ЛОШ ЗАКОН, ВЕЧНИ РЕФОРМИ – КОЛКУ СЕ СУШТИНСКИ ИЗМЕНИТЕ ВО КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК ЗА ГОВОР НА ОМРАЗА?

Пишува: ЕЛЕНА МИХАЈЛОВА – СТРАТИЛАТИ

 

Говорот на омраза не е експлицитно дефиниран во Кривичниот законик на Северна Македонија. Тој e содржан во кривичните одредби со кои се забранува:

1) изложувањето на подбив на македонскиот народ и припадниците на заедниците;

2) предизвикувањето омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа;

3) ширењето на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем;

4) одобрувањето или оправдувањето на геноцид, злосторства против човештвото или воени злосторства по пат на информационен систем и посебно кога тоа одобрување или оправдување е сторено со намера за поттикнување на омраза, дискриминација или насилство против лице или група поради некоја нивна идентитетска карактеристика; и,

5) ширењето на идеи за супериорност на една раса над друга; пропагирање на расна омраза; или поттикнување на расна дискриминација.

Новите предлог-измени на Кривичниот законик ги вклучуваат и овие одредби. Како и да е, предложените измени се далеку од нивно консолидирање кое цели да ја зајакне правдата или ефикасноста на кривично-правното регулирање на говорот на омраза.

 

Измените на Кривичниот законик во делот на говорот на омраза не успеваат да ги адресираат:

  • Загриженоста на академската и експертската јавност за конкретните недостатоци на постоечкото кривично-правно регулирање на говорот на омраза што треба да се решат преку процесот на вистинска и соодветна реформа;
  • Континуираните забелешки и препораки на меѓународните тела и организации, кои ги истакнуваат конкретните недостатоци на кривично-правните одредби што се однесуваат на говорот на омраза;
  • Научниот развој, кој налага да се ажурира законот со етаблираните меѓународни стандарди кои даваат јасни насоки за кривично-правниот одговор на овој феномен;

 

Предложените измени, и покрај одредени корекции на одредбите (посоодветни наслови или казни и други дополнувања) ги задржуваат истите суштински недостатоци:

  • Формално-правната рамка за препознавање и санкционирање на говорот на омраза е расплинета (во премногу членови), непрецизна, и не дава јасна рамка за дефинирање и опфат на говорот на омраза, со што има и потенцијално негативно влијание врз развојот на судската практика.[i]
  • Широката листа на заштитени карактеристики во клучните одредби, во која повторно не се експлицитно наведени сексуалната ориентација и родовиот идентитет, придонесува кон одржување на еден општ концептуален проблем со разбирањето на говорот на омраза, кој не се фокусира на поттикнувањето на омраза и дискриминација против одредена идентитетска група, како што се етничките, верските или сексуалните малцинства.
  • Дополнително, повторното исклучување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет од експлицитно наведените заштитени карактеристики, и покрај тоа што сексуалните малцинства се исклучително виктимизирана група изложена на најмногу говор на омраза, како и натамошното инсистирање на нивна имплицитна заштита преку основот „маргинализирана група“ или низ „отворената листа“ на заштитени карактеристики, укажува на елементарни непознавања на концептот, како и на крајна малициозност во однос на заштитата на ЛГБТИ лицата.

Ваквите старо-нови одредби што ги одржуваат истите концептуални нејаснотии, каде говорот на омраза станува практично сѐ, а на крај (во праксата) ништо, би им оставиле премногу дискреција на нашите несовршени судови. Според тоа, ваквите одредби или воопшто не би се применувале (како и до сега), или истите би биле злоупотребени (на пример, за политички прогон на неистомисленици, или за навредите, кои не влегуваат во овој концепт).

Оттука, се наметнува потребата за замена на постоечките одредби со внесување на нова одредба во Кривичниот законик, со која јасно се инкриминира говорот на омраза. На овој начин, би се елиминирале недореченостите во разбирањето на говорот на омраза од страна на сите засегнати страни во кривично-правните постапки.

При нејзината изработка треба посебно да се води сметка за следново:

 

А) ОБЈЕКТ НА КРИВИЧНО ПРАВНАТА ЗАШТИТА

Кривичните дела за говор на омраза се сместени во различни глави од Законот, со што им се определени различни предмети на заштита. Тоа го усложнува нивното правно толкување. Така, на пример, „изложувањето на подбив на македонскиот народ и заедниците“ е сместено во групата на кривични дела против честа и угледот,[ii] „предизвикувањето омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторна основа“ е сместено во групата на кривични дела против државата;[iii] „предизвикувањето омраза и дискриминација по пат на информациски систем“ е дел од групата на кривични дела против јавниот ред;[iv] и конечно, „одобрувањето или оправдувањето на геноцид, злосторство на агресија, злосторства против човечноста или воени злосторства“ и „ширењето на идеи за супериорност на една раса над друга; пропагирање на расна омраза; или поттикнување на расна дискриминација“ се наоѓаат во групата на кривични дела против човештвото.[v]

Кривичните одговори на говорот на омраза се најчесто оправдани врз основа на заштита на јавниот ред или националната безбедност но, исто така, и заштитата на достоинството на сите луѓе без дискриминација.[vi] Новата одредба за говор на омраза би требало да го следи мнозинскиот пристап на државите и да биде дел од групата на кривични дела против јавниот ред.

Јавниот ред, покрај спречувањето на насилство (таа многу тесна смисла на „одржување на мирот“),   исто така го опфаќа интересот на општеството за помеѓу нас да се одржи соодветна смисла за општествениот и правниот статус еден за друг. Значи, дека постои исто така и подлабоко прашање на јавниот ред  – статусниот ред (dignitary order) на општеството. И за тоа е заинтересирано кривичното право.

Законите за говорот на омраза, во овој контекст, се поставени да го одбранат јавниот ред, не само со спречување на насилство, туку со спречување на напад на споделената смисла за основните елементи на сечиј статус, достоинство и репутација како граѓанин или член на општеството, особено против нападите базирани врз карактеристиките на некоја конкретна идентитетска група. Општеството има систематски и структурален интерес во обезбедување на ова јавно добро. Тие групни клеветења што ги прави говорот на омраза, доколку продолжат на широк фронт, би направиле да не може да се продолжи согласно основниот, но важен статус на граѓанство на членовите на некоја таква група.

 

Б) ЗАШТИТЕНИ КАРАКТЕРИСТИКИ

Прашањето на заштитените карактеристики е едно од клучните прашања кај говорот на омраза и кривичните дела од омраза.

Иако не постои прецизен одговор за тоа кои карактеристики треба да бидат вклучени, и одлуката треба да биде направена во согласност со потребите на секоја држава, сепак постојат определени фактори кои мора да бидат земени во предвид, а кои произлегуваат од самиот концепт на говор на омраза, како и од историскиот и моменталниот општествен контекст.

Говорот на омраза подразбира изразување на омраза за определена група. Тој се користи за да се навреди едно лице преку расната, етничката, религиската или друга група на која тоа лице и припаѓа (каква што се, на пример, сексуалните малцинства).

Таквиот говор генерално настојува да ја осуди или обесчовечи индивидуата или групата или да изрази гнев, омраза, насилство или презир кон нив. Тој носи порака за инфериорност на членовите на односната група, ги осудува, понижува, и е полн со омраза. Практично, сите расистички, ксенофобични, хомофобични, трансфобични, сексистички и други поврзани деклинации на идентитетско-напаѓачко изразување би можеле да се подведат под овој концепт.[vii] И, токму оваа порака би можела да се изгуби, доколку бројот на заштитени групи е преголем и доколку поимањето на тоа што всушност ја сочинува една група е прешироко.

 

Листата на заштитените карактеристики во клучните одредби (старо-новите членови 426 и 516) е широка и отворена листа, којашто вклучува одреден број на карактеристики што не се непроменливи и не се обележја на групниот идентитет (како, на пример, образование, политичка припадност, личен и општествен статус, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, итн.). Во исто време, таа експлицитно не ги наведува сексуалната ориентација и родовиот идентитет како заштитени карактеристики. Вака дефинираниот опсег на заштитени карактеристики внесува комплетна конфузија во концептот на говор на омраза, кој не отсликува ниту разбирање на историјата на опресија и дискриминација, како и на моменталните општествени проблеми во оваа смисла.

Во контекст на Северна Македонија, Ромите претставуваат група којашто често била виктимизирана и предмет на жесток говор на омраза. Друга група која е честопати мета на говор и дела на омраза е ЛГБТ популацијата. И етничката припадност и полот се високо на листата на заштитени карактеристики напаѓани со говорот на омраза. Следењето на меѓународните стандарди и предвидување на отворена листа на лични карактеристики или статус, во која изречно се наведени следниве заштитени карактеристики – „раса“, боја на кожа, јазик, религија или уверување, националност, етничко потекло, како и потекло по раѓање, попреченост, пол, родов идентитет и сексуална ориентација, целосно одговара на историскиот и општествениот контекст во РСМ.

 

В) НАМЕРА ЗА ПОТТИКНУВАЊЕ НА ОМРАЗА, НАСИЛСТВО, НЕПРИЈАТЕЛСТВО ИЛИ ДИСКРИМИНАЦИЈА

При формулирање на релевантната одредба за говор на омраза, треба да се посвети особено внимание на јасно дефинирање на околностите соодветни за изрекување на кривична санкција за одреден случај на употреба на говор на омраза.

Согласно стандардите и толкувањата на меѓународните судови и експертски тела (Европски суд за човекови права, Европска комисија против расизам и нетолеранција), овие околности се однесуваат на тоа дали (а) навистина постои намера за поттикнување на акти на насилство, заплашување, непријателство или дискриминација или (б) веројатност истите да бидат поттикнати.

Со вклучувањето на изразите застапување, промовирање или поттикнување, се овозможува да се изрече кривична одговорност како за употреба на говор на омраза чија единствена цел е поттикнување на извршување на акти на насилство, заплашување, непријателство или дискриминација, така и за употреба на говорот на омраза, од кој разумно може да се очекува дека ќе ги произведе споменатите последици.

Натаму, при формулирањето на релевантната одредба, исто така е од суштинска важност да се одбегне воведување на други услови за изрекување на кривична одговорност, дополнителни на претходно споменатите, а кои, на пример, би се однесувале на нарушување на јавниот ред, големината на публиката која го восприема говорот на омраза, или опфатот на распространетоста на предметниот говор на омраза. Ваквите услови можеби се релевантни за оценка на ризикот дали може разумно да се очекува поттикнување, но нивното одвоено конкретно наведување како елемент на кривична одговорност создава дополнителни пречки да се обезбеди осудителна пресуда.[viii]

Во оваа смисла, дискутабилна е целисходноста на промените на одредбата за негационизмот,[ix] која разликува негирање, минимизирање, одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства, „со кое е предизвикано вознемирување на јавноста или начинот на неговото извршување е особено заканувачки или навредлив“.

Г)  ФОРМИТЕ НА ИЗРАЗУВАЊЕ НА ГОВОРОТ НА ОМРАЗА

Други важни прашања при формулирањето на новата одредба се ФОРМИТЕ НА ИЗРАЗУВАЊЕ, при што е важно и експлицитно да се инкриминира јавно изречената расна (или друга идентитетска) навреда и клевета, како што на тоа посочува Европската комисија против расизам и нетолеранција.[x] Понатаму, прашањето на ЈАВНИОТ КОНТЕКСТ НА ИЗРАЗУВАЊЕТО и КАЗНИТЕ, кои може да бидат затворски, или парични казни, или пак заплена и губење на предметната публикација.

Покрај нивно генерално синхронизирано ублажување, во исто време се сугерира, при изрекувањето на казните, да се прибегнува и кон изрекување на мерка на општо-корисна работа, согласно членот 58-б(1), доколку се исполнети условите за тоа. Примери на извршување на одредени работи за лицата кои биле цел на говор на омраза или доброволна работа во невладини организации со сторителите согласно основата на омраза кон индивидуа или група, даваат поголеми резултати во процесот на реинтеграција и рехабилитација на сторителите, покрај изречената затворска или парична казна.[xi]

Дополнително на основното прашање за измена на кривично-правните одредби кои се однесуваат на инкриминирање на говорот на омраза, напорите за подобрување на кривично-правниот одговор на расизмот и расната нетолеранција бараат адресирање на прашањето на расистичките организации.

Како што посочува Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) во својот последен извештај за РСМ, во Кривичниот законик не постои одредба со која се инкриминира формирањето или водењето на група заради промовирање на расизам; помагање на таква група и учество во нејзините активности. Имено, властите сметаат дека формирањето на расистичка организација и учеството во извршувањето на нејзините активности е инкриминирано со членот 394 од Кривичниот законик со кој се забранува и казнува формирањето на криминални групи, а во врска со членот 319 од Кривичниот законик. Меѓутоа, како што сугерира и ЕКРИ, потребно е постоење на засебни дела поврзани со расизмот и во овој контекст и воведување на нов член „Расистичка организација“.

Борбата со говорот на омраза, пред сè, подразбира добри правни правила, кои треба да им овозможат на многу несовршените судови да ги потврдат прекршувањата на законот и да им кажуваат што да прават кога се случуваат такви прекршувања. Дополнително, иако кривичните санкции за сериозни случаи на употреба на говор на омраза се пожелни сами по себе, таквите мерки исто така ја имаат дополнителната корист да ја нагласат неприфатливоста на говорот на омраза во едно демократско општество. Затоа не треба да се дозволи ваквата корист да се намали со несоодветна, односно, недоволна квалификација на оспорениот вид на однесување.[xii]

Конечно, само преку директно и осмислено учество на сите органи на кривичниот судски систем, на граѓанското општество и маргинализираните и малцинските групи, а посебно и пред сѐ, на квалификуваната научна и стручна јавност во процесот на измени на кривичното законодавство за спречување и борба против говорот на омраза, ќе се придонесе за зголемување на општото разбирање на различните фактори во контекстот на говорот на омраза, за зголемување на довербата и поседување на усвоено законодавство што е во хармонија со стандардите постигнати на меѓународно ниво, и конечно, за подобрување на неговото спроведување.

(авторката е професор по меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје)

Референци:

[i] Види исто и во Бела книга за состојбата со говорот на омраза во Република Македонија, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, стр. 11. Достапно на: Bela_kniga_mk.pdf (mhc.org.mk)

[ii] Постоен член 179 (глава 18) Излагање на подбив на македонскиот народ и припадници на заедниците: „Тој што со намера за исмејување јавно ќе ги изложи на подбив македонскиот народ и припадниците на заедниците кои живеат во Република Македонија, ќе се казни со парична казна.“

Нов предлог-член 239 (глава 21) Изложување на подбив: „Тој што со намера за исмејување јавно ќе ги изложи на подбив македонскиот народ и зедниците кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите заедници во Република Северна Македонија, ќе се казни со парична казна.“

[iii] Постоен член 319 (глава 28) Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа:                                                                                                                              „(1) Тој што со присилба, малтретирање, загрозување на сигурноста, излагање на подбив на националните, етничките, верските и други симболи, со палење, уништување или на друг начин оштетување на знаме на Република Македонија или знамиња на други држави, со оштетување туѓи предмети, со сквернавење споменици, гробови или на друг дискриминаторен начин, непосредно или посредно, ќе предизвика или ќе разгори омраза, раздор или нетрпеливост врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, или на која било друга основа предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од една до пет години.                                                                                                                                (2) Тој којшто делото од ставот (1) на овој член го врши со злоупотреба на положбата или на овластувањето или ако поради тие дела дошло до безредие и насилства спрема луѓе или до имотна штета од големи размери, ќе се казни со затвор од една до десет години.“

Нов предлог-член 426 (глава 31) Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа:

„(1)Тој што со присилба, малтретирање, загрозување на сигурноста, излагање на подбив на националните, етничките, верските и други симболи, с­­­­о палење, уништување или на друг начин оштетување на знаме на Република Северна Македонија или знамиња на други држави, со оштетување туѓи предмети, со сквернавење споменици, гробови растурање на написи, слики или други матерјали или на друг начин, непосредно или посредно, јавно предизвикува или разгорува омраза, раздор или нетрпеливост врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, или на која било друга основа предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од една до пет години.

(2)Тој којшто делото  од  ставот (1) на овој член  го  врши  со  злоупотреба  на положбата или на овластувањето или ако поради тие  дела  дошло  до безредие и насилства спрема луѓе или до имотна штета од големи размери, ќе се казни со затвор од една до десет години.

[iv] Постоен член 394-г (глава 33) Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем:                                                                                                                                                                                                   „(1) Тој што преку компјутерски систем во јавноста шири расистички и ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија која помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, или на која било друга основа предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од една до пет години.                                                                                                         (2) Со казната од ставот (1) на овој член ќе се казни и тој што делото ќе го стори преку други средства за јавно информирање.                                                                                                                                                                        (3) Тој што делото од ставовите (1) и (2) на овој член го врши со злоупотреба на положбата или на овластувањето или ако поради тие дела дошло до безредие и насилства спрема луѓе или до имотна штета од големи размери, ќе се казни со затвор од една до десет години.“

Нов предлог-член 516 (глава 36) Предизвикување омраза и дискриминација по пат на информациски систем:

„(1) Тој што преку информациски систем во јавноста шири пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија која помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, или на која било друга основа предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од една до пет години.

(2)Со казната од ставот (1) на овој член ќе се казни и тој што делото ќе го стори преку други средства за јавно информирање.

(3) Тој што делото од ставовите (1) и (2) на овој член го врши со злоупотреба на положбата или на овластувањето или ако поради тие дела дошло до безредие и насилства спрема луѓе или до имотна штета од големи размери, ќе се казни со затвор од една до десет години.

(4) Со казната од ставот (3) на овој член ќе се казни тој што организира или води група од три или повеќе лица за извршување на делото од ставот (1) на овој член.

(5)Припадникот на групата од ставот (4) на овој член ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.“

[v] Постојни членови 407-а и 417 (глава 34):

Одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства    Член 407-а                                                                                                                                                                                                                „(1) Тој што по пат на информационен систем јавно ги негира, грубо ги минимизира, ги одобрува и оправдува делата од членот 403 до 407, ќе се казни со затвор од една до пет години.                                                               (2) Ако негирањето, минимизирањето, одобрувањето или оправдувањето е сторено со намера за поттикнување омраза, дискриминација или насилство против некое лице или група на лица поради нивната раса, боја на кожа, националност, етничко потекло, религија или уверување, ментална или телесна попреченост, пол, родов идентитет, сексуална ориентација и политичко уверување, сторителот ќе се казни со казна затвор најмалку четири години.“

Расна дискриминација                                                                                                                                                                   Член 417 (3) „Тој што шири идеи за супериорност на една раса над друга или пропагира расна омраза или поттикнува на расна дискриминација, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.“

Нови предлог-членови 138 и 161 (глава 14)

Одобрување или оправдување на геноцид, злосторство на агресија, злосторства против човечноста или воени злосторства                                                                                                                                                          Член 138                                                                                                                                                                                                         “(1) Тој што јавно ги негира, грубо ги минимизира, ги одобрува или оправдува делата од членот 131 до 137, ќе се казни со затвор од една до три години.                                                                                                                     (2) Ако делото од ставот (1) на овој член е сторено на начин со кој се поттикнува на омраза, дискриминација или насилство против некое лице или група на лица поради нивната раса, боја на кожа, националност, етничко потекло, религија или уверување, ментална или телесна попреченост, пол, родов идентитет, сексуална ориентација и политичко уверување, или ако со делото е предизвикано вознемирување на јавноста или начинот на неговото извршување е особено заканувачки или навредлив, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години.                                                                                                                                (3) Со казната од став (1) на овој член ќе се казни и тој што јавно одобрува, грубо минимизира, оправдува или негира дело утврдено со правосилна осуда од домашен или меѓународен суд.“

Расна дискриминација                                                                                                                                                          Член 161 (2) „Тој што шири идеи за супериорност на една раса над друга или пропагира расна омраза или поттикнува на расна дискриминација, ќе се казни со затвор од  три месеци до три години.“

[vi] Па така, инкриминациите на говорот на омраза се најчесто дел од кривичните дела за заштита на јавниот ред, но не е невообичаено и да се сретнат во рамките на делата за заштита на државата, или во делот за воени злосторства и злосторства против човештвото.

[vii] Елена Михајлова, Говорот на омраза и културната различност, Темплум, Скопје, 2010, стр. 50-51.

[viii] ECRI GENERAL POLICY RECOMMENDATION NO. 15 ON COMBATING HATE SPEECH ADOPTED ON 8 DECEMBER 2015. 16808b5b01 (coe.int)

[ix] Нов предлот – член 138 (2)

[x] Извештај на ЕКРИ за „Поранешна Југословенска Република Македонија“ (петти круг на мониторинг), усвоен на 18 март 2016 година, стр. 11, достапно на: ECRI_report_FR (coe.int);

[xi] Види, исто, и во Бела книга за состојбата со говорот на омраза во Република Македонија, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, стр. 11. Достапно на: Bela_kniga_mk.pdf (mhc.org.mk)

[xii] ECRI GENERAL POLICY RECOMMENDATION NO. 15 ON COMBATING HATE SPEECH ADOPTED ON 8 DECEMBER 2015. 16808b5b01 (coe.int)

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но  го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.