ДИЈАЛОГОТ НАШ НАСУШЕН

Дали се води јавен дијалог кај нас? Да, се води, на ниво на кое e нашето образование, култура и демократска традиција.

Дијалогот е неопходен. Тој помага да се внесе виталност во демократското општество и да се зголеми осмисленото учеството на граѓаните, во политичкиот процес. Ако бараме дефиниција, дијалогот се однесува на размена на мислење и идеи, меѓу двајца или повеќе поединци, за конкретно прашање и проблем. Опонентите преку дијалог се обидуваат да ги доближат своите ставови, евентуално да најдат пријателско решение, договор итн. Политичкиот дијалог е поспецифичен. Тој се однесува на широк спектар на активности, од преговори на високо ниво, до посредување во обидите на заедницата да дојде до помирување и консензус. Дијалогот не е кавга. Дијалогот најмалку е удирање на барабанот за војна или обвинување за “предавство на националните интереси”. Дијалогот не оди, рака под рака со вербални закани и правење списоци на луѓе за “отстрел”, зашто мислат поинаку од другите. Од “разоглавен” збор почнаа војните во Југословенската федерација.

Истражувачите на Осло центарот вака пристапуваат кон политичкиот дијалог: Тоа е начин на комуникација, насочен кон тоа да ја разбереш другата страна повеќе отколку да ја убедиш дека си во право. Убаво дефинирано. Има луѓе кои тоа спонтано го прават, не им треба поука. Колку се тие на број кај нас, не знам, ама дебатните емисии каде соговорниците се надвикуваат и си упаѓаат во збор, е најдобар индикатор дека не се многу. Дијалогот не е само метод: “Сите ќе зборувате по пет минути”, на пример, или ќе поканите во емисија по еден претставник од политичките партии, со што како новинар сте ја завршиле работата. Политичкиот дијалог претставува специфичен пристап и перспектива во решавање на внатрешните конфликти, најчесто меѓу етничките заедници или надворешни, со други држави. Целта на политичкиот дијалог е да се бараат решенија за заканите за општеството, кои можат да предизвикаат небезбедност, дестабилизација, криза и насилни конфликти.

Нашето искуство, последните триесетина години говори дека во три клучни конфликтни ситуации, потфрли политичкиот дијалог. Поточно, пред се оние кои требаа да го покренат и одржуваат во живот: слободниот печат, интелектуалната и научната јавност. Сите тие носат голема одговорност бидејќи во тешки моменти, го оставија народот на цедило. Во конфликтот со Грција за името, кој траеше безмалку триесет години, “дијалогот” се сведе, до последен момент, на едно: не преговараме за името и идентитетот! Не преговараме за историјата, имаме право да си пишуваме своја историја! Со мали исклучоци, на по некој “национален предавник”, никој не сметаше дека треба да се бара компромисно решение. Пораката беше јасна: може да мислиш поинаку, ама ќе платиш цена! Тој, речиси, општ молк ги остави граѓаните затечени, неподготвени, разочарани, лути дури бесни на политичкиот компромис, која кој следуваше во Преспа. Расположение кое, без оглед на придобивките од договорот трае до денес. Деценија и повеќе претходно, во 2001, бевме сведоци на сличен модел на политичко однесување. Во општата еуфорија на создавање независна национална држава, колку од безбедносни причини, толку и заради утврдување на доминација на мнозинството, се игнорираа барањата на Албанската заедница и нејзините тогашни политички претставници. Зборот консоционална, односно договорна или намерно осмислена демократија, положена врз принципот на праведна застапеност на заедниците во институциите на власт, беше омразен збор, дури непријателски чин од страна на оние кои се залагаа за ова решение. Одново, политичкиот “дијалог”” се сведе на едно мислење, дека моделот на мнозинска демократија е добар и дека ништо не треба да се менува. Гласот на по некој редок “национален предавник”, од научната сфера, кој ќе се обидеше да укаже на консоционалното решение, како алтернатива, беше темелно задушуван a тој “кутриот” обвинет дека создал “пукнатина во македонското национално ткиво” и така ги поткопал нашите преговарачки позиции.

Се сеќавам дека во очи на конфликтот во 2001 бев во Охрид на научна конференција. Една од темите беа барањата на етничките Албанци за промена на уставот. Никој од присутните, освен еден познат новинар, Албанец и мене, не веруваше во потребата од уставни промени. Уште помалку дека е возможен вооружан конфликт. Во тек на расправата, еден од учесниците праша подбивно. “Добро, како мислите дека ќе влезат вооружени герилци во Македонија? Новинарот, погледна низ големите стаклени прозорци на хотелот каде престојувавме и покажа со глава кон високите планински врвови одспротива: “Преку Шар планина”! Сите, вклучувајќи ме и мене го погледнавмe вчудоневидени!
Вооружениот конфликт заврши со политички компромис и меѓународно посредништво. Првата реченица на овој мировен договор од Охрид гласи: “Нема територијални решенија за етничките конфликти”. Би се очекувало, само заради тоа, граѓаните да бидат задоволни и благодарни. Напротив, во отсуство на претходен поготвителен политички дијалог, тие беа изненадени, збунети, незадоволни, лути па дури и гневни… Расположение, кое во голема мерка се одржува и подгрева во некои кругови до денес.

Од историјата, се чини, слабо учиме. Беше сосема очекувано, за секој пообразован човек дека ќе дојде дојде до отворен конфликт со Бугарија и дека таа држава ќе стави вето на отпочнување на нашите преговори со ЕУ. Одново, во јавниот дискурс со децении супериорно доминираше едно мислење: Не преговараме за идентитетот, имаме право, сами да си ја пишуваме историјата! Врз ретки поединци, од интелектуалните кругови, кои имаа поинакво мислење, се истурија, дотогаш нечуени зборови на навреда, омаловажување и закани. За неверување е дека во демократско општество, со гарантирани правa на слобода на мислење и изразување, мнозинството може да биде толку жестоко во потрагата по “национални предавници”и нивно накажување, од што не е поштедена ни т.нар. историска комисија. Така разбрав дека за слобода на мислење не е доволна уставна гаранција, туку поважна е толерантна јавност. Со помош на меѓународно посредништво, политиката одново, се чини наврапито, стави крај на ескалација на конфликтот.

Вакви ситуации, каде некоја избрана политичка гарнитура, со помош на меѓународната заедница, решава со компромис, конфликт кој би можел потенцијално да ја загрози безбедноста на земјата, да се “излие” и да прерасне во регионалниот конфликт не се ретки. На пример, се смета дека конфликтот во Северна Ирска не ќе можеше да се реши без посредување на САД и другите големи сили. Тоа воопшто не значи дека ние, како граѓани и интелектуалци сме ослободени од обврската за политички дијалог или дека нашиот глас е безначаен. Напротив, политичкиот дијалог би требало да биде наша постојана задача, за да се олесни потребниот консензус, за да се гради доверба за продуктивни коалиции меѓу конфликтните страни, да се разберат подлабоките причини на конфликтот и да се афирмира вистината базирана на факти, како најголем национален интерес.
Прашањето е дали сме способни за тоа? Ако не сме, ќе биде доведена во прашање социјалната кохезија и легитимитетот на власта. Во отсуство на силни, независни институции, медиуми такви какви што се денес и без подлабока демократска традиција, надежта, дека политичкиот дијалог нема да замре, ми е во доблесни поединци кои доброволно ја играат улогата на “дисиденти на своја сметка” во еден крајно опортунистички свет во кој живееме. На тие луѓе треба да им се “симне капа”!

Мирјана Малеска