Пишува: Зоран БОЈАРОВСКИ
На 10 октомври оваа година Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), објави соопштение со реакција[i] за, како што ја нарекоа, „непримерната јавна комуникација проследена со груби навреди и закани кон новинари објавени на фејсбук профилот именуван како Божидар Божиновски“.
Соопштението уште пренесува дека „лицето Божиновски во изминатите денови, преку социјалната мрежа Фејсбук, во еден од постовите, на споменатиот профил, објавува лична фотографија од новинарот Борјан Јовановски и во текстот вели дека: ‘тој е копито фашистичко се појавил на телевизија и не кажал ништо за фашистите во Охрид… на овој би му сугерирал опција Адолф, што побрзо да не спаси од неговото постоење’“.
Иако оваа објава на споменатото лице на Фејсбук веќе во голема мерка предизвика говор на омраза, пред да се појави соопштението на ЗНМ, од новинарската организација истакнуваат дека „објавување на ваков тип на содржина за колегата Јовановски може да поттикне говор на омраза од страна на трети лица на социјалните мрежи како и на дел од он лајн медиумите. Омразата директно може да ја загрози безбедноста на новинарите и останати поединци со што кривична одговорност освен сторителите имаат и оние кои ги поттикнале делата од омраза“.
Соопштението на ЗНМ завршува со препораката дека „слободата на изразување потребно е да се промовира и негува како една од најважните човекови права, но истовремено потребно е да се знае дека остварувањата на овие слободи вклучуваат обврски и одговорности“.
Истиот ден, на 10 октомври, на оваа тема се произнесе и претседателката на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ). Иако не реферира директно на „непримерната јавна комуникација проследена со груби навреди и закани кон новинари објавени на фејсбук профилот именуван како Божидар Божиновски“, Катерина Синадиновска на својот личен Фејсбук профил[ii] напиша дека „нивото на јавна комуникација во македонското општество мора да се крене. Или подобро – да се воспостави, оти сега културата на дијалот реално не постои, а ова што го гледаме во последно време на социјалните мрежи нема врска со дебата, туку се купишта навреди, лаги и разни хајки“.
Синадиновска предупредува дека „тоа што е опасно за јавната комуникација е кога овие наративи од социјалните мрежи се пресликуваат во медиумите“.
И претседателката на СЕММ ја завршува својата реакција со препораката којашто произлегува од надлежностите на Советот и ги „повикува сите кои се засегнати од тоа како некои медиуми известуваат, но и сите граѓани воопшто кои ќе забележат говор на омраза, повици за насилство и новинарски производи напишани надвор од стандардите (а објавени во медиумите) веднаш да реагираат до нашата Канцеларија за да може да се покрене соодветна постапка“.
Бидејќи во меѓувреме Фејсбук страницата на Божидар Божиновски беше суспендирана или самосуспендирана, во оваа анализа не можеме да ја понудиме целосната слика за избликот на говор на омраза, навреди и закани во неговите објави упатени кон новинари и активисти кои „не кажале ништо за фашистите во Охрид“, односно за отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис“ во Охрид.
Сепак, одредена претстава за неговата „непримерна јавна комуникација проследена со груби навреди и закани“ може да се стекне и од реакциите на оние што беа цел на овие закани и навреди.
Меѓу оние кои беа директно нападнати беше и новинарот и активист Петрит Сарачини, кој на својот Фејсбук профил ги дамантираше клеветите на Божиновски како „тешки лаги“[iii] и побара извинување од него и од порталите кои ги пренесоа навредите и лагите упатени кон него. Со слично содржина беше реакцијата и на новинарот Борјан Јовановски.
Сарачини упати апел до ЗНМ, СЕММ и до општеството да не молчи пред „лажговци и дезинформатори“, коишто „со години неказнето шират вакви клевети, навреди и напаѓаат луѓе без никаква причина“.
Рекорд: 16 месеци траеше првото читање во Собранието на предлогот заканите кон новинарите да се сметаат како напад кон службено лице
Оваа нова епизода на сајбер-малтретирањето, вознемирување и закани преку комуникациски мрежи, уште еднаш го отвора прашањето за ефикасно справување со оваа појава.
Искра надеж дека оваа појава ќе добие соодветен одговор беа предложените измени и дополнувања на Кривичниот законик, со кои закана или физички напад врз новинарите и медиумските работници е на ниво на кривично дело кое се гони по службена должност, што дојде како резултат на долгогодишниот притисок на Сојузот на синдикатите на новинарите на Македонија (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија.
Тогашниот министер за правда Бојан Маричиќ, на 27 јули 2021 година[iv] соопшти дека нападот врз новинар ќе се смета како напад врз службено лице за кое измените предвидуваат и казна од 3 месеци до 3 години затвор, и при вакви случаи Обвинителството ќе постапува по службена должност.
Иако најавените измени беа поздравени веднаш од домашните организации, како и од Европската федерација на новинарите[v], после речиси 16 месеци, на 3 октомври оваа година, заврши првото читање во собраниските комисии.
Сега останува да видиме колку ќе траат второто и третото читање, а Предлог на закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета[vi] е повлечен.
Реформи на половина пат политичката волја час ја има, час ја нема, констатира истоимената студија на Фондацијата Метаморфозис[vii]. Во анализата „Одговорноста за нападите на новинарите изгубена во триаголникот: судство, обвинителство, МВР“,[viii] како дел од проектот „Вистиномер“ на оваа фондација, се наведува Извештајот[ix] за напредок на земјава на европскиот пат на Европската Комисија која нотира дека „само мал процент од извршителите на физички напади врз новинари се изведени пред лицето на правдата“.
Во Извештајот на ЕК се забележува дека органите за спроведување на законот и Јавното обвинителство реагираа на инцидентите во кои беа вклучени новинари, но, исто така, се наведува дека е потребна подобра координација меѓу различните институции за да се дејствува побрзо за пријавените прекршоци и да се спречи неказнувањето на извршителите.
Токму од тие причини ЗНМ бараше Јавното обвинителство да формира посебно одделение за гонење на напаѓачите на новинарите[x], но досега за овој предлог нема рекација од надлежните.
„Повеќепати сме разговарале со овие институции, на прашањето зошто овие напади не се санкционираат тие си го вперуваат прстот едни кон други. Јас би рекол дека во обвинителството имаме клучни проблеми бидејќи таму стојат предмети во фиоки, или се процесуираат само некои еклатантни примери кои би биле забележани од јавноста. А не би требало да биде така, процесуирањето треба да биде правило а не исклучок“, вели Чадиковски, во анализата „Одговорноста за нападите на новинарите изгубена во триаголникот: судство, обвинителство, МВР“.
Долга е листата на случаи без разрешница
Најновиот случај на вербални напади со лаги, клевети и закани сѐ уште не е ставен во рубриката „Случаи на повреда на правата на новинарите низ годините“[xi], којашто ЗНМ ја постави на својата веб страница, и во која се излистани случаите на повреда на правата на новинарите од 2014 до 2022 година.
Не знаеме дали овој најнов случај ЗНМ ќе го постави на овој своевиден „ѕид на срамот“ по „допрен глас“, или ќе им треба формална пријава на случајот, но ништо не ветува дека за овој случај ќе има некаков правен епилог, освен доколку некој од оние што беа мета на овој напад не покренат граѓански парници и не се осмелат да влезат во „коридорите“ на судските постапки.
За волја на вистината, и да бидеме докрај објективни, постојат неколку случаи со судска завршница, но навистина се само отприлика колку прстите на една рака и, веројатно, спаѓаат во онаа категорија на „само некои еклатантни примери кои би биле забележани од јавноста“. Истото што го забележува претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски во изјавата за анализата „Одговорноста за нападите на новинарите изгубена во триаголникот: судство, обвинителство, МВР“, во којашто уште вели дека „не би требало да биде така, (и дека; н.з.) процесуирањето треба да биде правило, а не исклучок“.
Еден од тие „еклатантни“ случаи е ослободителната пресуда во случајот Апасиев против новинарите Мери Јордановска, Предраг Петровиќ и Габриела Димковиќ-Мишевска.
Пред да влезе во судска постапка, која траеше речиси цела една година, овој случај беше проследен со низа објави на Фејсбук, со кои пратеникот Апасиев упатуваше навреди кон новинарите, за што реагираа сите домашни здруженија, ЗНМ, ССНМ, меѓународните здруженија Репортери без граници и Интернационалната федерација на новинари.
Мери Јордановска и нејзината колешка Искра Коровешовска беа изложени на закани во уште еден случај, сличен на оној на „непримерната јавна комуникација проследена со груби навреди и закани кон новинари објавени на фејсбук профилот именуван како Божидар Божиновски“.
Во овој случај, вработениот во Централниот регистар Емил Јакимовски, кој упатувал закани и навреди кон новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска, исто така преку својот Фејсбук профил, доби отказ од работното место,[xii] а во образложението на Централниот регистар, престанокот на работниот однос на Јакимовски му е донесен поради суштествени повреди на одредбите од Колективниот договор според кои вработените треба да го чуваат угледот на работодавачот, односно на јавната установа Централен регистер.
Во другата колона на нерешени случаи за кои воопшто немало постапка, листата е многу подолга.
Во таа колона остануваат и понатаму без епилог вербалниот напад и погрдните зборови кон новинарката Маја Јовановска од Истражувачката лабораторија (ИРЛ), експлицитната смртна закана упатена кон новинарот Фуркан Салиу од ТВ КЛАН на социјалната мрежа Твитер, онлајн напади и закани кон безбедноста на новинарите Џабир Дерала и Петрит Сарачини од страна на граѓанин, како и заканата по безбедноста на новинарката Мирослава Бурнс, или заканите кон новинарките на Фокус Ирена Мулачка, Валентина Вурмо…, повеќето фино излистани во рубриката „Случаи на повреда на правата на новинарите низ годините“, на ЗНМ.
Мразачите се многу храбри кога се жени и девојки во прашање
И граѓанските активисти и граѓаните не се поштедени во хајките на омраза и закани. Издвојуваме неколку скорешни случаи кога овие наши сограѓани беа изложени на онлајн закани и вознемирување.
Во анализата „Парадата на гордоста и хомофобичниот говор на омраза“,[xiii] објавена на порталот на Институтот за медиуми и аналитика (ИМА), авторката Елена Михајлова–Стратилати, професор на Институтот за Меѓународно право и односи и право на ЕУ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на УКИМ, констатира дека „пред и за време на одржувањето на третата Парада на гордоста во Скопје, беше забележано зголемување на дигиталното кршење на човековите права во Северна Македонија со вирулентно ширење на хомофобичен говор на социјалните мрежи, кое продолжи и по месецот на гордоста. Некои интернет портали беа директно вклучени во анти-геј кампања, низ објави со наслови како „Приберете децата: Геј парада денес во Скопје“, или со отстапување на значителен простор за хомофобични ставови на јавни личности без критички осврт или коментар на истите. Некои портали за вести, пак, дозволија платформите за коментари под нивните написи или видеа кои известуваа за Парадата на гордоста да станат фокална точка за ширење на говор на омраза и директно поттикнување на насилство“.
Во анализата на Билјана Михајловска „Во борба, македонски народе…против говорот на омраза!“[xiv] на ИМА, ќе остане запишано дека учеснииците во програмата за одбележување на Денот на Републиката Илинден – 2 Август, во коментарите на социјалните мрежи беа наречени „велепредавници“, „предавници под диригентска палка на заевизмот“, „робови“, „конформисти“ кои учествуваат во распарчувањето на државата и кои еден ден колективно „ќе се тетовираат“, а дел од инволвираните во овие напади ѝ се обраќаа лично на Елена Петреска, член на хорот на НОБ, со „северџанка“, „продадена душа“, „ѓубре северџанско фашистичко“, беше наречена евтина „аждаја“, проследено со бројни сексистички коментари и навреди.
Инаку мразачите на Фејсбук се посебно храбри кога треба да ги напаѓаат жените и девојките новинарки, активистки или граѓанки.
Истражувањето на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА[xv] со поддршка од Мисијата на ОБСЕ, покажува дека дури 81,6% од 103 анкетирани новинарки во земјата се соочиле со онлајн вознемирување.
„Дежурна“ мета на закани во нашата се и припадниците на ЛГБТ+ заедницата. Според една анализа, исто така на ПИНА,[xvi] (којашто ги користи податоците на од статистиката на Коалиција Маргини), Елена Петровска од Маргини и Националната мрежа против трансфобија и хомофобија посочува дека говорот на омраза и онлајн насилството што се случува по социјалните мрежи, коишто се без никаков епилог и остануваат неказнети, резултираат со физички напади и физичко насилство.
Петровска истакнува дека неказнивоста на сторителите испраќа порака дека секој може да посегне и да го направи истото без да биде казнет. Тоа е много лошо заради тоа што, како што вели, на таков начин институциите го нормализираат насилството врз ЛГБТИ припадниците и во јавноста продолжува осудата кон нив, а со ова се укажува на тоа дека овие лица не заслужуваат да бидат заштитени од институциите на системот.
Кодексот на новинарите и Насоките за етичко известување на онлајн медиумите да се почитуваат за професионално новинарство
Она што е неспорно е дека борбата за спречување на говорот на омраза, заканите и сите други форми на насилство преку интернет комуникациските мрежи е мултисекторска и дека секој има своја важна улога, вклучувајќи ги и самите медиуми. Особено онлајн медиумите, бидејќи во потрагата по содржини заради нивната природа да бидат „отворени“ 24/7, потклекнуваат под тој притисок и пласираат содржини спротивно на сите професионални правила.
И во овој случај на „непримерната јавна комуникација проследена со груби навреди и закани кон новинари објавени на фејсбук профилот именуван како Божидар Божиновски“ порталите Експрес.мк[xvii], Инфомакс.мк[xviii] и Плусинфо.мк[xix] пласираа дел од содржините или некритички зазедоа страна спротивно на Кодексот на новинарите[xx] и на Насоките за етичко известување на онлајн медиумите[xxi], кои се изведени од кодексот за професионално и одговорно новинарство.
Иако „Насоките за етичко известување на онлајн медиумите“ на СЕММ се очекува да ги применуваат сите членки на Советот за етика во медиумите, како и на сите онлајн медиуми за кои се поднесуваат жалби до оваа медиумска организација, Плусинфо.мк не постапиле согласно насоката 1.6. која налага дека при користењето информации добиени од социјалните мрежи, од веб-страници, блогови или други извори на интернет, онлајн медиумите внимателно ќе ја проверат нивната веродостојност и кредибилност.
Оваа насока, инаку, произлегува од Членот 1 на Кодексот на новинарите според кој новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес и дека треба да објавува точни, проверени информации.
Во објавата на Божиновски на Фејсбук, нема ништо што е од јавен интерес за да биде преземено во новинарски текст, ниту пак има видлива индикација дека наводите на авторот на таа објава биле проверени на било кој начин, а најмалку кај втората страна, односно, нападнатите новинари, активисти и граѓани.
Уште повеќе, со првите два пасуса текстот е јасно врамен и пристрасен, па дури и апсурден со наводите дека „моќната владина пропагандистичка машинерија викендов ги запали моторите и со сите сили, без претходно утврдени правила на игра, удри по инфлуенсерот Божидар Божиновски“ и дека „без милост. Како во „најдобрите времиња“ на онаа поранешна власт, за којашто тогашната опозиција ни обелоденуваше аудио-снимки, од коишто дознававме како се тегнеле луѓе за уши, како ќе се фрлале луѓе во ендеци, како се делеле шлаканици како да се бонбони…“
Овие наводи апсурдно блиски до теориите на заговор им го оспоруваат секое право на поединците жртви на нападите на Божиновски, кои возвратиле со деманти и барања за извинување, кои овој медиум ги обои како „удари по инфлуенсерот“.
Апсурден е и коментарот на Експрес.мк придружен до објавата на демантот на Петрит Сарачини дека овој портал „само ја пренесе изјавата на Божиновски, односно неговиот фејсбук статус“.
Иако Експрес.мк не е член на СЕММ, односно не мора да ги почитува правилата на Кодексот на новинарите и „Насоките за етичко известување на онлајн медиумите“, овој портал, како и Инфомакс.мк и Плусинфо.мк, сепак, бидејќи претендираат да бидат нарекувани професионални медиуми, го прекршиле Член 10 од Кодексот дека „нема свесно да создаваат ниту преработуваат информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка припадност…).
Од овој член на Кодексот се изведени и насоките 10.3. и 10.4 од „Насоките за етичко известување на онлајн медиумите“ кои утврдуваат дека онлајн медиумите ќе се трудат да ја зголемуваат свесноста за негативните последици од говорот на омраза, да го идентификуваат и разобличуваат таквиот говор, како и да ги посочуваат актерите што го продуцираат и се служат со него, и да создаваат содржини со коишто ќе се спротивставуваат на говорот на омраза и на дискриминацијата по различни основи, како и да бидат одговорни за редовно прегледување и брзо отстранување на коментарите на корисниците што се објавуваат под новинарските содржини на вебстраниците или на социјалните мрежи, а коишто содржат говор на омраза и имаат потенцијал да предизвикаат штетни последици во општеството.
На крајот од оваа анализа, уште еден апсурд: Фејсбук страницата со „непримерната јавна комуникација проследена со груби навреди и закани кон новинари“, активисти и граѓани веќе не постои и наместо профилот сега стои само известувањето: This Facebook post is no longer available. It may have been removed or the privacy settings of the post may have changed.
Причини може да има повеќе, но што ако, на пример, лицето одговорно за „непримерната јавна комуникација проследена со груби навреди и закани кон новинари“, активисти и граѓани, се попишманило, како што најавуваше во некои свои последователни постови?
—
Референци:
[i] Јавно омаловажување и посакување на смрт на новинари е недозволиво, соопштение на ЗНМ објавено на нивниот портал на 10.10.2022
[ii] Реакција на претседателката на СЕММ Катерина Синадиновска, објавена на нејзината Фејсбук страница на 10.10.2022
[iii] Реакција на Петрит Сарачини, објавена на неговиот Фејсбук профил на 09.10.2022
[iv] Маричиќ: Направивме законски измени за да не ни се повторуваат напади врз новинари и случаи како „Јавна Соба“, Соопштение од прес конференција, објавено на интернет страницата на Владата на 27.07.2021
[v] North Macedonia: Justice Minister introduces amendments to increase protection of journalists, објавено на веб страницата на European Federation of Journalists (EFJ) на 29.07.2021
[vi] Собрание на Република Северна Македонија, е-парламент, материјали во постапка, статус на Предлог на закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета
[vii] Реформи на половина пат политичката волја час ја има, час ја нема, објавена на порталот на Фондацијата Метаморфозис во ноември 2021
[viii] Одговорноста за нападите на новинарите изгубена во триаголникот: судство, обвинителство, МВР, објавено на порталот Вистиномер на 21.12.2021
[ix] Извештај за Северна Македонија за 2021 година, Европска Комисија, објавено на 19.10.2021
[x] ЗНМ бара Обвинителството да формира посебно одделение за гонење на напаѓачите на новинарите, објавено на порталот А1он.мк на 02.11.2021
[xi] Случаи на повреда на правата на новинарите низ годините, на порталот на ЗНМ
[xii] Јакимовски доби отказ од Централниот регистар, МВР и ОЈО допрва ќе треба да реагираат на заканите, објавено на порталот Опсерваторија на медиумските реформи на 13.01.2020
[xiii] Парадата на гордоста и хомофобичниот говор на омраза, објавено на порталот на Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) на 16.08.2022
[xiv] Во борба, македонски народе…против говорот на омраза!, објавено на порталот на Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) на 29.08.2022
[xv] ПИНА: Над 81% од 103 анкетирани новинарки се соочиле со онлајн вознемирување, објавено на пораталот на ПИНА на 07.10.2022
[xvi] Кривичните дела кон припадници на ЛГБТИ заедницата често не добиваат правна разрешница, објавено на пораталот на ПИНА на 21.07.2022
[xvii] Божиновски лут: Сарачини и Јовановски агитирале да го избркаат од ТВ 24, објавено на порталот Експрес.мк на 08.10.2022
[xviii] Божиновски: Вакви мекотели сме сон на секој диктатор – Да им го направеше ова некој на Албанците немаше да помине само со јајца, објавено за порталот Инфомакс.мк на 08.10.2022
[xix] ПРОПАГАНДНАТА МАШИНЕРИЈА НА ВЛАСТА ИМА КРАТОК ФИТИЉ И ЃОН ОБРАЗ Како еден обичен инфлуенсер успеа да разоружа цела чета партиски војници, објавено на порталот Плусинфо.мк на 10.10.2022
[xx] Кодексот на новинарите, ЗНМ
[xxi] Насоките за етичко известување на онлајн медиумите, СЕММ
Скорешни коментари