Партизанската песна „А бре Македонче“ со децении се злоупотребува преку измена на стиховите од навивачки групи за поттикнување омраза кон Албанците. Годинава, нејзината изведба од хорот на Националната опера и балет на одбележувањето на 11 Октомври, Денот на народното востание во Куманово, беше мета на бројни дезинформации за наводно бришење на стихот „клетите фашисти“. Дел од нив откриваме во оваа епизода на „Полиграф“, емитувана на ТВ Алсат М на 17.10.2022.
Уредникот на порталот „Лидер“, Љупчо Златев, во пост објавен на Фејсбук на 11 октомври 2022, споделува видео каде што со црвено се пречкртани зборовите „душманите клети“ Во објавата, Златев тврди:
„Оваа песна од кога е напишана и за прв пат испеана од Бадев, секогаш има “Клети фашисти” и ништо друго…“.
Но, тврдењата на Златев не ја поминуваат проверката на факти. „А бре Македонче“ не ја испеал прв пејачот Никола Бадев, туку била „испеана веднаш по првата акција на Првиот прилепски партизански одред во село Царевиќ, Прилепско“, есента 1941.
Не е точно ниту дека во песната „секогаш има “Клети фашисти” и ништо друго…“. А не е точно ни дека „Последниот стих во оригинал гласи – „Нека разберат клетите фашисти…“, како што тврдеа повеќе портали.
Релевантни извори, како историчарот Малковски и музикологот Трајковски, укажуваат дека оригиналната верзија на „А бре македонче“ била со стихот „Нека разберат денешните тирани“.
Во најстарите печатени примероци на песната во збирки уредени од Блаже Конески, првичниот стих „денешните тирани“ бил заменет со „крвави фашисти“. Изразот „крвави фашисти“ се среќава и во Меморијалниот музеј 11 октомври во Прилеп и во првиот македонски игран филм „Фросина“, од 1952 година.
Значи, тврдењето дека во песната „А, бре Македонче“ секогаш има “Клети фашисти” и ништо друго…“ е невистина. Првично, стихот ги содржел зборовите „денешните тирани“, а овој стих во минатото доживеал неколку измени.
Дезинформации за изведбата на песната „А бре Македонче“ на 11 октомври годинава беа проширени и од водителот Горан Момироски, во емисијата на ТВ Алфа ЗАСПИЈ АКО МОЖЕШ (11.10.2022):
„…власта и премиерот Ковачевски и протоколот што работи во организација на ова чествување во Куманово, решаваат, носат одлука, наредба, дека хорот што таму пее, не смее да го користи зборот фашисти клети, туку „клети душмани“.“
Овие тврдења ги демантираа Владата и Националната опера и балет:
„На настанот е користен автентичен аранжман чија хармонизација е правена од Драган Шуплевски, потврдена од Национална опера и балет и Сојуз на композитори. Хармонизацијата на аранжманот, според нашите сознанија, е правена во доцните седумдесетти, односно рани осумдесетти години”.
Всушност, изразот „душманите клети“ бил користен од хорови при пеење на оваа песна со децении пред овогодинешното одбележување на 11 октомври.
Тоа се гледа и од партитурата потпишана од Драган Шуплевски, познат хорски диригент кој починал во 2001.
Следствено, обвинувањата дека на одбележувањето на 11 октомври годинава се случила промена на „А бре Македонче“ со стихот „душманите клети“ – немаат фактичка основа. Како дезинформации ги оценуваме и тврдењата во повеќе медиуми дека зборовите „клетите фашисти“ во песната биле избришани, цензурирани, или намерно сменети од власта токму на овој 11 октомври.
И други влијателни медиуми ширеа дезинформации и непроверени шпекулации за наводно цензурирање на песната „А бре Македонче“ на чествувањето на 11 октомври.
На 12 октомври, Плусинфо објави наслов: СИ НЕМАЛ ЃАВОЛОТ РАБОТА, ПА НИ ГИ МЕНУВА ПЕСНИТЕ Цензурирана и „А бре Македонче“. Но, истиот ден, Плусинфо објави спротивен наслов: НЕ ПРАВЕЛЕ ЦЕНЗУРА, „ИСКОПАЛЕ“ ВЕРЗИЈА БЕЗ ФАШИСТИ? Владата и Хорот на НОБ отфрлаат вина за „А бре, Македонче“).
Плусинфо, како и повеќе други медиуми, шпекулираа дека е намерно избрана верзија на песната без зборот „фашисти“. Иако прифаќа дека песната имала повеќе верзии на текстот, Плусинфо прашува: „зошто е „избрана“ токму оваа верзија на Шуплевски, во која токму зборот „фашисти“ го нема?“
И порталот на Нова Македонија, во написот: Македонија крена востание против бугарскиот фашистички окупатор тврдеше: „мистериозно преку ноќ исчезна стихот „нека разберат клетите фашисти“ и доби нова верзија, овој пат „нека разберат, клетите душмани“.
Но, ваквите теории на заговори дека токму актуелната власт избрала верзија на „А бре Македонче“ без зборот „фашисти“ – не се поткрепени со факти.
На Youtube можат да се најдат повеќе поранешни изведби на „А бре македонче“ во кои не се спомнуваат „фашисти“, туку „душмани“. На пример, во старата изведба на македонскиот филхармониски оркестар во аранжман на Александар Џамбазов, не се пее за „фашисти“, туку за „душмани“.
Исто така, и Balkan Band & Komiti Skopje неодамна изведоа верзија на песната без зборот „фашисти“.
Како што известија медиумите, „клетите душмани“ а не „фашисти“ се пеело и на протестот пред владата на 25.04.2021, поддржан од раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
Затоа, без фактичка поткрепа е и реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ во која се тврди дека имало промена на стихови од песна од клетите фашисти во клетите душмани, и дека се „спроведува асимилација по бугарски диктат.“
Песната „А бре Македонче“ во историјата имала различни изедби, честопати без споменување на зборот „фашисти“. Во претходните јавни изведби, кога не се спомнувале „фашисти“ туку „душмани“, немало скандализирања или обвинувања за цензура. Токму затоа, крајно време е песната „А бре Македонче“ да престане да се злоупотребува – и од навивачи, и од медиуми, и од политичари.