Наративи со дезинформации и медиумски манипулации за македонскиот јазик

пишува: Жарко ТРАЈАНОСКИ

Уште пред официјалното објавување на преговарачката рамка со ЕУ, се појавија сензационалистички наслови и тенденциозни толкувања кои креваа социјална паника дека во првично објавената верзија од „францускиот предлог“ имало преименување на македонскиот јазик. Повеќе портали на македонски јазик објавија наслови со информација дека во „францускиот предлог“ македонскиот јазик станал „македонски јазик број 2“ / „македонски јазик 2“, или дека „доби ознака 2“. Погрешните заклучоци беа изведени од симболот за фуснота по изразот „македонски јазик“.[i]

 

И дезинформацијата на еден академик дека „имало само една фуснота дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот“ беше проширена во медиумите.[ii]  Уследи демант од страна на премиерот дека се појавиле многу лаги и шпекулации врзани со францускиот предлог, и дека „Нема никакви фусноти и дополнувања, тоа се лаги“.[iii]

 

Беше раширена и дезинформација дека „Македонскиот јазик го нема во предлогот“ (во соопштение на ВМРО-ДПМНЕ) која беше разоткриена од Вистиномер.[iv]

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дезинформираше дека прифаќањето на ваквиот предлог подразбира „дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот“[v], а и партијата Левица јавно се спротиставуваше со ставот „Mакедонскиот јазик не е дијалект и фуснота“. Меѓутоа, како што истакна и Вистиномер, „нема спомнување на фусноти и дијалекти во самиот француски предлог, како што се сака да се наметне во статусот на Левица“.[vi]

 

Исто така, и тврдењето на Левица дека „само за нас јазикот ќе биде македонски“ нема никаква основа во преговарачката рамка.[vii]

 

Дезинформациите продолжија и откако францускиот претседател Макрон укажа дека „Овој договор не го доведува во прашање официјалното постоење на македонски јазик, кој е составен дел на вашиот идентитет“.  И покрај тоа, протестите и блокадите против „францускиот предлог“ беа оправдувани со фразата „одбрана на македонскиот јазик, народ и држава“.[viii]

 

СДСМ на 11.07.2022 објави видео од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски на српска телевизија, каде што погрешно тврди дека македонскиот јазик бил кодификуван во „далечната 1977 година“, што беше оценето како срамно тврдење.[ix]

 

Дезинформации и медиумски манипулации за македонскиот јазик содржеше и „манифестот на македонските учители“, во кој има незасновани тврдења дека „Македонскиот јазик, според овој предлог, ќе биде историски непостоечки за ЕУ“ и дека „Францускиот предлог… македонскиот народ и македонскиот јазик ќе ги сведе на еднострана изјава која нема важност пред институциите на ЕУ.“[x]

 

И за време на собраниската расправа беа забележливи неосновани обвинувања за македонскиот јазик:  „…овие за грст пари се подготвени да кажат дека македонскиот јазик е бугарски дијалект…“, обвини една пратеничка од опозицијата.[xi] ВМРО-ДПМНЕ во партиско соопштение истакна дека „нема да прифати договор кој ќе значи негирање на македонскиот јазик, идентитет и посебност“.[xii]

 

Политичките манипулации и дезинформации за македонскиот јазик продолжија и по објавувањето на едностраните изјави. Симптоматично, повеќе цел на пропагандни напади беше едностраната изјава од страна на македонската влада со погрешни толкувања дека во неа имало откажување од дијалектите, отколку едностраната изјава од страна на бугарската влада во која експлицитно не се признава македонскиот јазик.[xiii] Професор Људмил Спасов укажа дека Нема откажување од дијалектите, туку дефинирање на стандардизираниот македонски јазик, а потоа беше мета на оцрнувачки пропагандни напади.[xiv]

 

Се ширеа дезинформации дури и дека актуелната власт го преименувала македонскиот јазик во „мајчин јазик“.[xv] Сервисот за проверка на факти уште во 2019 објасни дека називот „наставник по мајчин јазик“ е официјализиран за време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, но на порталите и на социјалните мрежи се креваше паника дека актуелната власт го преименувала македонскиот јазик во „мајчин јазик“.

 

Дезинформаторските наративи подгреваа националистички страсти и се обидуваа да кренат социјална паника во врска со загрозеноста на македонскиот јазик. Тие поттикнуваа недоверба кон владата и нејзините министри и омраза и нетрпеливост кон нив,[xvi] кон ЕУ и Бугарија, како и поларизација и нови поделби во општеството.

 

(извадок од анализата: Дезинформации, медиумски манипулации и теории на заговор за „францускиот предлог“)

 

Референци:

 

[i] Дел од неофицијалниот текст беше погрешно толкуван како „македонски јазик број 2“ или „македонски јазик 2“. Видете повеќе во Нови сензационалистички дезинформации за македонскиот јазик, сега во „францускиот предлог“, ИМА, 21.06.2022.

[ii] Катица Кулафкова предупредува на велепредавство: Македонија е на прагот на целосна разнебитеност, А1он, 02.07.2022.

[iii] Ковачевски: Нема никакви фусноти и дополнувања, тоа се лаги, А1он, 02.07.2022.

[iv] Владимир Петревски, Дезинформациите и манипулациите за и околу францускиот предлог, Вистиномер, 07.07.2022.

[v] Мицкоски не го прифаќа францускиот предлог, Дојче Веле, 1.07.2022.

[vi] Владимир Петрески, „Дезинформациите и манипулациите за и околу францускиот предлог“, Вистиномер,  07.07.2022.

[vii] И Левица повика на сенароден протест против францускиот предлог, mkd.mk, 01.07.2022

[viii] Боцевски: Утре од 13 часот започнуваме блокади низ цената држава, додека нашите храбри пратеници се борат во Собранието за нашите интереси за одбрана на македонскиот јазик, народ и држава, Курир, 7.07.2022

[ix] Кузеска: Мицкоски го руши македонскиот јазик, срамно тврди дека е кодификуван 1977 година, Канал 5, 11.07.2022.

[x] Манифест на повеќе од 800 македонски учители: Велиме НЕ на понижувачките услови во непристоен предлог, Нова Македонија, 12.07, 2022. Видете и Тео Блажевски, Контраспин: Нема потврда дека „вo сите идни документи на ЕУ“ македонскиот јазик ќе оди со додавка или фуснота, 13.07.2022.

[xi] Продолжи расправата за францускиот предлог во Собранието на Македонија, mkd.mk, 15.07.2020.

[xii] ВМРО-ДПМНЕ: Францускиот предлог за влегување на бугарските барања во преговарачка рамка е чекор за бугаризација, A1он, 17.06.2022.

[xiii] „Секое повикување на официјалниот јазик на Република Северна Македонија во официјални/неофицијални документи/позиции/изјави и други на ЕУ и нејзините институции, тела, канцеларии и агенции мора да се разбере строго во согласност со Уставот на оваа земја и никако не се толкува како признавање од страна на Република Бугарија на „македонскиот јазик“.“ Интегрален текст: Бугарската декларација за македонскиот јазик, Телма, 19.07.2022.

[xiv] Видете Нови политички манипулации и дезинформации за македонскиот јазик, ИМА, 06.08.2022

[xv] На порталот „Брегалнички“ беше објавен наслов „ИЗМИСЛИЛЕ ЗАНИМАЊЕ НАСТАВНИК ПО МАЈЧИН ЈАЗИК И ЛИТЕРАТУРА “ИНОВАТОРИТЕ” ВО ВЛАСТА“. Ваквите дезинформации датираат уште од пред неколку години, а беа разобличени од Сервисот за проверка на факти во статијата  Македонскиот јазик никој не го избркал од Свети Николе, Сервис за проверка на факти, 12.11.2019.

[xvi] Видете Синхронизирани напади кон политичари на Википедија со дезинформации, поттикнување омраза и дискриминација, ИМА, 25.07.2022