пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ

Едни шират дезинформации маскирани во сатира, демек премиерот Ковачевски изјавил дека „Ќе се смени законот за брак секој ќе може да има по 2 жени без проблем“. Други со фотографија објавена во Израел каде свиња лежи на фрлен душек пред контејнери, шират дезинформации дека тоа се случува во Општина Аеродром и за тоа го обвинуваат градоначалникот Муцунски.

Ова се само примери од последниве два дена за начинот на кој функционираат партиските пропагандни машинерии и нивните војски на лајкачи и споделувачи на социјалните мрежи. Машинериите не запираат, се нема усул за ништо. Не се бираат средства за напад и дискредитација на политичките противници, без оглед на штетата што ваквиот пристап го прави на општеството и граѓаните во целина, без оглед на нивната припадност.

И, што добиваат со ова граѓаните? Наместо критика кон функционерите за суштински работи важни за граѓаните (а простор и теми за критика има колку сакаш), добиваме лаги, „хумор и сатира“, сеирење, тролање и глупости. И, секако, обесхрабрување, летаргија, немоќ, и многу, многу омраза.

Најтажно во тоа е што еден куп луѓе наседнуваат, се палат и ги шират овие глупости, кои потоа поттикнуваат навреди и говор на омраза, а и насилство. Луѓето кај нас одамна не читаат со умот, туку со предубедувањата полни со омраза кон оној што размислува различно од нив. По долги години „тренирање“ за ваков начин на размислување, лишен од критичко и рационално примање на информациите, ова воопшто не е чудно.

Денес, херои и јунаци во општеството не се оние што ја кажуваат вистината, што критикуваат со аргументи, или пак со хумор што го крева духот и критичкото размислување. Напротив, „херои“ и влијателни се оние што плукаат, лажат, објавуваат сензационалистички глупости, или (х)умор од кој умираат мозочни клетки.

И виновниците за оваа состојба ги знаеме. Освен во политиката, ги има во медиумите, образованието, меѓу интелектуалците, јавните личности…Но, и во секој од нас има помалку вина. Секој лајк и споделување на вакви глупости, секое хе-хенце, сеирење, ситење, плукање…само придонесува за да тонеме уште подлабоко во безизлезот.

А можеме ли да станеме сите херои? Можеме ли да престанеме да ги хероизираме и да им даваме видливост на плукачите, мразачите, лажговците, сензационалистите, кловновите? Можеме ли да се свртиме малку кон вистината а не кон лагите, макар и оние што делуваат безболно и „(пре)смешно“, особено кога маваат по „другиот“?

Мора да можеме. Но тоа нема да успее ако се тргне од чистењето на „туѓи дворови“. Секој треба да почне од својот двор. И политичарите и партиите, и медиумите, и образованието, и секој сегмент од општеството и јавноста, и секој граѓанин поединечно.

И тоа што побргу, пред да се удавиме во сопствените „шеги“, плуканици, лаги и омраза.