(ВИДЕО) Сарачини: Граѓаните сакаат да знаат што прават институциите надлежни за борба против дезинформациите

Претседателот на Институтот за медиуми и аналитика  (ИМА), Петрит Сарачини, во интервју за емисијата „200“ на ТВ Алсат, посветена на дезинформациите, истакна дека дезинформациите се закана за државната безбедност: „Нашиот став е дека дезинформациите се закана по државната безбедност. Не само за Северна Македонија, туку кај сите држави гледаме дејствија на една хибридна војна. Дезинформациите се многу ефикасно средство во оваа војна, затоа што не се трошат технички средства, не користите оружје, ниту муниција, ништо. Со многу помалку финансиски средства постигнувате ефект на дестабилизација на, условно речено, вашиот непријател“, нагласи Сарачини.

На прашањетто како делуваат дезинформациите, Сарачини посочи дека една од целите на хибридните војни е да предизвикаат недоверба во институциите: „Тие најпрво кај населението влеваат недоверба. Недоверба претежно во институциите и системот. Граѓаните добиваат впечаток дека некој ги лаже, и дека тој што ги лаже не е тој што им ја пласира дезинформацијата, туку дека тоа го прави нивната држава“, потенцираше Сарачини.

Исто така, Сарачини предочи дека дезинформациите најчесто доаѓаат од политички структури или бизнис кругови во земјата, но дека еден дел од овие дезинформации доаѓаат од надвор: „И, тоа не го велам само јас, го рекле претставници на највисоките институции во земјата. Ги имате изјавите на претседателот Пендаровски. Ја имате изјавата на премиерот Ковачевски, пред неколку дена. Ја имате изјавата на министерот за надворешни работи Османи, ја имате изјавата на министерката за одбрана Петровска, ја имате и изјавата на директорот на Агенцијата за безбедност АНБ, Димовски. Сите тие говорат дека имаме хибридни напади кои доаѓаат од надвор и дека нашата земја е цел, е мета на овие напади“, наведе Сарачини.

 

Она што предизвикува загриженост, укажа Сарачини, е што граѓаните не гледаат конкретни мерки за спречување на дезинформациите и за справување со нив: „Иако сите овие функционери зборуваат дека имаме напади, ние не гледаме од страна на институциите конкретен потег, или да ни покажат со примери што работат тие во оваа насока, за да не заштитат нас како граѓани од овие хибридни напади. Затоа што тие влијаат на нашата свест, создаваат недоверба во институциите и во системот, поттикнуваат конфронтирање меѓу граѓаниите, поттикнуваат поларизација во општеството. И прашањето е многу легитимно, граѓаните сакаат да знаат што прават овие институции во врска со ова прашање“, нагласи Сарачини во интервјуто за ТВ Алсат.