е отстапен на партијата „Левица“, поради нејзините постојани анти-албански и анти-косовски ставови, но и поради постојаните анти-европски и анти-НАТО ставови.

Медиумите едногласни: Францускиот предлог е добар

Во медиумите на албански јазик, значителен простор беше даден на изјавите и ставовите на државните функционери за „францускиот предлог“ за преговарачката рамка меѓу Северна Македонија и ЕУ, во кој се вклучени и спорните прашања меѓу Скопје и Софија.

Медиумите на албански јазик и дадоа големо значење на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски, но и на изјавите на министерот за надворешни работи Бујар Османи, претседателот на државата, Стево Пендаровски, официјални претставници, но и регионални политичари и дипломати, кои се изразија со позитивна интонација за предлогот.

Неколку примери на известување за политичките позиции во Северна Македонија кон францускиот предлог:

  •             Француски предлог, Ковачевски: Солидна основа за државна позиција ( ТВ Алсат, 01.07.2022 ).
  •             Османи: Новиот француски предлог е добар, последна шанса да се фати возот за ЕУ ​​( ТВ 21, 02.07.2022 ).
  •             Модифицираниот француски предлог е многу подобар од претходниот, оцени Пендаровски ( Порталб, 30.07.2022 )
  •             Заев: Францускиот предлог можеби не е најдобар, но е добра основа за почеток на преговори ( ТВ Шења, 05.07.2022 )
  •             Али Ахмети: Францускиот предлог не го загрозува македонскиот јазик ( ТВ Алсат, 14.07.2022 )
  •             Села: Предлогот на Франција за решавање на проблемите со Бугарија треба да се третира сериозно (Фол.мк 30.06.2022 )

Текстуалната анализа на горенаведените наслови покажува дека медиумите на албански јазик избрале афирмативни оценки за предлогот, бидејќи кај нив доминира наративот дека станува збор за компромис. Впрочем, освен тонот на компромис што ја следи уредувачката политика на албанските медиуми, забележана е и тенденција предлогот да се претставува како безалтернативен ( последна шанса да се фати возот за ЕУ ). Од друга страна, имајќи ја предвид чувствителноста што ја има во „францускиот предлог“, имаше умерени извештаи, кои се на линија на незагрозување на етно-културниот идентитет на македонскиот народ ( францускиот предлог не влијае на македонскиот јазик).

Медиумите на албански јазик ги презентираа и позициите на македонската опозиција, иако квантитативно, споредено со афирмативните изјави на власта, тие се помалку на број. Ова се случуваше поради уредувачката политика на медиумите, но и поради динамиката на политичките случувања, во кои власта беше многу активна.

Еве неколку примери:

  •             Мицкоски: „Не“ за францускиот предлог, утре сите да излеземе на протест! ( Клан Македонија, 01.07.2022 )
  •             ВМРО-ДПМНЕ на протест, Мицковски: Не во Европа асимилирани ( Флака, 02.07.2022 )
  •             Француски предлог: Апасиев најавува радикализација на протестите ( Клан Македонија, 04.07.2022 ).

Медиумите на албански јазик дадоа простор и за ставовите на лидерот на македонската опозиција, кој во форма на прашање се противи на изјавата на албанскиот премиер Еди Рама дека францускиот предлог е во интерес на Македонците и Албанците од Северна Македонија (Мицкоски: Од каде знае Еди Рама дека францускиот предлог е добар?!, портал Флака, 30.06.2022 ). Рама на Твитер напиша: „Последниот француски предлог, кој е и конечен, и дава можност на Северна Македонија да прифати без резерва и го отвора патот за официјален почеток на преговорите за членство на двете земји во Европската Унија! Им велам на браќата Македонци и Албанци во СМ: Прифатете!“. (Еди Рама има барање до Албанците и Македонците од Северна Македонија , Порталб, 30.06.2022 година ).

И медиумите на албански јазик му дадоа значителен простор на повикот на српскиот претседател Александар Вучиќ граѓаните на нашата земја да не го отфрлат европскиот предлог без добро да размислат, што имаше тенденција на ублажување на големиот гнев создаден против овој предлог во различни кругови, не само кај етноцентричната десница, туку и меѓу оние што сите овие години се истакнуваат како луѓе што ги промовираат евроатлантските вредности. (Француски предлог: Вучиќ има апел за Македонците, ТВ Алсат, 07.07.2022 година ).

Побивање на необјавени дезинформации

На 8 јули 2022 година во македонските медиуми со проопозициска уредувачка политика или со антивладини позиции, молскавично се рашири изјавата на чешката аналитичарка, Јана Јузова. Според она што таа наводно го слушнала од чешкото МНР, „Тие се многу загрижени за Франција и Бугарија, а причината е што за предлогот не биле консултирани другите земји членки, туку само Бугарија“. Овие изјави Јузова ги даде на дебатата организирана од Институтот за европски политики, кој беше многу критичен кон францускиот предлог, на тема „Западен Балкан и ЕУ во 2022 година: што не чека?“ Оваа изјава дури се појави и во некои меѓународни медиуми на македонски јазик ( Дојче Веле, 07.08.2022 ).

Медиумите на албански јазик, иако не го пренесоа ставот на аналитичарката Јузова, посветија многу простор на ставот на чешкиот амбасадор во Северна Македонија, Јарослав Лудва, што всушност беше реакција на ставот на аналитичарката. (Лудва: Подготвени сме за непречено спроведување на францускиот предлог штом Скопје го одобри, Телеграфи, 10.07.2022 ). Слична содржина како „Телеграфи“ објавија и други медиуми, кои го цитираа чешкиот амбасадор, кој рече дека неговата земја како актуелен претседавач со Советот на Европската унија е подготвена да придонесе за непречено спроведување на францускиот предлог.

Во меѓувреме, некои албански медиуми, иако малку на број, и покрај нивната про-интеграциска уредувачка политика, дадоа простор на анализата на професорот по политика и историја на Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер, објавена на Твитер. Тој во седум точки објасни зошто, според него, францускиот предлог за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ е „погубен за проширувањето“ на ЕУ и не е добар за земјата. Дел од медиумите, на некритички и трансмисивен начин, известуваа за ставовите на Бибер, кои се, секако, индивидуални, но тие не се аргументираат со конкретни тези, вклучително и ставот дека сето ова ќе доведе до, како што вели тој, „ погреб на процесот на проширување “. ( Лајм, 07.06.2022, Телеграми , 07.06.2022, Телеграфи , 07.06.2022).

Сензационално известување за став на аналитичарка 

Друга изјава на аналитичарка, исто така, ја истакна тенденцијата на дел од медиумите, главно во онлајн-сферата, да користат сензационалистички методи на известување за добивање кликови, дури и кога станува збор за (меѓу)етнички прашања, кои се многу чувствителни на Балканот.

Медиумите на албански јазик ја пренесоа изјавата на бугарската аналитичарка Зорица Илиева, која за бугарската ТВ Поглед изјави дека Северна Македонија ќе се федерализира. На 9 јули албанските медиуми ( Ина онлајн портал , портал Журнал , портал Медиал , портал Лајме.мк ) ја пренесоа изјавата на Илиева, првично објавена на порталот на македонски јазик Expres.mk , но без аналитичко толкување на нејзините позиции. На пример, не беше побиено нејзиното тврдење дека во регионот на Тетово и Западна Македонија повеќе нема православни луѓе! Последниот попис на населението, но и самата општествена реалност докажува дека не само во Тетово, туку и низ западниот дел на државата живеат православни Македонци. Друга нејзина изјава, која е невистинита и ја дезинформира јавноста, е дека Универзитетот во Тетово е само на албански јазик. Вистината е дека македонскиот јазик може да се изучува и на Филолошкиот факултет на овој универзитет. Исто така, медиумите низ годините пишуваа дека не е мал бројот на Македонци кои студирале на Универзитетот во Тетово!

Затоа, важно е медиумите да бидат внимателни при емитување чувствителни изјави, поточно оние кои имаат сензационалистичка конотација. Тие не само што ги искривуваат фактите, туку може да предизвикаат заострување на и онака кревките меѓуетнички односи.

Известување за протестите, акцент на антиалбанството

На протестите на опозицијата против „францускиот предлог“ што се одржаа во текот на месец јули 2022 година, имаше и многу извикувања со предрасуди и стереотипи за Албанците. Медиумите на албански јазик секогаш известуваа за скандирањата како „клетите ‘Шиптари’ “ во главните најави или на насловните страници на порталите (видео на официјалниот канал на ТВ Клан Македонија, 12.07.2022 година ).

И за инцидентот што се случи на 6 јули, во кој дојде до судир меѓу дел од демонстрантите против „францускиот предлог“ и група Албанци на плоштадот Скендербег во Старата чаршија во Скопје, имаше извештаи кои се разликуваа, во зависност од јазикот што се користи. Во албанските медиуми лицето што пукаше од пиштол, Исуф Кока, беше претставен како човек кој ова дејствие го направил во одбрана на својот имот. Насловот на порталот Њуз 33 ,„Пукал со пиштол во воздух за да го заштити имотот од демонстрантите, Исуф Кока е уапсен“ најблиску ја отсликува општата линија на уредувачката политика при известувањето за овој инцидент.

Во некои други медиуми дури се појавија информации со етно-фолклорни мотиви, бидејќи во нив се вели дека Кока, познат во јавноста како Цуфи, со пиштол ја бранел статуата на Скендербег ( портал Факсвеб , 07.08.2022). Од друга страна, во ниту еден случај нема известувачка интонација со која се осудува употребата на оружје, и покрај фактите кои подоцна се докажуваа при експертизата, меѓу другото, дека еден од обвинетите употребил и оружје што не е огнострелно.

Кратки заклучоци

Како заклучок, можеме слободно да констатираме дека во медиумите на албански јазик доминира уредувачка политика која го фаворизира процесот на интеграција во Европската унија, дури и гледајќи го како единствена алтернатива за иднината на граѓаните на Северна Македонија. Тоа значи дека нема медиуми во кои може да се прочитаат содржини против европските вредности, односно такви што во голема мера им даваат простор на антизападните гласови.

Од друга страна, за вреднување е известувањето и конструктивниот пристап за чувствителните идентитетски прашања во однос на соседната земја – Бугарија.

Во контекст на протестите, бидејќи Албанците се нивна целна група, албанските медиуми ставаат акцент на изразување на незадоволствата од францускиот предлог, користејќи македонско-центричен наратив, кој бил, и за жал, продолжува да биде анти-албански.

(Авторот е универзитетски професор од областа на новинарството и јавните комуникации) 

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но  го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија