пишува: АТАНАС КИРОВСКИ
Генералниот партиски совет во ДУИ изминатата недела беше главна тема во македонските медиуми, и редакциите и на македонски и на албански јазик отворија многу прашања, но и лиферуваа шпекулации околу тоа што се случува внатре во партијата, и пред, но и по одржување на советот. Големото внимание што го предизвикаа внатрепартиските превирања во ДУИ, е заради специфичната позиција на партијата на македонската политичка сцена, каде што ДУИ изминативе неколку години практично детерминира кој ќе ја има власта во Македонија.
По Парламентарните избори во 2016-та, ДУИ реши да ја собори владата на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Иако принципот на партијата беше дека влада составуваат победник со победник во „македонскиот и албанскиот политички кампус“ – за, како што тврдеа, да не биде потценета волјата на избирачите кои се етнички Албанци, на почетокот на 2017-та, кога се составуваше тогашната влада, ДУИ потврди дека политичките интереси се поважни од принципите, и реши да состави влада со СДСМ, иако на изборите освои 2 пратеника помалку од ВМРО-ДПМНЕ, и да ја раскине коалицијата Груевски-Ахмети која владееше со години. Оттогаш, ДУИ е во владина коалиција со СДСМ но, доколку на некои идни избори ВМРО ДПМНЕ биде во позиција да составува влада, ДУИ бездруго нема да ја отфрли опцијата да учествува и во таква влада.
И во моментов, стабилноста на владата на премиерот Димитар Ковачевски зависи од ДУИ. Партијата може во секој момент да ја собори владата која има тенко парламентарно мнозинство и да предизвика избори кога неа најмногу и одговара – така што, и одговорот на прашањето дали и кога ќе има евентуални предвремени избори на кои инсистира опозицијата, зависи од ДУИ.
Во медиумите особено се шпекулираше кои се целите на таканаречената „огнена група“, кои отворено изразија незадоволство од одредени политики и кадровски решенија на партијата во извршната власт. Епилогот на генералниот партиски совет што го водеше лидерот на партијата Али Ахмети, за аналитичарите претставува победа на „огнените“, затоа што добија потпретседател во партијата, и го добија местото организициски секретар што досега му припаѓаше на Артан Груби, кон кого „огнените“ изразија отворен анимозитет.
Известувањата за „огнената група“, но и отворените закани пласирани во медиумите од „анонимни извори“ дека „огнените“ би можеле да дејствуваат како фракција внатре во партијата, па дури и да предизвикаат целосен раскол и да формираат нова партија – бездруго ја засили преговарачката позиција на оваа група. Нема сомнение дека во овој процес новинарите беа во извесна мера изманипулирани и послужија како корисна алатка на одредени партиски структури за нивни политички цели. Но, од друга страна, информациите кои новинарите ги добиваа и ги пласираа беа „newsworthy“, а на известувањата им даваа релевантност, па дури и ексклузивност. Така што, повеќе се работеше за една природна и стара симбиоза меѓу „анонимниот извор“ и репортерот од заемна полза, која својот пик го имаше за време на аферата „Watergate“ што доведе до оставка на американскиот претседател Ричард Никсон.
Иако на јавноста, а и на повеќето уредници, веројатно не им се допаѓа цитирањето на „извори кои се согласуваат да зборуваат отворено под услов на анонимност“, погледнато од контекст со пошироко значење, овие известувања ја засилуваат позицијата на новинарството. „Анонимниот извор“ како важна известувачка алатка во Македонија изматите години беше особено дискредитиран, пред сѐ, за време на владеењето на Никола Груевски, кога провладините медиуми пренесуваа информации стокмени во центарот за комуникации на владејачката партија составени за пропагандни цели, каде што тезите беа поткрепени според „неименувани извори“ или „мислење на аналитичарите“. Се разбира, такви неименувани извори или аналитичари не постоеја, како што имаше и неколку „фантомски институти“ за истражување на јавното мислење и правење анкети, за кои никој никогаш не дозна кои луѓе работеле во овие „институти“.
Ова би можело да ја врати дебатата и за опстанокот на институцијата „Chatham House Rule“, која во Македонија беше безмалку неприменлива. Се разбира, вината за ова беше во појавата на социјалните медиуми, за кои честопати работат луѓе без доволни вештини и искуство во новинарството, и без потребниот интегритет, бескрупулозно натпреварувајќи се за „клик“ повеќе, кои од состаноци според Chatham House Rules, го цитираа изворот на информацијата (на некои од нив и јас сум присуствувал, и бев шокиран кога видов новинарски извештаи со цели цитати од изворот наведен со име презиме и функција) и на тој начин го нарушија основното правило на анонимност.
Да потсетиме, институцијата Chatham House Rule, функционира од 1927 година, замислена како можност за одредени важни прашања (на почетокот тоа беа теми од сферата на надворешната политика) носител на висока јавна функција да може да зборува отворено, без функцијата да му ги врзува рацете што ќе каже, и без да биде загрозена неговата функција ако бидат пренесени одредени тези во јавноста, бидејќи постои џентлменски договор, односно правило, тој извор да не биде откриен. Името на оваа исклучително полезна форма на комуникација за двете страни, потекнува од името на седиштето на „Кралскиот институт за надворешни работи на Велика Британија“, каде што се одржани првите состаноци на кои е разговарано според овие правила.
За да не бидеме престроги кон Македонија, „Chatham House Rule“ како форма е загрозен насекаде во светот. Поранешниот директор за комуникации во владата на Тони Блер (Toni Blair), и бездруго, еден од најдобрите спин доктори на нашата ера, Алистер Кембел (Alastair Campbell), уште во 2010 напиша во Financial Times дека „ако сте висок политички функционер, или топ бизнисмен, мора да претпоставите дека сè што ќе кажете ќе биде цитирано, бидејќи е невозможно Chatham House Rulе, да коегзистира со Твитер, Фејсбук и медиумската култура на известување 24/7.“
Ова е сепак само делумно точно. Chatham House Rule може и треба да постои, како што покажаа и последните случувања околу внатрепартиските превирања во ДУИ. Затоа што формата сепак не е пресудна – независно дали станува збор за печатен медиум, радио, телевизија, или интернет портал. Доколку не се цитира изворот, и новинарите ги почитуваат правилата на оваа институција – сосема е ирелевантно дали информацијата ќе биде објавена во весник, или на некој социјален медиум. Проблемот е во оној што ја објавува и пишува информацијата, а не во дигиталните носачи на информации кои вестите ги прават достапни сега и веднаш. Клучот е во медиумската (НЕ)писменост.
(Авторот е долгогодишен новинар и уредник)
—
Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.
Скорешни коментари