„Францускиот предлог“: Говор на омраза, дезинформации, медиумски манипулации (медиумски анализи)

 

Публикацијата „Францускиот предлог“: Говор на омраза, дезинформации, медиумски манипулации (медиумски анализи) е дел од проектните активности на Институтот за медиуми и аналитика ИМА, поддржани од Европскиот фонд за демократија (European Endowment for Democracy) од Брисел.

Анализите поместени во оваа публикација се придонес на ИМА за унапредување на демократијата и владеењето на правото, за унапредување на човековите права во јавните комуникации, за развој на критичкото мислење и дебатирање во медиумите, за промовирање на медиумска писменост и етичко новинарство.

Авторските текстови во публикацијата имаат за цел да укажат на потребата од намалување на штетите од говорот на омраза, да го разобличат дискриминаторскиот говор и да ги детектираат наративите со дезинформации во медиумите.

Во анализата „Експлозија на говор на омраза за време на јавната дебата за ‘францускиот предлог’“, авторот Зоран Бојаровски тргнува од фактот дека дневно- политичката дебата за таканаречениот „француски предлог“ за надминување на спорот со Бугарија и ветото за почеток на преговорите на Северна Македонија за членство во Европската унија, го разгоре говорот на омраза во јавноста, медиумите и на социјалните мрежи.

Ваквите појави добија ветер во едрата токму во време кога тензиите во овој процес ја достигнуваа својата кулминација. Оваа анализа ги идентификува карактеристиките и елементите на говорот на омраза што преовладува во јавниот дискурс и како тие се пресликуваат во актуелниот комуникациски амбиент во земјата во контекст на предложената рамка за отворање на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, односно „францускиот предлог“, како што широко беше прифатено во јавниот дискурс.

Во анализата „Дезинформации, медиумски манипулации и теории на заговор за ‘францускиот предлог’“, авторот Жарко Трајаноски укажува на тоа дека „францускиот предлог“ предизвика плима од дезинформации, медиумски манипулации и теории на заговор во медиумите и јавните комуникации во земјата, и дека сето тоа негативно влијаеше на јавната дебата, која беше поларизирана и обременета со говор кој поттикнува омраза, нетрпеливост, напати и насилство.

Анализата на Трајаноски ги презентира главните наративи што содржеа дезинформации со цел да кренат социјална паника, да поттикнат недоверба кон институциите, да поттикнат омраза, нетрпеливост и поларизација во општеството. Дел од тие наративи беа насочени кон предизвикување на политичка дезориентација и дестабилизација во функција на политичка мобилизација за да се предизвика промена на централната власт.

Д-р Сефер Тахири во анализата „Како известуваа медиумите на албански јазик за ‘францускиот предлог’?“ укажува дека медиумите на албански јазик имаа претежно афирмативно известување за „францускиот предлог“. Авторот се задржува и на случаите на сензационалистичко известување, како и на медиумските содржини со дезинформации. Како посебно индикативни за дебатата, Тахири ги анализира медиумските објави за време на протестите организирани од македонската опозиција, во кои медиумите на албански јазик се фокусираа на нивното антиалбанство и го потенцираа поттикнувањето на меѓуетничка омраза што се појави на овие протести.

Дел од оваа публикација е и прегледот на ставовите на медиумските организации кои внимателно ја следеа работата и известувањето на медиумите за дебатата за „францускиот предлог“. Петрит Сарачини од претставниците на овие организации побара одговори во врска со третирањето на говорот на омраза во преговарачката рамка со ЕУ, и особено во протоколот за спроведување на Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија.

Во однос на третирањето на говорот на омраза во контекст на преговорите со ЕУ и исполнувањето на Договорот за пријателство со Бугарија, професионалните и експертски медиумски организации во земјава се залагаат за целосна поддршка за борбата против говорот на омраза. Истовремено, тие изразија резерви во однос на начинот на спроведување, дефинициите и правните механизми што ќе се употребуваат во таа борба, за транспарентноста и за ефикасноста на постојните механизми во целиот процес, како и за можностите за злоупотреба за нарушување на слободата на изразување.

Во текстот на д-р Катерина Колозова „Патот на Северна Македонија кон ЕУ е под закана од неочекуван актер“ се анализираат некои од поважните карактеристики на дебатата за „францускиот предлог“. Во анализата Колозова предупредува и на опасноста што голем дел од македонското граѓанско општество и се придружи на десницата во отфрлањето на договорот со Софија и Брисел.

Институт за медиуми и аналитика ИМА Скопје

Публикацијата на македонски јазик може да ја симнете тука:

Францускиот предлог“: Говор на омраза, дезинформации, медиумски манипулации (медиумски анализи)