КАКВА ТРЕБА ДА БИДЕ УЛОГАТА НА УРЕДНИЦИТЕ ВО СПРАВУВАЊЕТО СО ГОВОРОТ НА ОМРАЗА?

Пишува: АРТА ТАХИРИ

Новинарите, а особено уредниците на медиумите, треба да се залагаат секојдневно во спречување на масовноста на говорот на омраза, а не да бидат тие што го шират таквиот говор. Новинарите никогаш не треба да бидат автори или да репродуцираат говор на омраза, туку кога известуваат, треба да го идентификуваат говорот на омраза кај другите! Овде се мисли на изјавите и интервјуата на политичарите или јавните личности, давајќи и јавноста до знаење кои се тие што користат таков говор.

Говорот на омраза, особено оној што се манифестира на етничка и верска основа, продолжува да биде еден од општествените проблеми што сериозно ги нарушува меѓуетничките и меѓуверските односи.

Најпрвин, би сакала да истакнам дека оваа фраза често се користи, но во некои случаи дури и таму каде што не ѝ е место. Не секој говор, став, изјава или политички и јавен дискурс, кој содржи негативен речник, е говор на омраза. Тој се разликува од дискриминаторскиот говор, но се разликува и од клеветата и навредата!

Говорот на омраза опфаќа широк спектар на негативен говор, почнувајќи од говор кој изразува, поттикнува, повикува или промовира омраза по различни основи, зборови или епитети кои повредуваат, па сè до екстремни примери на предрасуди и стереотипи. Овој говор може да биде директен, но вклучува и други форми на изразување, кои не се директни.

Денес е веќе вест ако помине ден, во кој не се бележат примери на говор на омраза, пред сè на социјалните мрежи, онлајн медиумите или порталите, но и во традиционалните медиуми како весниците, радиото и телевизијата. Овој говор, кој навистина го прави „потемно“ поднебјето на Северна Македонија, е многу присутен и во политичките говори на јавните собири – митинзи, особено кога се организираат изборни процеси.

Интензитетот на неговата употреба бележи зголемување кога има протести, во кои се изразува незадоволство за етничките прашања, во кои се користат популистички формулации и термини кои содржат омраза, дали кон соседите, дали кон Албанците или обратно, кон Македонците.

Што треба да прават уредниците на медиумите? Тие имаат извонредна улога, бидејќи медиумите, покрај социјалните мрежи, се тие кои имаат влијание врз процесот на ширење на говорот на омраза и создаваат поволна клима за тој да има поголем интензитет.

Тргнувајќи од овој факт, новинарите, уредниците а особено главните уредници, како главни креатори на уредувачката политика и одговорни за содржините објавени во медиумите, имаат голема одговорност, пред сè пред јавноста.

Новинарите, а особено уредниците на медиумите, мора секој ден да се залагаат да ја спречат масовноста на говорот на омраза, а не да бидат тие што го шират овој говор.

Ова не значи дека медиумите секогаш треба да бидат воздржани и да не известуваат кога говорот на омраза излегува од устата на општествените чинители, но новинарите никогаш не треба да бидат негови автори или да репродуцираат говор на омраза.

При известувањето, тие треба да го идентификуваат говорот на омраза кај другите! Овде се мисли на изјавите и интервјуата на политичарите или јавните личности, давајќи и на јавноста до знаење кои се оние што користат таков говор.

Сметам дека пораките или содржините што содржат говор на омраза не треба да се објавуваат, бидејќи нивното објавување е повреда на слободата на изразување. Новинарите и уредниците мора да бидат внимателни и селективни кога станува збор за директен говор на омраза, поради фактот што ние, како што истакнав, живееме во средина која е чувствителна на етничката и верската димензија.

За да се детектира говорот на омраза во медиумите, уредниците треба да ја зајакнат својата улога во рамки на медиумските редакции. Тие не треба да ја прифатат улогата само на селектори на информациите што ги собираат новинарите, кои во некои медиуми, со посебен акцент на оние онлајн, поради различни фактори, се пренесувачи на разни јавни пораки што содржат дискурс на омраза.

Затоа, уредниците мора да бидат внимателни дури и во случаи кога говорот на омраза изразен од публиката може да доведе до насилство. Овде зборуваме за коментарите, кои се објавуваат во онлајн медиумите и, токму од оваа причина, улогата на „онлајн“ уредниците е многу важна. И онлајн и традиционалните медиуми имаат одговорност да не објавуваат коментари кои можат да достигнат ниво на говор на омраза.

Од друга страна, кога е во прашање директното вклучување во радио и телевизиски програми, уредниците, односно водителите/модераторите на емисиите мора веднаш да се оградат од оние кои користат говор на омраза и поттикнуваат насилство, повикувајќи ги гледачите/слушателите да не користат таков речник. Ако продолжат да го користат овој говор по предупредувањето, тие треба да се прекинат.

Ограничувањето на оние што користат говор на омраза и промовираат насилство не е против слободата на изразување и е многу здраво за иднината на Северна Македонија.

Истото треба да се случува и кога има директни преноси од настани, како што се протести, демонстрации или немири, а водителите треба да интервенираат доколку се користи говор на омраза во овие настани и јасно да се оградат од него.

(Авторката е уредник на вести во ТВ АЛСАТ)

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но  го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.