Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ
Континуираната политичка криза, која со години го распорува македонското национално ткиво, почнува да добива и карикатурални димензии. Вшмукани во баналноста на секојдневните политички препукувања, бесконечни навреди и омаловажувања врз политичките опоненти, македонските политички елити безмалку го имаат парализирано нормалното функционирање на институциите на штета на реформите и квалитетот на животот на граѓаните.
За жал, „на крв“, не се гледаат само политичките чинители, туку тоа се има пренесено во речиси сите сфери на секојдневната живеачка, така што политичките и идеолошките разлики ги имаат влошено или сосема затруено и роднинските, соседските, пријателските релации….
Во државата функционираат два паралелни света, кои сè помалку имаат каков било контакт еден со друг, и се повеќе се оддалечуваат. И едниот и другиот се во состојба на умот дека се целосно во право, и дека логиката и концептот на другиот прават непоправливи штети за државата, а токму немањето капацитет да се слушнат, разберат и да се доближат двата концепта ја прават најголемата штета. Безмалку секоја политичка одлука е „да се биде или не“ со однапред предвидливите „постројувања“ на верните поддржувачи, зад една или друга опција, и агресивни напади, етикети и говор на омраза врз сè што е инакумислечко.
Последниот таков пример беше одлуката на претседателот на Собранието, Талат Џафери да ја отфрли иницијативата за референдум како неуставна. Таа предизвика очекувани реакции кај опозицијата, но вокабуларот на лидерот на „Левица“ Димитар Апасиев далеку ги надмина рамките на пристојна полемика и несогласување. Апасиев за одлуката напиша : „Уставниот судија Талат Џафери, пак ги измоча Македонците у фаца. Со ново кривично дело. Таман за у затвор после падот на окупационата влада“.
Прво, овој тежок облик на говор на омраза создава етничка нетрпеливост затоа што го напаѓа Џафери на етничка основа, и го обвинува дека неговите одлуки имаат за цел да ги понижат Македонците (да им се измоча у фаца) како нација, а со тоа дека „пак“ го направил истото се сугерира дека станува збор за пракса која тој постојано ја повторува.
Истовремено, политичар кој е пратеник во парламентот врз основа на резултатите од претходните избори – го спори легитимитетот на тие избори, и легитимитетот на владата која произлегува од парламентарното мнозинство на тие избори, и ја нарекува „окупациона влада“.
Веќе во следниот пасус е содржана и закана дека по падот на „окупационата влада“ – Џафери ќе оди во затвор, со што лидери на политички партии се ставаат во улога и на судии со однапред изготвени пресуди! Во неговиот вокабулар постојано провејува и изразот „квислинзи“ што го надополнува впечаток дека Македонија е окупирана од странски сили, а актуелната „квислиншка власт“ ги реализира целите на странските окупатори.
Разликите во политичката мисла и ставови се, секако, добредојдени во демократија. Но, општеството мора да стави граница каде завршува слободата на говорот, критиката и политичкото несогласување, а каде почнува говорот на омраза базиран врз лага и манипулација, кој може да предизвика насилство!
Двете најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, своите дисквалификации на опонентот ги сместија во сферата на „националното предавство“, но тие се постојано преокупирани со една те иста тема, како да е таа навистина важна за граѓаните – а тоа се индивидуалните кариери на политичките опоненти: „Со отфрлањето на иницијативата за референдум за договорот со Бугарија Талат Џафери се обидува да ја спаси кариерата на Димитар Ковачевски, барем за одредено време. Затоа, автократот од Форино, викан Талат, се стави и во функција на Уставен судија“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
За СДСМ, пак, „Единствените кои се против ЕУ, во фаза кога ги започнуваме преговорите и скринингот се Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев. За среќа, со ваквите очајни потези само дополнително се бетонираат во опозиција каде ќе останат долго време. Што поскоро разберат Мицкоски и Апасиев дека никој не ги поддржува нивните ретроградни политики, тоа подобро за нив и нивните политички кариери“.
Освен што во двете соопштенија изобилуваат навреди, манипулации и невистини, заедничко за двете е што фокусот го ставаат врз кариерите на политичките опоненти. Во ситуација на тешка политичка криза, запрени реформи и скоро парализирани институции – некои заради политички опструкции, а некои заради политички наименувања со тотално некомпетентни кадри – ваквите партиски препукувања и наддавања во навреди одамна ги преминаа границите на добриот вкус, и нималку не се забавни.
Ако се верува на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека Македонија во енергетска смисла ја очекува најтешката зима по Втората светска војна, кога основен приоритет ќе биде како луѓето да се прехранат и да не измрзнат- ваквиот однос кон политиката станува исклучително загрижувачки и несериозен.
(Авторот е долгогодишен новинар и уредник)
—
Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија