Наративи со дезинформации, заплашувања и теории на заговори за македонскиот идентитет и македонскиот народ по „францускиот предлог“

пишува: Жарко ТРАЈАНОСКИ

(извадок од анализата „Дезинформации, медиумски манипулации и теории на заговор за „францускиот предлог“)

Заплашувачката дезинформаторска нарација дека со т.н. „француски предлог“ некој „го ништи македонскиот идентитет“ беше забележлива не само во политички изјави, туку и во изјави на македонски историчари. На пример, политичката изјава на Мицкоски дадена на ТВ („живееме во време кога политичар лекомисленик го ништи македонскиот идентитет…“)[i] и изјавата на историчарот Тодор Чепреганов дека „Францускиот предлог е бугарски, омотан со француски целофан кој го ништи македонскиот идентитет, јазик и култура!“[ii] припаѓаат на иста дезинформаторска нарација, која неосновано обвинува за ништење на македонскиот идентитет. Идентична нарација дека некој „директно го ништи македонскиот идентитет“ беше препознатлива и во политичките изјави на ВМРО-ДПМНЕ давани за Договорот од Преспа во 2018, кој исто така беше оцрнуван како „капитулантски договор“.[iii]

Во националистичкиот дискурс на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија и „македонскиот идентитет“ беа ставени наспроти „францускиот предлог“ како нешто што директно ги загрозува. „Македонија пред и над сѐ, македонскиот идентитет пред и над сѐ“,[iv] беше главната порака на Мицкоски на „протестите против францускиот предлог“.

Мицкоски го поврзуваше македонскиот идентитет со „антропологијата на македонскиот ген“[v] – манипулативен израз кој нема никаква научна заснованост во антропологијата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ јавно тврдеше не само дека прифаќањето на т.н. „француски предлог“ е „директен удар врз македонскиот идентитет“,[vi] туку сугерираше катастрофични сценарија – дека немало да се случи промена на Уставот, затоа што тој бил „последниот браник на македонскиот идентитет“, на кого му се заканува крај.[vii]

Пратениците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и оние кои не се сложуваат „францускиот предлог“ се промовираа како „чувари на македонскиот идентитет“ смртно загрозен токму од „францускиот предлог“.

И други политички партии ја прифатија нарацијата за „ништење на македонскиот идентитет“. Левица во проглас тврдеше дека „Бугарија преку ЕУ наметнува ултиматум за ништење на македонскиот идентитет!“,[viii] „Единствена Македонија“ дезинформираше дека преговорите со ЕУ се условени со „бришење на македонската нација, јазик, историја и култура“,[ix] а лидерот на ГРОМ тврдеше дека „главата му се сече на македонскиот народ во протоколот“.[x] Слична перцепција се обидуваа да наметнат и поддржувачите на партијата Левица на протестите, кои донесоа гилотина со опис „француски предлог“, како и политичари од партијата „Глас за Македонија“.[xi]

Еден поранешен потпретседател на влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ (задолжен за евро-интеграции), дезинформираше во колумна дека услов за влез во ЕУ е поништување на сè што е македонско и бришење на Македонците како народ и нација.[xii]

Генератор на слични дезинформации и теории на заговори за „францускиот предлог“ беше и претседателот на МАНУ кој пишуваше дека „…со францускиот предлог, Владата на Македонија ќе посведочи дека во државата Македонија, во границите на денешна Македонија, нема Македонци.“[xiii] Коцарев предвидуваше дека „ако не ги раскинеме двата документа, Македонците ќе исчезнат, а во ЕУ ќе влезе Македонија, но не и Македонците“.[xiv] Коцарев се обиде да пласира како „факт“ и класично обвинување без докази: дека со два документи „Македонија, всушност, свесно или несвесно, изврши геноцид на Македонците во Егеј и во Пирин.“[xv]

Непоткрепени обвинувања за „геноцид“ беа искажани и од пратенички на ВМРО-ДПМНЕ за време на собраниската дебата,[xvi] а за „економски геноцид“[xvii] зборуваше и Мицкоски на антивладиниот протест на 18 јуни.

Во една своја колумна, Претседателот на МАНУ Коцарев дезинформираше и дека „Македонците веќе уште денес ги нема“, изведувајќи погрешен заклучок од еден документ за упис на факултет.[xviii]

Ваквите дезинформаторски наративи и манипулации креваа националистичка паника, подгреваа етнички страсти, поттикнуваа омраза и нетрпеливост кон ЕУ и Бугарија и натамошни внатрешни поделби на линија „патриоти“ и „предавници“.

Референци

[i] Мицкоски: Ковачевски тајно преговарал 6 месеци, сега се прави дека не знае за предлогот со кој би се бугаризирала Македонија, Република, 23.06.2022

[ii]Францускиот предлог е бугарски, омотан со француски целофан кој го ништи македонскиот идентитет, јазик и култура!“, Лидер, 04.07.2022

[iii] Јанушев: Никој до сега не се осудил да потпише ваков капитулантски договор, Курир, 26.09.2018.

[iv] Мицкоски пред почетокот на собирот пред Владата: Македонскиот идентитет пред и над сѐ, Канал 5, 02.07.2022

[v] Мицкоски го користеше изразот „македонски ген“ и во изборната кампања во 2020 година. Битката за македонскиот ген е битка којашто никогаш не завршува, Лидер, 12.03.2020.

[vi] Мицкоски: Прифаќање на предлогот е директен удар врз македонскиот идентитет, Press24, 13.07.2022

[vii] „Затоа што падне ли уставот, помине ли преговарачката рамка, завршува македонскиот идентитет“. ИНТЕРВЈУ, ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ: ДУИ влезе во пакт со Бугарија и го предаде македонскиот народ, Вечер, 22.07.2022.

[viii] И Левица повика на сенароден протест против францускиот предлог, mkd.mk, 01.07.2022

[ix] Единствена Македонија до Ковачевски по францускиот предлог: Ајде на избори и народот нека одлучи за иднината на Македонија, Единствена Македонија, 20.06.2022.

[x] Јакимовски: На народот му се дава предлогот на великиот Макрон, а всушност му се сече глава со протоколот од позадина!, Infomax, 05.07.2022

[xi] Наташа Котлар, историчарка и кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за градоначалничка на општина Центар Наташа Котлар: Францускиот предлог е гилотина за македонскиот народ!, Република, 14.07.2022

[xii] Ивица Боцевски, Најголемите замки за Македонија во „францускиот предлог“, Нова Македонија, 02.07.2022: „…влезот во Европската Унија треба да биде платен со поништување на сè што е македонско и со бришење на Македонците од кругот на нациите и од друштвото на етникумите.“

[xiii] Љупчо Коцарев, Македонизмот ќе опстои, Нова Македонија, 5.07.2022.

[xiv] Љупчо Коцарев, „Две илјади осумдесет и четврта“ или „Последниот Македонец во Европа“, Н.Македонија , Нова Македонија, 22.07.2022.

[xv] Станува збор за крајно нестручна и непоткрепена употреба на изразот „геноцид“ кој е дефиниран во Кривичниот законик и во меѓународното право (во Конвенција за спречување и казнување на злочинот геноцид и во Римскиот статус на Меѓународниот кривичен суд, каде што во чл. 6 се наведени актите на геноцид). Ако Коцарев имал докази со кои може да го поткрепи своето обвинување за геноцид на Македонците во Егеј и во Пирин од страна на Македонија, истите бил должен да ги приложи до нашето обвинителство или до Меѓународниот кривичен суд, бидејќи геноцидот е најтешко кривично дело кое не застарува.

[xvi] Пратениците на ВМРО ДПМНЕ децидни: Францускиот предлог за македонскиот народ е неевропски, нехуман, нечовечки, скандалозен и дискриминирачки, Нова Македонија, 15.07.2022: „Францускиот предлог и сите кои сметаат дека е единствен, најдобар и последен ќе направи нов и до сега невиден геноцид врз македонскиот народ“ (Дафина Стојановска); „Со францускиот предлог сведоци сме на страшен геноцид“ (Ангелина Петкова).

[xvii] Видете Мери Јордановска, Контраспин: Непостоечки економски геноцид и наводни спасувачки блокади на институциите – спин до спин во говорот на Мицкоски, 20.07.2022.

[xviii]Изјава за национална припадност“ која со години е предмет на манипулации и во медиумите и на социјалните мрежи. Од изјавата, која се користи во практика при упис само за реализација на владините одлуки за „дополнителни квоти за запишување на студенти кои не се мнозинство“, не може да се извлече валиден заклучок дека „Македонците веќе уште денес ги нема“. Студентите Македонци се третираат како мнозинство од администрацијата на факултетите, и затоа ги нема во изјавата што се користи при реализација на владините одлуки за „дополнителни квоти за запишување на студенти кои не се мнозинство“.“ (Претседателот на МАНУ Коцарев дезинформира дека „Македонците веќе уште денес ги нема“, ИМА, 13.09.2022)