BAD FAITH

 

Пишува: Атанас КИРОВСКИ

 

Минатата недела ја поминав во градот Стара Загора во Бугарија – град во Тракија од кој минувате ако сакате да отпатувате кон Бургас и Црно море, или пак на другата страна кон Свиленград и Турција. Отпатував на спортски настан (Балканско првенство во контракт бриџ), веднаш по ерупцијата на говорот на омраза на фудбалскиот натпревар меѓу Македонија и Бугарија во Скопје, и токму во деновите кога се отвараше клубот „Цар Борис“ во Охрид.

За време на ескалацијата на грчко-македонските односи за името, во Северна Грција ситуацијата беше многу напната и моите искуства покажуваа дека може да ви се случат и вербални непријатности ако кажете дека сте од Македонија. Додека во „Стара Грција“ – Коринт или Атика – луѓето беа многу порелаксирани и воопшто не беа заинтересирани за спорот, или пак сметаа дека е тривијален и дека треба да се реши побрзо без непотребни компликации, негативна енергија и конфликти. Оттаму, очекував дека нема да имам непријатности како Македонец, во Стара Загора, или можеби некои изолирани инциденти или ситни провокации, предизвикани пред се од страшниот говор на омраза што избувна за време на фудбалскиот меч во Скопје меѓу репрезентациите на Македонија и Бугарија, а потоа ескалираше со невидени навреди и од Бугари, и од Македонци по социјалните мрежи. Но, не се случи ништо такво.

На Балканијадата од домаќините имаше целосна почит кон македонското знаме и држава. Не ми беше упатен ниту еден навредлив збор, или некаква скриена порака која јас би можел да ја интерпретирам дури и како прикриена навреда или омаловажување, особено што ние сме сега хиперсензитивни кон националното прашање во однос на Бугарија. Со оглед на тоа што неколку години не бевме на Балканијада заради пандемијата со Ковид можам да кажам дека атмосферата беше како и пред влошувањето на односите. Имав контакти не само со домаќините или играчите од Бугарија, туку и со еден куп обични луѓе, граѓани, продавачи, келнери, но и интелектуалци, и секогаш кога по зборувањето ќе забележеа дека сум од Македонија беа гостопримливи, љубезни, насмеани.

Во многу случаи јас намерно ја отварав темата за ветото и сето она што потоа се случуваше во преговорите на релација Скопје-Софија. Ниту еден не можеше јасно и целосно да ми објасни зошто Бугарија стави вето за почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, а малкумина знаеја дека за да се тргне ветото Македонија се согласи на услови кои ни оставија впечаток на пониженост, навреденост, лутина и неправда заради злоупотребата на тоа вето. Ретки беа тие што знаеја дека кревањето на ветото е условено со впишување на бугарското малцинство во македонскиот Устав. Луѓето генерално немаа поим што се случува во бугарско-македонските односи, знаеја дека се случува некаква ескалација и дека во Македонија веќе не ги сакаат, но не им е докрај јасно зошто сето тоа се случува. Само еден пријател кој беше директор на најголемата фабрика во Стара Загора ми пријде еден ден и ми рече дека додека се возел во авомобилот на радио слушнал оти во Охрид се отворил клуб „Цар Борис“. „И реков на жена ми, ова е тешка провокација, од ова ќе произлезат само грди работи, и после ова, не е време да патуваме во Македонија“.

Целиот тој амбиент ми ја потврди тезата дека независно од политичкиот исход на преговорите и независно колку договори и протоколи ќе се потпишат со кои официјална Софија ќе смета дека е „победник“ во тие преговори, крајниот исход е голем пораз на бугарската политика. Договорите кои ќе покажуваат на хартија дека имаме заедничка историја, дека чествуваме заеднички херои, дека сме исклучително блиски словенски народи со слична култура и јазик, (токму инсистирањето дека македонскиот јазик е вештачки и е некаков дијалект на бугарскиот е во коренот на сите проблеми во односите) во праксата, во реалниот живот кај Македонците создаваат еден огромен, непремостив јаз, кој нема да може да се надмине со децении, и кој наместо да создаде пријателство и да ги приближи двата народа, бескрајно ги оддалечува, па дури и создаде чувство на отворено непријателство кај Македонците кон Бугарите. Некому да не му го признавате правото на самоопределување и на сопствен јазик е тежок облик на дискриминација, од која ништо добро не може да произлезе.

Ако целта на договорот за пријателство и доброседство беше Софија да покаже дека за Бугарите нема поблизок народ од македонскиот, секако дека целта која е постигната е токму спротивната. Официјална Софија со политиката што ја води последните неколку години предизвика нејзините граѓани да имаат доза на нелагодност ако отпатуваат во Македонија, па дури и страв дека може да бидат изложени не само на вербални непријатности, туку и на физичко насилство. На прашањето на еден бугарски колега кон демонстрант во Скопје – „Може ли нешто да те попитам “ – доби одговор „Не може да ме попиташ, може да те пошлапам“ – што наиде на воодушевување кај огромен број луѓе во Македонија, а синтагмата „Може да те пошлапам“ стана и постер на социјалните мрежи. Таков еден говор на омраза, закана со физичко насилство, и во суштина крајно нецивилизирано однесување кон новинар на странска држава наиде на одобрување кај дел од македонската јавност! Како се случува ова кога е познато дека Македонците се питоми и гостoпримливи луѓе?!

Бесконечната серија смислени, ниски провокации од типот на политичари како Каракачанов и Ковачев, ветото, уцените, отвореното негирање на македонската нација и јазик, имињата на бугарските клубови што се отвараат низ Македонија доведоа до изблик на огорченост и омраза.

Официјална Софија намерно ја потхранува таа омраза, бидејќи и политички невештите се свесни дека во оваа зовриена ситуација – отворање на бугарски клуб во Охрид со името Цар Борис – кој е симбол на бугарската окупација за време на Втората Светска Војна, е провокација која само долева масло на огинот. Во дипломатијата, нема индивидуална вокација и случајности, а особено се невозможни серија на несреќни околности и случајности кои имаат ист епилог.

Големото мнозинство Бугари немаат негативни чувства кон Македонците, убеден сум во тоа, но официјалната бугарска политика не сака да се водат конструктивни преговори кои ќе придонесат за релаксирање на состојбите, а натаму и за развој на пријателство и добрососедство. Напротив, Бугарија постојано ги води преговорите “In a bad faith“. Ако не дојде до пресврт во политиката на Бугарија кон Македонија епилогот на тоа ќе биде исклучително мачен процес на преговори за членство во ЕУ, со постојано измислување нови пречки од Софија, ескалација на односите и омразата и веројатно лош исход на тие преговори. Мислам дека токму тоа е и целта на политиката на Бугарија кон Македонија, заради некои други агенди. За жал.

(Авторот е долгогодишен новинар и уредник) 

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но  го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.