Расистички, сексистички и ксенофобичен говор на омраза на фудбалскиот натпревар Македонија-Бугарија во Скопје

Ќе има ли осуди и казни за расистичкиот, сексистичкиот и ксенофобичниот говор на омраза на фудбалскиот натпревар во Скопје?

Институтот за медиуми и аналитика ИМА го осудува расистичкиот, сексистичкиот и ксенофобичниот говор на омраза пред и за време на одржување на фудбалскиот натпревар во Скопје помеѓу репрезентациите на Северна Македонија и Бугарија.

ИМА ги повикува надлежните институции да преземат казнени мерки, но и други мерки со кои ќе се спречи повторување на говорот на омраза.

ИМА ги повикува политичарите и медиумите јавно да го осудат расистичкиот, сексистичкиот и ксенофобичниот говор на омраза на фудбалскиот натпревар во Скопје.

На 26.09.2022 во Скопје, повеќе медиуми известија дека со свирежи била испратена бугарската химна пред почетокот на натпреварот, и дека имало „непријатни скандирања“. За споредба, по првиот натпревар во Разград пред неколку месеци, спортски новинари нотираа: „Натпреварот помина во мирна атмосфера, а за одбележување е гестот на домашната публика која со аплауз го поздрави интонирањето на македонската химна.“

Дел од медиумите ги врамија скандирањата со расистички, сексистички и ксенофобични пораки во насловите („Бугари-татари“, „бугарски пи*ки“ и „цигани“ ечи на стадионот „Тодор Проески“ Локално / Бугарите на цел глас критикуваат: Во Скопје скандираат „Татари, Татари.. и „бугарски пи*** Спорт Клуб).

Ваквите расистички, сексистички и ксенофобични пораки беа јавно осудени од неколку бугарски политичари, чии реакции беа пренесени во бугарските медиуми, и предизвикаа нов бран на говор на омраза врз етничка основа на социјалните мрежи.

Потсетуваме, согласно Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари, под насилство и недостојно однесување на спортските натпревари се смета (Член 3) и „внесување и истакнување на транспаренти, знамиња и други предмети со текст, слика, знак или други обележја, како и пеење на песни или дофрлување на пораки кои предизвикуваат и поттикнуваат омраза или насилство врз основа на расна, национална и верска припадност или врз основа на други особини“. Исто така, „организаторот на спортскиот натпревар  е должен да обезбеди доволен број редари заради „оневозможување на внесување на транспаренти и обележја со кои се поттикнува расна, национална, верска или друга нетрпеливост“ и „предупредување, односно оддалечување на гледачите кои можат со пеење на песни или дофрлување на навредливи пораки да предизвикаат и поттикнат омраза врз основа на расна, национална и верска припадност“ (чл. 7). Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари предвидува глоби и прекршочна санкција забрана за влез и присуство на спортски натпревари.

Врз основа на повеќе извештаи на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата во спортот се предупредува дека „постојат силни врски меѓу насилните групи на фудбалските навивачи и екстремно десничарските организации, кои, пак, имаат врски со националистичките политичари и организираниот криминал“. Резолуцијата на Европскиот Парламент инсистира на „пристапот на нулта толеранција“ кон расизмот, говорот на омраза и насилството во спортот, и ја повикува Комисијата, земјите-членки и земјите кандидати да донесат ефективни мерки со цел да се промовира инклузијата, да се борат против дискриминацијата и да се елиминира расистичкото и ксенофобичното однесување на спортските терени и на трибините.

Говорот на омраза е споменат и во Протоколот на Заедничката меѓувладина комисија, формирана врз основа на членот 12 од Договорот на пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија:

Државите ја потврдуваат обврската за преземање на мерки против секој вид на говор на омраза и ги определуваат министерствата за надворешни работи за контакт и за информирање на надлежните институции за заедничко идентификување на такви случаи, во написи на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни програми, како и во јавниот простор.

Државите ќе создадат, без одложување, соодветна процедура и конкретни чекори за преземање на брзи и ефективни мерки при идентификување на такви случаи.

Двете држави ќе преземат ефикасни мерки за превенирање на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат активности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични активности, кои би наштетиле на нивните односи.“ (видете повеќе во Преговорите со ЕУ и договорот со Бугарија: Медиумските организации ја поддржуваат борбата против говорот на омраза, критики за начинот на спроведување и транспарентноста).

За жал, во изминатиов период бевме сведоци и на неказнување и на неспречување на екстремен говор на омраза на спортски натпревари дури и кога имаше најави дека истиот може пак да се случи (видете Дали заслужи поклон од фудбалерите навивањето сo екстремен говор на омраза на натпреварот Шкупи – Динамо?, Коалицирање на фановите на омразата: Говор на омраза со повици за убиство врз етничка основа).

Говорот на омраза пред, за време, и по одржување на спортските натпревари причинува повеќекратни штети, и затоа ИМА ги повикува надлежните институции и спортските федерации да ги преземат сите неопходни мерки за спречување и казнување на ваквиот говор на омраза.