СЕММ утврди дискриминаторски говор врз основа на сексуална ориентација од страна на Јанко Илковски во емисија на „Инфомакс.мк“

Комисијата на жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) утврдува дискриминаторски говор врз основа на сексуална ориентација од страна на гостинот Јанко Илковски во емисија на „Инфомакс.мк“ „Тешки муабети“.

СЕММ дава мислење на 17.06.2022 дека текстот „(Видео) Еден куп „помодари“ вршат притисок врз македонски владици да прифатат геј бракови, некрофилија, педофилија…“ и дебатната емисија „Тешки муабети“, објавени на 29 мај 2022 година на интернет-порталот „Инфомакс.мк“, отстапуваат од професионалните стандарди.

По жалбата на здружението „Субверзивен Фронт“, дека емисијата содржи говор на омраза и дискриминација, Комисијата на жалби утврдува дека е прекршен член 10 од Кодексот на новинарите на Македонија: „Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).“

Комисијата за жалби при СЕММ препознава дискриминаторски говор врз основа на сексуална ориентација, кога гостинот Јанко Илковски „практично го поистоветува и става на исто рамниште прашањето на геј браковите со одредени девијантни социо-патолошки појави (педофилија, зоофилија, некрофилија)“.

Комисијата за жалби при СЕММ забележува дека новинарот/водителот морало да се обиде да интервенира и да спречи непримерен или дискриминаторски говор, што не било случај во емисијата „Тешки муабети“: „Медиумот е одговорен и за искажаното на присутните од дебатата и затоа, водителот има обврска да изрази резерва или сомнеж, да се огради од одредени изнесени ставови, да ги опомене, па дури и да ги прекине гостите, доколку користат јазик кој може да генерира и поттикне дискриминација по различна основа или се граничи со говорот на омраза“.

Исто така, Комисијата за жалби при СЕММ укажува дека „обврска на медиумите е да ги заштитат поединците и групите од неправда и дискриминација“ и дека истата обврска ја имаат и интернет-порталите. СЕММ потсетува дека согласно „Насоките за етичко изјаснување на онлајн медиумите“, тие „треба да го идентификуваат и разобличат таквиот говор, како и да ги посочат актерите што го продуцираат у се служат со него“.

Во изнесеното мислење СЕММ заклучува дека „медиумите мора да имаат општествена одговорност и афирмативна улога во избегнувањето на каква било форма на дискриминација или говор на омраза, а уште помалку, да бидат извор или платформа за нивно ширење или поттикнување.“