Пишува: Атанас КИРОВСКИ

Борбата за укинување на вербалниот деликт, а потоа и за декриминализација на клеветата, во својата суштина беше борба за слобода, која демократите, борците за човекови права и новинарите ја издејствуваа. Беше тоа голема победа, која ни даваше голема надеж дека нашето оштество конечно ќе се демократизира и модернизира. Времињата кога заради некои ситници во известувањето, или во пишан текст, суетен политичар, ревносен цензор или тенденциозен обвинител можеше да ве обвини за „напад врз ликот и делото на другарот Х.“ веќе се далечно минато, а на помладите генерации тие времиња може да им се прераскажуваат анегдотално. Одамна дојде плурализмот во медиумите, а откако се појавија интернетот и социјалните медиуми, и во Македонија, како и во целиот свет се случи тотална демократизација на медиумскиот простор.

Се појави и „граѓанското новинарство“, каде што секоја единка на некој начин стана потенцијален новинар кој може да известува за некој настан, феномен, девијација во општеството. Некогаш скапата и недостапна камера веќе не е во рацете само на неколкумина, кои заедно со новинарите и уредниците решаваа кога да биде вклучена и да снима. Сега буквално сите имаат мобилни телефони, а секој мобилен телефон стана камера.

Социјалните медиуми го донесоа потенцијалот за целосна демократизација на јавниот дискурс, со можност за активна партиципација на секој граѓанин, на било која тема. За важните општествени дебати секој може да отвори дискусија на некоја од социјалните мрежи, да го изнесе сопствениот став, и да отвори дебата со коментари, размена на мислења, ставови, каде секому му е овозможено да се искаже. Но, токму отварањето на дотогаш непоимливи слободи и можности преку интернетот, за жал, ја задуши коректната дебата. И не само тоа. Тие станаа и главен генератор на говор на омраза, тензии во општеството и потенцијална опасност за насилства.

Сите сериозни анализи за генезата на говорот на омраза во Македонија што сум ги прочитал имаат една заедничка основа, а таа е дека безмалку целиот говор на омраза доаѓа од „новите медиуми“ – додека кај традиционалните медиуми и редакции, или воопшто го нема, или се појавува исклучително ретко. Јасно е што ја прави разликата. Организираните редакции ги сочинуваат професионалци, свесни за тежината на јавно искажаниот збор, образовани и тренирани барем за елементарните правила на објективно и професионално известување, но и свесни за општествената одговорност која ја имаат, во ситуации кога општеството „врие“ на одредена сензитивна тема. Отсуството на професионални стандарди во известувањето, речиси по правило доведува до пристрасни позиции и крајности, а немањето чувство за општествена одговорност го создава и поттикнува говорот на омраза.

Она што најмногу му недостига на македонското општество, а особено на јавноста во Македонија, е цивилизиран дијалог. Нема ни минимум толеранција за поинакво мислење или став. Скоро никој не сака да ги слушне аргументите на опонентот, независно дали станува збор за дебата меѓу политичари, научници, експерти… Речиси по правило, уште на почетокот на размената на аргументи се посега по „етикети“, со кои тотално се дисквалификува оној што има поинаков став. Оние што ги поддржуваат политиките на опозицијата главно ги напаѓаат неистомислениците со „предавници“ „изроди“, „северџгани“, „Соросоиди“. Другата страна, пак, се користи со „лудаци“, „вмрони“, „путинисти“, „антиевропејци“. Дискусиите се особено грди на социјалните мрежи, каде што е практично незвозможно да се води било каква, а најмалку цивилизирана дискусија.

Парадоксот е во тоа што социјалните медиуми, кои имаа потенцијал да донесат целосна демократизација, и кои важните општествени дебати можеа да ги приближат буквално до секого, наместо да бидат носители на новиот демократски дискурс во општеството, го направија секој обид за сериозна дискусија безмалку невозможен. Се чини дека јавноста, барем во Македонија, не беше подготвена за такво отворање – затоа што јавниот збор, освен што ја има привилегијата на слободата, ја има и тежината и одговорноста, за која многу малку од граѓаните се свесни. Дури и оние кои добро ги знаат овие работи, па дури и некогашни уредници на пристојни медиуми на социјалните мрежи, одбија да ја преземат таа одговорност, и се приклучија на „плукачкиот жанр“, создавајќи имиџ на некаков нов меинстрим израз. Она што би требало да биде дебата одамна е претворено во исклучивост и нетолеранција, и тоа во многу ретките, изолирани случаи кога навистина се разменуваат аргументи. Најчесто нема никаква дебата, затоа што сè е од старт сведено на дисквалификации ad hominem, грозни етикети, и лични навреди.

За да се постигне некаква елементарна пристојност во јавниот дискурс – мора повторно да се врати „тежината на зборот“. Не може секој да навредува, да етикетира, да пцуе, па дури и да се заканува, а сето тоа да биде затскриено зад „слободата на мислата и говорот“. За почеток, ќе мора да се регулира интернет сферата. Ќе мора да има измени и во законите – не може порталите да не бидат третирани како медиуми. Не би требало да се толерираат „медиуми“ кои немаат импресум, немаат главен уредник и немаат никаква одговорност за сѐ и сешто што ќе изнапишат. Јас лично можам да сведочам за ситуации на суд обвинет за клевета – бидејќи по закон одговараат и новинарот кој е обвинет за клевета, но и главниот уредник според командна одговорност на медиумот – кога судот не ги земал предвид написите во портали затоа што тие законот не ги третира како медиуми. Со други зборови, за нив не важат никакви правила на играта. Во ера кога безмалку 90% од популаџијата има пристап до интернет, такво законодавство, во најмала рака е анахроно, и не соодветствува на реалноста. За оваа состојба, дел од вината ја имаат и новинарските здруженија и новинарите, кои инстиктивно се залагаа за што поголема слобода на интернет изразот, и што помалку регулација.

Но, како што АВМУ ги регулира традиционалните радиодифузери – радијата и телевизиите, многу бргу ќе мора да има барем некаква регулација и на интернет сферата. Некои колеги кои водат одговорни редакции на интернет самите бараа некаква саморегулација, регистрација на порталите и воведување на елементарни правила на играта, за да се издвојат од напливот на непрофесионализам, квазиновинарство и неодговорно однесување. Ако сакаме барем малку да го ублажиме оној грозен наплив на говор на омраза, повици за линч, навреди, пцости, мора да се воведат некои правила, и да се носат нови закони.

Парадоксално е, но ќе мора да ограничиме дел од интернет слободата – за да си ја вратиме вистинската слобода.

(Авторот е долгогодишен новинар и уредник) 

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но  го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.