ДАЛИ МЕДИУМИТЕ ТРЕБА ДА ВРАБОТАТ УРЕДНИЦИ ЗА ПРОВЕРКА НА ФАКТИ?

Пишува: АРТА ТАХИРИ

Уредниците на вести мора да отворат „четири очи“ за да не им се случи да бидат демантирани. Ова не зборува добро за медиумите и во голема мера го намалува нивниот кредибилитет кај публиката. Уредниците треба постојано да се консултираат со репортерите доколку имаат дилеми за вистинитоста на фактите, да не брзаат со објавување или да ги мотивираат да истражуваат други дополнителни извори.

Во 2018 година, кога бев во посета на САД како дел од Лидерската програма за меѓународни посетители (ИВЛП), во два весници од големо значење во светот, Њујорк Тајмс и Вашингтон пост, за прв пат се соочив со една нова позиција во медиумите: уредник за проверка на факти!

Но, и покрај овој факт, проверката на фактите е задача која систематски се спроведува во американските списанија како Тајм или Њујоркер, уште од почетокот на 20 век.

Во Северна Македонија како слоган ја имаме изреката „Фактите се тврдоглави, коментарите се слободни“. Додека мислењето дека „Секој има право да има погрешно мислење, но никој нема право на погрешни факти“, е цитат што му се припишува на издавачот и хуманист Бернард Манесу Барух.

Северна Македонија е една од оние земји каде објавувањето на непроверени вести во медиумите е секојдневие. Намерно не ја користиме формулацијата „лажни вести“, затоа што не само што е политички термин, туку е и контрадикторен. Не може една објава во медиум да биде истовремено и вест, и лажна вест.

Земјава отиде толку далеку со објавувањето на непроверени вести, коишто не се произведуваат само за внатрешна потрошувачка, туку и за „меѓународен пазар“, како што беше случајот со младите од Велес, кои влијаеа на претседателските избори во САД во 2016 година. Младите од овој град создадоа преку 100 веб страници со различни имиња, кои го фаворизираа поранешниот претседател Доналд Трамп и тоа го правеа за економски придобивки.

И во земјава, различни политички или деловни центри имаат намера да шират вести, кои не подлежат на процес на проверка од различни извори. Едноставно, сакаат да прават пропаганда или економски маркетинг!

И покрај извонредниот придонес што различните проекти го дадоа преку платформи кои имаат основна цел да ги проверат фактите во медиумските извештаи и истражувања, оваа задача е и на самите медиуми. Затоа, особено оние медиуми кои се сметаат за сериозни, професионални и одговорни, треба да се посветат на борбата против феноменот на медиумска манипулација.

Секако, финансиската состојба и кадровските капацитети не дозволуваат медиумите да ангажираат специјален уредник за проверка на фактите, но тоа не значи дека треба да прифатат како готово сè што ќе им се сервира. Добар новинар или уредник е оној, кој секогаш се сомнева во властите и информациите пласирани од нив.

Во отсуство на уредници што ќе ги проверуваат фактите преку различни форми и начини, преку истражување на разни документи или публикации (билтени, финансиски извештаи, научни трудови), следење на медиумските архиви и споредување на тековните изјави и податоци со претходните или следење на различни бази на податоци, проверката останува – задача на уредниците.

Тоа значи дека уредниците на вести, во кој медиум и да се, мора да ги отворат „четири очи“, за да не им се случи барем еднаш дневно да им бидат демантирани вестите. Ова не зборува добро за медиумите, бидејќи го намалува максимално нивниот кредибилитет кај публиката.

Ова подразбира дека уредниците мора постојано да се консултираат со репортерите и, доколку имаат дилеми за вистинитоста на фактите, да не брзаат со нивното објавување или да ги мотивираат новинарите да истражуваат други дополнителни извори. Ова е особено важи кога изворите се анонимни или неидентификувани. Не треба да се дозволи да се произведуваат вести врз основа на предвидувања, претпоставки или недоумици што може да ги имаат новинарите за одредени настани или прашања.

Особено внимание треба да се покаже при изработката на вести од статуси или објави на социјалните мрежи како Фејсбук, Твитер и слично, бидејќи фактот дека луѓето имаат голема слобода на нив, ги насочува да објавуваат и невистини и измами, кои ја збунуваат публиката.

Затоа, пред да се објавуваат вести или други медиумски содржини, за кои постојат дилеми од професионална или етичка природа, меѓу главниот уредник, уредниците и новинарите во редакцијата, треба да се води дебата со аргументи.

Често се случува брзината сериозно да ја наруши точноста на информациите, а со тоа и довербата на јавноста во медиумите.

(Авторката е уредник на вести во ТВ АЛСАТ)

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но  го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.